Македонија
ССНМ ги осудува заканите кон екипата на ИРЛ
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро ги осудува заканите кон новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија испратени во последните неколку дена.
Според пријавата до ССНМ, заканите биле упатени кон новинарката на ИРЛ Маја Јовановска веднаш по објавувањето на сторијата во која се истражувани постапките при градежните активности во населбата Тафталиџе во Скопје. Јовановска на својот телефон добила низа пораки од бизнисменот Зоран Азманов, во кои тој се обидува да „изигрува уредник“ и да и` дава насоки како требало да се пишува за градежните активности.
Според колегите од ИРЛ, тој продолжил со заканувачки и клеветнички пораки и по реакцијата на главната и одговорна уредничка на ИРЛ, Сашка Цветковска, која на Азманов му посочила дека несоодветно се однесува, дека врши притисок и го упатила ако има забелешки да ги достави до новинарските здруженија. Освен пораките од Азманов, Јовановска добивала и повици од непознат број при што ѝ биле пуштани звуци од експлозија.
ССНМ го повикува Министерството за внатрешни работи, како и другите соодветни институции да ги преземат сите соодветни мерки за пронаоѓање на сопственикот на телефонскиот број, како и да го повикаат бизнисменот Азманов да објасни зошто испраќал недолични пораки, закани и клевети кон новинарката.
ССНМ смета дека безбедноста на новинарите е од исклучително значење за демократските процеси во Македонија и дека без решавање на ваквите случаи новинарите и медиумските работници нема да можат да работат слободно и професионално.
Ова е втор случај оваа година на новинар на ИРЛ да добива закани. Претходно во јуни 2019 година новинарот Давид Илиевски исто така телефонски добиваше закани по живот за објавена истражувачка сторија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

