Македонија
СДСМ: Мизрахи продолжи по стапките на најлошиот министер на сите времиња, Диме Спасов
Кадрите на Христијан Мицкоски во техничката Влада покажуваат крајно непознавање на работите и освен ширење на невистини од партиската кујна на ВМРО-ДПМНЕ граѓаните не видоа ништо друго. Техничката министерка на Мицкоски за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, продолжи по стапките на Диме Спасов, најлошиот министер на сите времиња, познат по бројните скандали, промашувања и брканици низ скопските улици со наводни „криминалци од Серава“, соопшти СДСМ.
„Изјавите на Мизрахи се потврда дека таа не е спремна да биде технички министер туку да слугува на партиските наредби на Мицкоски за враќање на режимот. Техничката министерка за труд и социјална политика после 2 дена работа покажа некомпетентност и демонстрира дека не го знае новиот Закон за социјална заштита.
Таа не знае дека надлежноста за издавање на наодот и мислењето за потребата за помош и нега од друго лице, врз основа на кое се остварува паричниот надоместок, е пренесена на 15 стручни комисии при јавните здравствени установи низ цела држава а се формирани од страна на Министерството за здравство. Токму овој начин на работа ги реши проблемите кои ВМРО-ДПМНЕ ги создаде.
Додека ВМРО-ДПМНЕ цели 11 години системски ја уништуваше социјалната заштита, СДСМ, за само 2.5 години преку системска реформа обезбеди соодветна помош за 300.000 наши сограѓани и сограѓанки.
Со СДСМ, финансиското зајакнување на семејствата кои се во ризик е преточено во системска поддршка која не толерира никакви притисоци од било кого. Извлекувањето од сиромаштија е преку системот на гарантирана минимална помош која е за 300% поголема од социјалната помош што беше исплаќана од ВМРО-ДПМНЕ.
Ширењето на невистини не може да биде политика, граѓаните не веруваат во новите лаги на ВМРО-ДПМНЕ како оние на Диме Спасов. НЕ. Системот е реформиран и 30.000 семејства-корисници на поддршка и помош од државата го чувствуваат тоа во нивното секојдневие. За две и пол години инвестиравме во 43 градинки низ цела држава со што голем број рурални места за прв пат добија градинки.
Со програмата за 2020 се предвидени 10 инвестиции во градинки со буџетски средства. Што е следно за техничката министерка Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, од партијата која 2,5 години е против се што е добро во социјалата?
Ќе отиде во малите групни домови и ќе каже дека извлекувањето на децата од институциите како „Ранка Милановиќ“ и сместувањето во семејна атмосфера не е во ред затоа што ВМРО-ДПМНЕ правеше се’ против овој систем? Или лицемерно ќе ги прифати?
Ќе отиде ли во новоизградените 43 градинки од СДСМ за само 2,5 години и ќе каже дека не ни се потребни?
Ќе ги посети довчерашните стечајни работници и ќе им каже дека не се заслужни за надоместокот што го примаат до трајно пензионирање затоа што ВМРО-ДПМНЕ беше против нив?
Ќе им каже на примателите на социјалната пензија дека таа мерка е непотребна затоа што ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржа?
На 12ти април граѓаните и граѓанките ќе ѝ кажат на Мизрахи и на нејзините деструктивци од ВМРО ДПМНЕ дека со лаги и невистини не се гради прогресивна држава, туку дека тоа се прави со реформски подвизи како тие на СДСМ.
СДСМ покажа дека има способен тим, предводен од Мила Царовска кој направи вистинска реформа во социјалната сфера со кој сите ние се гордееме. Извлекуваме од сиромаштија, обезбедуваме повеќе пари во секое семејство!
Мицкоски и слугите на режимот ги очекува нов пораз. По 12 април продолжуваме по вистинскиот пат!“ порачаа од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фондот за здравство и ПМФ склучија договор за молекуларно-дијагностички анализи
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) склучи договор со Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за вршење молекуларно-дијагностички анализи.
Договорот го потпишаа генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, и деканот на Природно-математичкиот факултет, Даворин Трпески.
Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ е една од најмодерните лаборатории во земјата. Таа располага со напредна опрема за молекуларно-дијагностички анализи, вклучително и секвенционирање од новата генерација (NGS).
Првата цел во овој момент е проширување на мрежата и зголемување на капацитетот за онколошки анализи, односно за прецизно и брзо утврдување на генски мутации кои се клучни за избор на целна онколошка терапија. Најсовремената опрема и стручниот кадар со долгогодишно искуство ќе придонесат за поефикасно одговарање на зголемената потреба од онколошки анализи во здравствениот систем и ќе претставуваат значајна поддршка на постоечките капацитети.
Втората цел, како образовна и научна установа од областа на молекуларната биологија и генетиката, ПМФ со овој договор ќе им овозможи на студентите и вработените поголеми можности за практична примена на стекнатите знаења.
