Регион
Во Србија кружат лажни теории за апсењето на педофилот, реагираше и полицијата

Веднаш по апсењето на Нинослав Јовановиќ, педофилот киднапер кој ја грабна 12-годишната Моника, во српската јавност се појавија теории дека не е уапсен вистинскиот злосторник, туку некој друг, пренесува хрватски „Индекс“.
Таквата теорија брзо се распространила на социјалните мрежи каде привлекла внимание на уште повеќе корисници. Така, некои од нив тврделе дека дека на претходно објавените фотографии од Јовановиќ јасно се гледа дека тој е проќелав, додека на фотографиите направени на денот на апсењето, човекот имал многу коса.
Врз основа на ова во српската јавност се проширила теоријата дека не станува збор за иста личност, пренесува „Индекс“.
Порталот се повикува на информации и од српски „Телеграф“, според кои, во врска со ова, вчера се огласиле и од српската полиција со соопштение дека Нинослав Јовановиќ познат како „Малчанскиот бербер“ е дефинитивно уапсен.
„Министерството за внатрешни работи информира дека идентитетот на уапсениот Нинослав Јовановиќ (46) од селото Малча кај Ниш е потврден врз основа на отпечатоци од прсти и дека утврдувањето на неговиот идентитет е спорведено од професионални форензичари“, соопштиле од српската полиција.
Воедно, од таму апелериале во јавноста да не се шират лажни информации.
Потрагата по Јовановиќ, кој е осомничена за киднапирање на 12-годишната Моника Каримановиќ од Суви Дол кај Ниш, заврши со негово апсење на гробиштата во селото Малча. Потрагата траеше десетина дена, а девојчето беше пронајдено живо, на голема радост на нејзините родители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Црвен метеоаларм на Балканот, се очекуваат поројни дождови, грмежи и силен ветер

Балканот е зафатен од бран нестабилно време и на сила е црвен метеоаларм за поголемиот дел од регионот, предупредуваат метеоролозите.
Синоќа Истра беше погодена од силно невреме. Во Умаг и околината за само неколку часа наврнаа 100 литри дожд на квадратен метар, а град со големина на орев направи сериозни штети. Улиците беа поплавени, а надлежните предупредуваат дека нестабилноста ќе продолжи и во следните денови.
Србија, пак, е пред нов удар на невреме. Според најавите на РХМЗ, западните и југозападните делови на земјата, преку Шумадија и Поморавје, па сè до истокот, ќе бидат зафатени од поројни дождови, грмежи, локална појава на град и силни налети на ветер.
Во Босна и Херцеговина уште денес облачноста и врнежите ќе ја зафатат западната и југозападната област, а во петок речиси целата земја ќе биде под дожд и грмежи. Очекуваниот пад на температурите е за околу десет степени, што ќе донесе барем мало олеснување по горештините, но и зголемен ризик од поплави.
Метеоролозите предупредуваат дека во делови од регионот може да има краткотрајни поплави, штети од град и прекини во сообраќајот, а конкретни предупредувања за загрозените подрачја ќе се издаваат навремено.
Сепак, од недела се очекува стабилизирање на временските услови. Температурите на Балканот ќе се движат меѓу 22 и 28 степени, додека на југот на регионот повторно ќе се искачат до 31 °C.
Регион
Референдум на 25 октомври во Република Српска за одлуките против Милорад Додик

Народното собрание на Република Српска синоќа на вонредна седница донесе одлука на 25 октомври да се одржи референдум во врска со пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против Милорад Додик и одлуката на Централната изборна комисија да му се одземе претседателскиот мандат.
Претседателот на парламентот, Ненад Стевандиќ, информира дека од вкупно 65 пратеници присутни на седницата, 50 гласале „за“ организирање на референдумот, додека пратениците од опозицијата кои беа во салата одбија да гласаат.
Милорад Додик, кој повеќе од една деценија ја предводи Република Српска, во февруари беше осуден од Судот на БиХ за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница. Судот му забрани да извршува јавни функции, а на 6 август Централната изборна комисија официјално му го прекина претседателскиот мандат, што отвори постапка за распишување предвремени избори.
По оваа одлука, Додик најави дека единствен начин да се изрази ставот на граѓаните е преку референдум. На гласањето во октомври, жителите на Република Српска ќе треба да одговорат дали ги прифаќаат одлуките на високиот претставник, пресудите на Судот на БиХ и решението на Централната изборна комисија за прекинување на неговиот мандат.
Регион
Црна Гора во железнички хаос, штрајкот на диспечерите го блокираше сообраќајот

Железничкиот сообраќај во Црна Гора е целосно во прекин поради штрајк на диспечерите на возови, кои бараат зголемување на платите. Прекинот започна вчера, кога меѓународниот воз од Белград пристигна на перонот во Подгорица, но остана таму без да продолжи. Патниците беа префрлени во автобуси, додека најголем проблем се создаде за оние чии автомобили останаа во вагоните.
Од Железничката инфраструктура на Црна Гора (ЖИЦГ) реагираа остро, нарекувајќи го штрајкот „саботажа“ и најавија кривична одговорност за дел од учесниците.
„Подготвени сме за дијалог со работниците, но не и за уцени“, соопшти раководството, додавајќи дека преговори за повисоки плати веќе се водат со репрезентативните синдикати.
Министерството за транспорт на Црна Гора исто така изрази загриженост, особено поради информациите дека одредени малцински акционери стојат зад организацијата на штрајкот.
„Очекуваме надлежните органи, пред сè Државното обвинителство, да ги истражат сите наводи и да утврдат кој е одговорен за настанот и за материјалната штета што е предизвикана“, стои во соопштението од министерството.
Во меѓувреме, патниците остануваат во неизвесност, а железничкиот сообраќај е блокиран сè додека не се најде решение меѓу управата и диспечерите.