Топ
Кавадарчанец заврши во притвор – му се заканувал на градоначалникот дека ќе плати со крв и месо

Кавадарчанец заврши во осумдневен притвор поради закани упатени кон градоначалникот и неговото семејство. Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против 40-годишниот кавадарчанец, кој во изминатите неколку месеци ја загрозил сигурноста на градоначалникот на Кавадарци и неговото семејство. Постапката е поведена за загрозување на сигурноста од член 144, став 4 и насилство од член 386, став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопшти Обвинителството, во текот на неколку месеци, почнувајќи од август до 29 декември 2019 година, осомничениот во повеќе наврати психички ги малтретирал и навредувал градоначалникот на Кавадарци и неговото семејство, со што кај нив предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Психичкото насилство почнало со закани и објавување статии со клевети и навреди на социјалните мрежи.
„Осомничениот повикувал и други лица користејќи се со повици во кои се содржат зборови од насилна природа. Тој континуирано ги следел оштетениот и неговото семејство, ја фотографирал куќата во која тие живеат и преку нивни роднини им упатувал сериозни закани.
Ваквото однесување на осомничениот било пријавувано во Полициската станица Кавадарци, од каде што неколкупати бил опоменуван, но и покрај тоа, продолжил да врши психичко насилство и да ја загрузова сигурноста на оштетениот. Насилството кулминирало вечерта на 28 декември кога осомничениот, поради фотографирање на домот на градоначалникот, бил повикан во полициската станица, а во негово име на оштетениот телефонски му се јавило друго лице упатувајќи му сериозни закани.
Заканите продолжиле и од страна на осомничениот упатени преку социјални мрежи, во кои тој повикува градоначалникот да плати со крв и месо. Ваквите закани го исполнуваат битието од кривичното дело – загрозување на сигурноста, бидејќи со заканата упатена преку информатички систем осомничениот се заканува дека ќе стори кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку 5 години. Со психичко малтретирање на градоначалникот и на членовите на неговото семејство, кај кои предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв, осомничениот ги исполнил елементите на кривичното дело насилство.
Јавниот обвинител, кој постапува по предметот, оцени дека се исполнети законските основи, како и дека постои можност осомничениот да го повтори делото или да го изврши делото со кое се заканува, па во насока на непречено водење на кривичната постапка до Основниот суд Кавадарци поднесе предлог за определување на мерката притвор. Судот го прифати предлогот на Обвинителството и на осомничениот му е определен притвор во траење од 8 дена“, соопшти Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.
Македонија
(Видео) Филипче до Мицкоски: Или сфати дека си избран да ја водиш државата или да си одиш

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавите на премиерот Мицкоски, порача дека премиерот треба да престане со спинови и да почне да се соочува со реалните проблеми во државата.
„Премиерот треба да престане да спинува. Има сериозни економски проблеми и прашања на кои треба да одговори. Кога човек нема што да каже, кога нема со што да се пофали – ниту проект, ниту добра прогноза за земјата – тогаш забегува кон вакви некакви лаги,“ изјави Филипче.
Тој додаде дека владата се соочува со сериозна економска стагнација и дека тоа го потврдуваат и меѓународните институции.
„Нема раст, има пад на просечната плата, скок на цените на основните производи, затворање компании и луѓе кои секојдневно остануваат без работа. Наместо да се занимава со овие проблеми, премиерот измислува афери и скандали,“ рече Филипче.
Лидерот на СДСМ оцени дека државата оди кон економски колапс и дека е време владата да преземе одговорност.
„Време е оваа влада да сфати дека или треба да ја води државата како што треба – или да си оди. Граѓаните не заслужуваат незаинтересирана власт без резултати и без работа,“ порача Филипче.