Регион
Бугарски политичар: Која е цената на бакнежот со Трамп?

Купувањето американски авиони Ф-16 е цената што Бугарија ја плати за посетата на својот премиер Бојко Борисов на Белата куќа, изјави лидерот на бугарската партија АБВ, Румен Петков.
„Слабо се подготвивме за состанокот: да им дадевме уште две милијарди, тие (Борисов и Трамп) ќе се бакнеа и в уста. Сфаќате дека е навредливо и грдо да платите две милијарди лева за авиони што треба да ги чекате? Цел свет ни се смее. Плаќаме авиони што ќе бидат произведени во фабрика што сè уште не постои“, изјави Петков за „Телевизија Европа“.
Тој смета дека САД се стратешки партнер на Бугарија и земјите мора да имаат добри односи со нив, но не на штета на благосостојбата на Бугарија. Софија исто така не треба да избира меѓу односите со САД и со Русија, рече тој.
„Ако тежнееме кон тоа некој да нè тапка по рамото, а притоа некој друг да нè гледа лошо, тоа е криминално однесување. Бугарија беше членка на Варшавскиот пакт, ни тоа никогаш не влијаеше на нејзините односи со Сојузна Република Германија или со Велика Британија“, истакна Петков.
Петков повеќепати го критикуваше купувањето американски ловци. Тој претходно ги спореди авионите со скапи правосмукалки и ја обвини владата за склучување договор кој е во спротивност со националните интереси на Бугарија.
И бугарскиот претседател Румен Радев ја критикуваше процедурата за избор на нови ловци. Во јули шефот на државата го блокираше ова купување, но една недела подоцна неговото вето беше надгласано со мнозинство гласови во парламентот.
Во август бугарското Министерство за одбрана целосно исплати осум авиона. Нивната вредност е речиси 1,26 милијарди долари, а ќе бидат испорачани кон крајот на 2023 и 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Силен земјотрес во близина на Крит: ги вознемири жителите на островот

Силен земјотрес денес го погоди подрачјето во близина на брегот на Крит.
Епицентарот на земјотресот се наоѓа 31 километар источно-североисточно од Закрос на овој остров, објавува грчкиот „Прототема“.
Земјотресот се случил во 20:46 часот по грчко време, а сеизмичкиот потрес имал јачина од 5 степени според Рихтеровата скала, според Геодинамичкиот институт.
Длабочината на која се наоѓал епицентарот на земјотресот била 7,8 километри, објавуваат медиумите.
Регион
(Видео) Невреме во Србија: превртен камион, откорнати дрвја, поплавени улици

Силно невреме, проследено со јак ветер и дожд, денес зафати делови од Србија.
Само во Белград, ветерот собори дрвја и гранки на повеќе од 50 локации.
На социјалните мрежи беа објавени бројни видеа од паднати дрвја и скршени гранки.
Силниот ветер што дуваше во Нови Сад собори дрво.
Силен ветер дуваше и во Белград, а повремено имаше врнежи проследени со грмотевици.
Силна бура го погоди и Зрењанин.
Ветрот кршеше гранки од дрвјата, а поради дождот, водата остана на патиштата.
Налети на ветер превртеа камион кај Зрењанин, според написите во медиумите од регионот.
Регион
(Видео) Големо невреме во Загреб, ветерот крши ролетни, урива дрвја

Голема промена на времето пристигна во Хрватска. Бура го погоди Загреб околу 10 часот наутро. Како што известуваат хрватските медиуми, ветерот дува силно и ги кине ролетните на куќите. Грми, врне и дува силно во целиот град.
Портокалова тревога е во сила за регионите Славонија, Истра, Кварнер и во Далмација, а жолта тревога е во сила за остатокот од Хрватска.
Температурите во делови од земјата ќе паднат за повеќе од 10 степени во споредба со вчера.