Со овој договор се проширува националната мрежа за молекуларно-дијагностички услуги, што претставува значаен чекор напред за здравствениот систем во земјата.
Во моментов, Фондот има договори за NGS-анализи со следните установи:
· Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) – претежно за ретки и наследни болести,
· Медицински факултет – Институт за патологија – претежно за онкологија,
· Медицински факултет – Институт за имунологија – претежно за имунодефициенции и трансплантации,
· Медицински факултет – Институт за судска медицина – претежно за форензика,
· Фармацевтски факултет – претежно за хематологија и онкологија,
· Институт за јавно здравје – претежно за вирусологија.
NGS-анализи извршуваат и приватни лаборатории, како и Ветеринарниот факултет.
Бројот на услуги во 2025 година (проекција) е зголемен за околу 22 % во однос на 2023 година, додека буџетот е зголемен за над 40 %, што овозможува поцелосни и посложени генетски истражувања.
Се унапредува дијагностиката за рак, со цел поголема успешност во лекувањето.
Овој договор претставува почеток на поширока соработка. Со ПМФ се разговара за воведување нови услуги, вклучително и генетска дијагностика пред имплантација (PGD) кај бременост со биомедицински потпомогнато оплодување (БПО). Станува збор за анализа на неколку клетки од ембрионот уште пред негово внесување во матката, со цел избор на ембриони без патолошки мутации. Со тоа значително се намалува ризикот од појава на одредени вродени заболувања и се зголемува шансата за успешна бременост.
Фото: Pixabay
Македонија
Снег и заладување низ земјава, од следната седмица утрински температури под -10
Утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер (над 60км/ч.). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе бидат само од снег.
Пообилни врнежи ќе има во западните делови, при што висината на снежната покривка на планините ќе се зголеми за 20, а во останатите места од 5 до 10 сантиметри. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица наместа утринските температури ќе се спуштат и под -10 степени, а дневните ќе се задржат под нулата.
Во Скопје, утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе бидат само од снег. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
(Видео) Филипче: Техничката влада е единствената гаранција за чесни избори
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со медиумите уште еднаш порача дека средба со криминалци нема да има и дека техничката влада мора да остане, затоа што, таа е последната линија на одбрана од целосно заробување и злоупотреба на најважното, а тоа е слободната волја на граѓаните за време на изборниот процес.
Филипче нагласи дека на Мицкоски „му се брза“ и дека „се бара алиби за распишување избори, не му треба дијалог, туку покритие.“
Во аргументацијата зошто техничката влада мора да остане, Филипче посочи дека таа може да се укине „само тогаш кога ние би биле зрело општество, а ние тоа сега во овој момент не сме.“
Причината, е што „оваа власт агресивно ги стави канџите на сите институции и ги злоупотребува во свои политички цели.“
„Не смее да се укине техничката влада, затоа што е тоа само светлина, единствена можност за честни и фер избори. Тие не ја сакаат техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите злоупотреби и во целиот коруптивен систем. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа за оваа власт ќе значи отворање на пандорината кутија.“ рече Филипче.
Претседателот на СДСМ Филипче наведе дека се гледа „окупирање на правосудниот систем“ и дека „воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет и се носат измени на кривичниот закон кои што одговараат само на власта“, нагласувајќи дека „тоа не се прави случајно, се прави за да се заштити криминалот и корупцијата.“
Како дополнителен аргумент за потребата од техничка влада, Филипче посочи и конкретни примери.
„Во земјоделството видовме што се случи со ИПАРД 3, директор кој е поставен од ВМРО беше уапсен за корупција и проневера на европските пари. Тоа е една причина зошто мора да има техничка влада.“
Тој предупреди и на опасностите од партизација и злоупотреба на полицијата.
„Се носат резолуции со кои што практично се укинува слободата на говорот на опозицијата“ и дека „со Законот за полиција се оди кон целосна партизација на МВР“, при што „секој разговор за укинување на техничката влада не е само неодговорен, туку и опасен по демократијата и процесите во земјата.“
Филипче потенцираше дека „само техничка влада, која има присуство на опозицијата во владата, може да гарантира фер и демократски изборен циклус“ и дека е потребна и како институционална рамнотежа: „Техничката влада ќе гарантира некаков институционален баланс.“
Во делот за дигиталниот надзор, Филипче предупреди на ризиците од нерегулираните системи.
„Легализација на масовен надзор, преку системот Safe City, со 65 илјади камери, овозможува дигитален надзор на движењата на граѓаните“, и нагласи дека „технички министер за внатрешни работи од опозицијата е гаранција дека овој систем нема да се злоупотреби“ за следење на граѓаните или опозицијата за време на кампањата.
СДСМ останува на ставот дека техничката влада е неопходна како последна институционална брана за демократски избори и заштита од злоупотреба на државните институции, затоа што, како што порача Филипче, таа не е само „техничко тело“, туку „институционално вето против воспоставување на авторитарен режим.“

