Македонија
(Видео) Пендаровски им посака мирна и успешна мисија на припадниците на АРМ надвор од државата

Претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, во пресрет на новогодишните празници имаше видеоконференциска врска со припадниците на Армијата, кои учествуваат во мисии надвор од нашата држава.
Припадниците на македонските контингенти коишто се дел од меѓународните мировни операции „Одлучна поддршка“ во Исламска Република Авганистан, УНИФИЛ во Република Либан и АЛТЕА во Босна и Херцеговина го информираа претседателот Пендаровски за моменталната состојба и ги презентираа нивните активности во рамки на мисиите, изразувајќи подготвеност и во иднина да продолжат стручно, одговорно и посветено да ги извршуваат своите должности.
Пендаровски го нагласи исклучително важниот придонес на припадниците на Армијата во меѓународните мисии, како потврда за нашата активна вклученост во колективниот систем за безбедност. Претседателот истакна дека со професионалното и мотивирано извршување на нивните задачи, учесниците во меѓународните мировни операции во континуитет се докажуваат како рамноправен партнер на НАТО-сојузниците, придонесувајќи нашата земја да стане 30-та рамноправна членка на НАТО-алијансата. Според претседателот Пендаровски, малку области во нашата земја можат да кажат дека се на европско или светско ниво, како што е случајот со нашата Армија.
„Ако ги гледаме сите реформи што се направени, од 90-тата до денес, во вашиот дел, во делот на Армијата, а надворешните мисии се круцијален дел од тоа, имаме далеку најдобри реформи. Ниту една друга област во државата не може да се мери со реформите што се направени во вашата област и неспорно е дека припадниците на Армијата поставија највисоки можни критериуми“, порача претседателот Пендаровски.
Честитајќи ги претстојните празници со желби за здравје, мир и благосостојба, претседателот Пендаровски им посака успешна и мирна мисија на припадниците на Армијата, како и најважното, безбедно враќање дома, кај своите најблиски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Извршен е увид на местото на сообраќајната несреќа во која загинаа три лица

Извршен е увид на местото на сообраќајната несреќа што синоќа се случи на патот Кичево – Гостивар во која загинаа три лица, а осум беа повредени.
Државното јавно обвинителство утринава соопшти дека од местото на несреќата подигнати се траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телата на починатите се дадени на обдукција и дадена е наредба за испитување на евентуално присуство на алхокол или други супстанции кај повредените.
– По насоки на јавниот обвинител продолжуваат да се преземаат и други дејствија, информираат од Јавното обвинителство.
Македонија
Со протестен марш на семејствата, ќе се бара правда за настраданите во пожарот во Кочани

Во Кочани за денеска во 12:05 часот е најавен нов протестен марш на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Ова е трет протестен марш што го одржуваат семејствата на настраданите по последниот одржан на 12 април.
Протестниот марш ќе започне од Градскиот парк во Кочани и ќе продолжи кон Општината и Министерството за внатрешни работи.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица од кои тројца за време на лекувањето во странство, а 193 беа повредени. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер. Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица.
Македонија
Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден

Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден – 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.
Двата најважни празници во христијанството се Божиќ и Велигден, денот на раѓањето и денот на воскресението на Исус Христос. Датумот на Божиќ е утврден – тоа е 25 декември, и во јулијанскиот и во грегоријанскиот календар.
Велигден, пак, секоја година паѓа на различен датум, што многумина збунува. Иако секогаш се слави во недела, правилата за одредување на датумот на овој празник не се едноставни – тие вклучуваат астрономија, математика и вековна црковна традиција.
По годинашното совпаѓање, догодина православната и римокатоличката црква, повторно различно ќе го слават Велигден. Православните верници Воскресението Христово во 2026 година ќе го одбележат на 12 април, а католичките една недела порано на 5 април.
Последното славење на Велигден на ист ден беше во 2017 година, а следното ќе биде на 16 април 2028.