Македонија
Празничен возен ред на ЈСП

Утре, 31 декември (вторник), автобусите од јавниот превоз ќе сообраќат по делничен зимен возен ред. Ноќните линии на 31 декември према 1 јануари (среда) ќе сообраќаат по возен ред како во сабота према недела.
На 1 јануари (среда) автобусите од јавниот превоз ќе сообраќаат по неделен зимен возен ред.
Од 2 јануари (четврток), поради зимскиот училиштен распуст, возниот ред ќе биде редуциран до завршување на распустот на учениците.
На 6 јануари (Бадник, понеделник) и 7 jануари (Божиќ, вторник) автобусиите ќе сообраќаат по неделен зимен возен ред.
Возен ред на линиите 25 (Транспортен центар-Средно Водно), 25А (Автомакедонија-Средно Водно) и 25Б (Дом на печат-Средно Водно)
На 6 јануари (Бадник, понеделник) линија 25 ќе сообраќа по делничен зимен возен ред.
Линиите 25А и 25Б нема да сообраќаат.
На 7 јануари (Божиќ, вторник) сите три линии ќе возат по неделен зимен возен ред.
Жичницата на Водно нема да работи на 31 декември (вторник), со оглед на тоа дека секој понеделник и последен вторник во месецот се врши редовен сервис на објектот.
На 1 јануари (среда), жичницата ќе работи од 11 до 17 часот, а отворена за посетители од 10 до 17 часот ќе биде на Бадник (6 јануари, понеделник) и Божиќ (7 јануари, вторник).
На 1, 6 и 7 јануари дежурни ќе бидат билетарниците на Транспортен центар, Зелен пазар и во Ѓорче Петров.
На 1 јануари сите три билетарници ќе работат од 10 до 18 часот.
На Бадник (6 јануари, понеделник) и Божиќ (7 јануари, вторник) билетарницата во Ѓорче Петров ќе работи од 7 до 13 часот, а билетарниците на Зелен пазар и Транспортен центар од 7 до 19 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бизнисменот Асмир Јахоски нуди еден милион евра гаранција да излезе од притвор

Бизнисменот Асмир Јахоски понудил еден милион евра гаранција за да излезе од притвор. Тој е осомничен за перење пари. Обвинителството соопшти дека ќе ја прифати гаранцијата ако на посебна сметка на судот Јахоски депонира дополнителни 72.000.000 денари.
„Во мислењето јавниот обвинител истакна дека предлогот на осомничениот за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60.672.235 денари може да биде основан само ако осомничениот во исто време на посебна сметка на судот дополнително депонира и износ од 72.000.000 денари. Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага Обвинителството, износот од 72.000.000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист на овој осомничен, од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување“, се наведува во соопштението.
Исто така, јавниот обвинител побарал од судот на осомничениот да му бидат определени и мерки на претпазливост, и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавува на определено службено лице или надлежен државен орган и привремено одземање на патната или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.
„Притоа, обвинителот ги имаше предвид и списите во предметот, како и фактот дека Обвинителството во меѓувреме обезбеди поголем дел од материјалните и вербалните докази, со што значително е намален ризикот дека тој би можел да ги скрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци. Во согласност со даденото мислење, само со определување на сите погоренаведени мерки, Обвинителството ќе смета дека се исполнети условите за укинување на претходно изречената мерка притвор“, велат од Обвинителството.
Македонија
РЕК „Битола“ ги уверува граѓаните дека квалитетот на воздухот не е нарушен

Во врска со неодамнешните реакции во јавноста за наводите за несоодветно одлагање на пепелта во РЕК „Битола“, АД ЕСМ, подружница РЕК „Битола“, ја информира јавноста за преземените мерки и за континуираните напори за еколошки одговорно работење.
Од таму додаваат дека иако присуството на прашина при поинтензивен ветер е позната појава во изминатите децении поради специфичниот процес на производство, транспортот и одлагањето на пепелта преку 3,7-километарска лента, РЕК „Битола“ активно работи на нејзино минимизирање.
Појаснуваат дека пепелта, како нуспроизвод од производството на електрична енергија, се третира со континуирано навлажнување, проследено со одлагање и засипување со земја.
„Сепак, високите температури и ветерот може да доведат до сушење на површинскиот слој и евентуално подигнување прашина при нејзиното спуштање во касетата.
На 26 март 2025 година Државниот инспекторат за животна средина изврши надзор на одлагалиштето за пепел во РЕК „Битола“. При увидот беше констатирано присуство на поголеми количини пепел, кои отстапуваат од пропишаните во главниот рударски проект за што беше издадено задолжение во рок од 30 дена количините да бидат соодветно одложени и посипани со земја. Инспекторатот не изрече санкции, што укажува на препознавање на напорите на комбинатот за решавање на ова прашање.
Со задоволство информираме дека денес на одлагалиштето што беше предмет на инспекцискиот надзор нема ниеден грам пепел. Целата количина е одложена, а теренот е целосно посипан со земја.
Во насока на долгорочно решение веќе е извршено планирање и поместување на транспортната лента, со што од 25 април одлагањето на пепелта ќе продолжи директно во касета. Водните топови за дополнително навлажнување ќе бидат ставени во функција веднаш по поместувањето на лентата. Дотогаш попрскувањето на одложената пепел се врши континуирано со специјални средства и цистерна“.
Дополнително, како што велат, ги споделуваат и резултатите од мерењата на амбиенталниот воздух спроведени од страна на акредитираната лабораторија „Технолаб“ од Скопје.
„Во согласност со добиените податоци, констатирано е дека во испитуваниот период не е надмината 24-часовната гранична вредност за заштита на човековото здравје за концентрацијата на суспендирани цврсти честички PM 10 во согласност со уредбата за граничните вредности за нивоата и видовите загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух (‘Сл. весник на РМ’ бр. 50/2005 и 183/2017).
Актуелното раководство на РЕК ‘Битола’ е целосно посветено на справување со долгогодишните проблеми и обезбедување одржливо работење на комбинатот според највисоките еколошки стандарди. Ќе продолжиме транспарентно да ја информираме јавноста за сите наши активности во оваа насока“, нагласуваат во соопштението.
Македонија
Одвоени средби на Муцунски со Ал Тани и Буршаков: нагласена потребата од продлабочување на економските и трговските односи

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на одвоени средби ги прими вршителот на должност во катарската амбасада во Скопје, Шеик Јасим бин Хамад Ал Тани, и амбасадорот на Република Казахстан во Скопје, Сатибалди Буршаков.
На средбата со вршителот на должност во амбасадата на Катар во Скопје, Шеик Јасим бин Хамад Ал Тани, беа потврдени традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји, при што беше нагласена заедничката заложба за динамизирање на политичкиот дијалог и размена на посети на високо ниво. Во делот на билатералната соработка, соговорниците ја истакнаа потребата од продлабочување на економските и трговските односи, како и од зголемување на обемот на катарски гринфилд и браунфилд директни инвестиции во нашата земја.
На средбата со амбасадорот на Република Казахстан во Скопје, Сатибалди Буршаков, соговорниците констатираа дека билатералните односи помеѓу двете земји се добри, при што ја нагласија потребата од нивно понатамошно продлабочување, особено во економската сфера, како и зајакнување на севкупната билатерална соработка во иднина. Беше изразено и заедничко задоволство од досегашната одлична соработка на мултилатерален план и меѓусебната поддршка на кандидатури во рамки на меѓународните организации. Министерот Муцунски и амбасадорот Буршаков разменија мислења и за други актуелни прашања од заемен интерес, изразувајќи уверување дека добрата соработка меѓу двете земји ќе продолжи со засилен интензитет.