Свет
(Видео) Иран се одмаздува за убиството на Сулејмани, нападнати воени бази на САД

Американската армија потврди дека Иран нападнал воени бази во Ирак во кои се сместени војници на САД. Нападите се извршени со проектили „земја-земја”. Станува збор за најмалку две воени бази и за повеќе од 12 проектили, соопшти Пентагон.
Според иранската државна телевизија, ракетирањето било насочено кон две воздухопловни бази Аин ал Асад во близина на Багдад и на база во Ирбил на северот на Ирак. Американски воени официјални лица изјавија дека најмалку шест проектили ја погодиле Аин Асад, а нападот го потврди и портпаролката на Белата куќа, Стефани Гришам.
Информацијата за нападите ја потврди и Иранската исламска револуционерна гарда. Иранската државна телевизија јави дека во операцијата наречена „Маченикот Сулејмани”, има жртви меѓу Ирачаните во една од нападнатите бази, јавува Си-Ен-Ен, цитирајќи ирачки безбедносен извор. Нема информации за жртви на американска страна.
Белата куќа објави дека претседателот Доналд Трамп е известен за нападите и дека ја следи состојбата и се консултира со својот тим за национална безбедност.
Исламската револуционерна гарда се закани со напади на територијата на САД, како и на градовите Дубаи (Обединети Арапски Емирати) и Хаифа (Израел) ако САД возвратат на нападите на базите во Ирак.
„Ги предупредуваме сите американски сојузници кои ги отстапија своите бази за нивната терористичка војска дека секоја територија на напад врз Иран ќе биде наша мета“, стои во соопштението на Иранската револуционерна гарда што го пренесоа и државната телевизија и „Би-Би-Си“.
До нападите на воените бази доаѓа откако во петокот САД со дрон го убија иранскиот генерал Сулејмани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Гардијан“: Откриено е зошто Трамп се двоуми за напад врз Иран

Според „Гардијан“, Трамп сè уште размислува за можен американски напад врз Иран бидејќи не е убеден дека таканаречената бомба „разбивач на бункери“ всушност ќе го уништи клучниот нуклеарен објект на Иран, Фордоу.
Според „Гардијан“, Трамп им рекол на претставниците на Пентагон дека воениот напад би имал смисла само ако има гаранција дека GBU-57, бомба од 13,6 тони, може целосно да го уништи објектот, кој се наоѓа длабоко под земја. Иако му било кажано дека нападот најверојатно ќе го елиминира Фордоу, претседателот сè уште не дал зелено светло, надевајќи се дека заканата од вмешаност на САД ќе го принуди Техеран да преговара.
Клучниот нуклеарен комплекс на Иран
Фордоу се смета за критичен дел од нуклеарната програма на Иран, особено откако Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) утврди дека објектот збогатува ураниум до чистота од 83,7 проценти – многу блиску до границата од 90 проценти потребна за производство на нуклеарно оружје.
„Гардијан“ забележува дека уништувањето на Фордоу – или преку дипломатија или воздушен напад – во Вашингтон би се сметало за клучна цел во запирањето на нуклеарната програма на Иран.
За разлика од Соединетите Американски Држави, Израел нема капацитет да изврши таков удар: нема бомби со доволен потенцијал за пенетрација и нема авиони што би можеле безбедно да достават таков товар на таква длабочина. Затоа, евентуалниот напад врз Фордоу неизбежно би барал директна воена интервенција на САД.
Свет
Светот ја чека одлуката на Трамп за вмешаноста на САД во војната

„Можеби ќе го направам тоа, можеби нема. Мислам, никој не знае што ќе правам“, изјави вчера американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите на тревникот пред Белата куќа, одговарајќи на прашање дали САД планираат да нападнат ирански нуклеарни постројки.
Според медиумските извештаи, Трамп ги одобрил плановите за можен напад, но одлучил да чека засега, надевајќи се дека Техеран можеби ќе се согласи да се откаже од својата нуклеарна програма.
Сепак, мисијата на Иран во Обединетите нации соопшти дека Иран не преговара под притисок, сигнализирајќи дека нема намера да се повлече поради заканата од воена акција на САД.
Поранешниот советник за национална безбедност на Трамп, К.Т. Мекфарланд, вели дека претседателот ќе донесе одлука во последен момент. Но, без надворешен рок што ќе го принуди да го стори тоа, не е јасно кога би можела да дојде таа одлука.
Свет
„Би-Би-Си“: Израелските напади врз иранските нуклеарни постројки нема да предизвикаат нов Чернобил

Нападите врз иранските капацитети за збогатување ураниум, како оној во Натанц, не носат ризик од нуклеарна катастрофа од размерите на Чернобил или Фукушима, објави „Би-Би-Си“, повикувајќи се на проценки на нуклеарни експерти.
Според Би-Би-Си, цел биле објекти за збогатување ураниум, а не активни реактори каде што се случува нуклеарна фисија. Токму поради ова, опасноста од ширење на радиоактивноста е минимална.
„Нема нуклеарна реакција во постројката за збогатување ураниум, за разлика од нуклеарната централа“, објаснува за Би-би-си Симон Мидлбург, експерт за нуклеарни материјали од Универзитетот Бангор. Во електраната се одвива контролирана фисија – разделување на атомите на ураниум – што создава топлина, како и високо радиоактивен отпад.
Во збогатувањето ураниум, напротив, постројките произведуваат само гориво – не се случува нуклеарна реакција.
Честичките на ураниум може да завршат во околината, но нема да има експлозија
Ако таков објект се бомбардира, вели Мидлбург, честичките на ураниум во процесот на збогатување би можеле да бидат ослободени во животната средина, но нема да има нуклеарна експлозија или раширена радијација.
„Опасноста ќе остане локализирана, без радиолошки ризик надвор од помалата зона околу погодениот објект“, рече Мидлбург.
Би-Би-Си потсетува дека синоќа израелските сили извршија нови напади врз објекти во Натанц. Засега нема информации за истекување на радиоактивен материјал.