Македонија
Без струја делови на Бутел и Ѓорче Петров

Од „ЕВН Македонија“ АД известуваат дека поради планирани технички зафати во електросистемот на град Скопје, денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 8.15 до 14 часот корисниците од делот околу гробиштата во с. Радишани, улицата 15, улицата Радишанска (во околина на последна 57), патот за с. Побожје (општина Бутел);
– во периодот од 9 до 15 часот корисниците од улицата Ѓорче Петров бр.73 и околните броеви и улици (општина Ѓорче Петров).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска Давкова: Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска положи цвеќе во црквата „Св. Спас“ по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, но и на својот фејсбук профил искажа почит кон македонскиот револуционер.
Како што наведува Сиљановска Давкова, Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина.
-Со длабока почит, по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, положив свежо цвеќе на неговиот вечен дом во дворот на црквата „Св. Спас“.
Денот на смртта на најмаркантната и најсветлата фигура на македонското револуционерно национално дело, втемелувачот на македонскиот републиканизам, апостолот на ВМРО, учителот Гоце Делчев, нè потсетува на жртвата којашто нашите предци ја дале за македонскиот народ да живее во сопствена држава за да може културно да се натпреварува со другите народи. Тој не случајно почива тука, во дворот на прекрасната црква „Св. Спас“, на македонска почва и под македонското небо, туку по сопствен аманет да биде закопан во независната македонска држава. Гоце Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина, пишува претседателката.
Македонија
Инвестиција од неколку десетици милиони евра и над 200 вработени најави Мицкоски

Нова инвестиција од неколку десетици милиони евра и над 200 вработени, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Како што изјави, стартот на инвестиција се очекува за една до две недели.
Одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето 122 години од смртта на Гоце Делчев, Мицкоски повтори дека една од примарните цели на Владата е номиналниот БДП да биде над 20 милијарди долари или 10.500 долари по глава на жител, како и намалување на јавниот и државниот долг под 50, односно 40 проценти.
-Минатата година ја завршивме со историски рекорд кога станува збор за странските инвестиции, една милијарда и 255 милиони евра. Само во последниот квартал е повеќе од 400 милиони евра. Како ќе биде годинава, ги чекаме податоците од првиот квартал. Се надевам дека ќе биде подеднакво успешна. Можам да најавам дека за недела – две од денеска почнуваме со нова инвестиција од неколку десетици милиони евра и повеќе од 200 вработени, која ќе учествува значително во БДП, рече премиерот.
Македонија
Царина се пофали дека наплатиле 190,4 милиони евра, велат ќе се трошат за училишта, градинки, болници…

Царинската управа во текот на изминатиот месец наплати приходи во износ од 11,7 милијарди денари или 190,4 милиони евра, што е за 7,3 проценти односно 12,88 милиони евра повеќе од истиот месец минатата година. Притоа приходите од данок на моторни возила се зголемени за 20,5 проценти, од царина за 14,1 процент, а од акцизи за 16,3 проценти.
Како што информира денеска Царинската управа, вкупно од почетокот на годинава, за четири месеци се наплатени 41,2 милијарди денари или 670,27 милиони евра, што е за 26,5 милиони евра повеќе од лани истиот период.
Директорот Бобан Николовски вели дека овие средства значат повеќе инвестиции за капитални проекти, за училишта, градинки, болници, патишта, повисоки плати и пензии, за поконкурентна економија. Ваквите резултати, како што потенцира, се должат на зголемени контроли и зголемена тимска работа и делување на ниво на институција, а не на поединци.
– Царинската управа ќе продолжи да делува во насока на зачувување на финансиските интереси и стабилност на финансискиот систем преку поголема ефикасност на институционалните капацитети во наплатата на приходи, подобрување на услугите и сузбивање на криминалот и корупцијата, се наведува во соопштението.