Економија
Општина Аеродром го изгласа буџетот за 2020 година

Советот на Општина Аеродром на последната седница го изгласа буџетот за 2020 година во износ од речиси 22 милиона евра.
Градоначалникот Златко Марин во образложението на новиот буџет посочи дека Општина Аеродром во 2020 година ќе се фокусира на подобрување на условите во образованието, спортот, грижата за младите и за ранливите категории.
Во буџетот се предвидени средства за изградба на нова детска градинка, за проширување на капацитетите на ООУ „Лазо Ангеловски“ со 4 нови училници и за реконструкција на спортската сала во ООУ „Димитар Македонски“. Во сите училишта ќе се постават фотоволтаици како еколошки извори на енергија и ќе се санираат објектите на училиштата и градинките, а во две училишта ќе се изградат лифтови за деца со посебни потреби. Исто така, ќе се набават паметни табли и друга современа ИКТ-опрема за сите училишта, спортска облека за учениците од спортските клубови во сите училишта и нова опрема за спортските сали. Во 2020 година ќе се изградат и 20 нови детски игралишта.
Субвенциите за новороденчиња ќе се зголемат од 5.000 на 8.000 денари, за секое прваче ќе се доделуваат по 3.500 денари, за најдобрите спортисти по 10.000, а ќе се покријат трошоците за обезбедување на училиштата и за ученичките униформи. Уште една новина што ќе се воведе во 2020 година е доделување субвенции за топол оброк за сите ученици. Финансиски ќе се поддржат здруженијата на граѓани за проекти што ја поттикнуваат грижата за животната средина и за социјално згрижување деца, а ќе се ангажираат и асистенти за ученици со посебни образовни потреби и асистенти по физичко образование за ученици од трето до петто одделение.
Една од главните ставки предвидени во буџетот в година е заштита на животната средина и повеќе мерки за намалување на аерозагадувањето, за што се обезбедени дополнителни 27,7 милиони денари. Притоа, ќе се продолжи и со доделување субвенции за велосипеди, инвертер-клими и за чистење оџаци, како и за обнова на блоковското зеленило. Исто така, во програмата за паркови и зеленило се предвидени средства од 70 милиони за изградба на три нови парка во Мичурин, Стар Аеродром и во Острово.
Во делот на инфраструктурата во буџетот се испланирани средства за санирање на сервисните улици во урбаниот дел, за довршување на комуналната инфраструктура околу новите згради и за изградба на нови пристапни улици, за поставување нови линии за осветление, за реконструкција на краците на водоводната мрежа во Долно Лисиче и на фекалната канализација во Горно Лисиче, како и за нова атмосферска канализација.
За увид на јавноста, буџетот е достапен на официјалната веб-страница на Општинатa.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 % во однос на одлуката од 6.10.2025 година.
Од 14.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,661 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,001 ден/кг и сега изнесува 36,661 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 3,358% и кај дизелот за 2,566%, кај екстра лесното масло за 2,450% и кај мазутот намалувањето е за 0,645%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5110%.
Економија
Халкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит

Халкбанк АД Скопје им овозможува на своите клиенти нова можност да ги реализираат своите желби и планови под поволни услови, преку промотивната понуда за Промо потрошувачки кредит, со фиксна каматна стапка за целиот период на отплата.
Новиот производ на Халкбанк е со максимален износ до 2 500 000 денари, со можност за отплата до 120 месеци, и камата што останува непроменета во текот на целиот период на отплата. За кредити со рок до 95 месеци, каматната стапка изнесува 5% фиксна, а за кредити со рок до 120 месеци – 5,7% фиксна, со вклучено осигурување (CPI или Живот + Незгода).
Кредитната способност за вработени лица изнесува до 50% од месечните примања, додека пензионерите можат да користат кредит до 600 000 денари, по фиксна камата од 5%, со рок на отплата до 120 месеци, и кредитна способност до 40% од износот на пензијата.
Покрај поволните услови, Промо потрошувачкиот кредит овозможува висок степен на заштита и сигурност, благодарение на вклучените осигурителни полиси за случај на несреќа, боледување или невработеност, издадени од Халк Осигурување АД Скопје или Триглав Осигурување – Живот АД Скопје.
Со вкупна стапка на трошок (СВТ) од 5,78% за кредити со рок на отплата до 95 месеци и 6,53% за кредити до 120 месеци, оваа промотивна понуда претставува една од најповолните и најсигурни можности на пазарот за реализација на лични цели и финансиски планови.
Промоцијата е со важност до 30 ноември 2025 година.
(ПР)
Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.