Македонија
Антикорупциска побара од институциите да ги почитуваат забраните утврдени во Изборниот законик и Законот за спречување корупција
Од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори на пратеници во Собранието, сè до изборот на Владата, задолжително да се почитуваат забраните утврдени во членот 8-а и 8-б од Изборниот законик и во членот 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, порача Државната комисија за спречување на корупцијата до министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва и други институции основани од државата, како и јавноста.
Во претстојниот период на спроведување на активностите поврзани со постапувањето на Владата за спроведување избори за пратеници, како и за времетраење на изборниот процес, Државната комисија за спречување на корупцијата, согласно одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси нема законски основ да дава мислења по доставени барања поврзани со начинот на постапување на министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторните тела, трговски друштва и други институции основани од државата.
ДКСК ги известува сите институции дека нема да се произнесува со свое мислење на поединечни доставени барања и воедно ги повикува институциите да ги почитуваат забраните утврдени во Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси во текот на изборниот процес.
„Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува законот ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување“, информираат од ДКСК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.

