Свет
Уапсен шведски политичар под сомнение за шверц на мигранти
Шведскиот политичар роден во Сирија, Рашад Аласаад, кој ја претставуваше владејачката Социјалдемократска партија во градот Јунгби во округот Кроноберг во Шведска, е уапсен под сомнение дека шверцувал мигранти, пренесува весникот „Експресен“.
Во средата десетта полицајци во цивил влегле во домот на Аласаад и го уапсиле, објави весникот „Експресен“.
„Лицето е приведено на испрашување. Сомнежот е трговија со луѓе“, изјави портпаролот на полицијата, Ева-Гун Вестфорд.
Тарифата за шверц на Аласаад се движела меѓу 2.000 и 3.000 американски долари. Тој исто така признал дека парите се главната причина што стојат зад неговата шема, чиј обем допрва треба да се утврди.
Претходно, „Експресен“ откри дека Аласаад, кој влегол во локалниот совет по изборите во 2018 година, се понудил да шверцува луѓе во Шведска во замена за пари. На средба со репортер на „Експресен“ во грчкиот пристаништен град Ханија, на островот Крит, која била снимена со скриена камера, тој се пошегувал дека веќе шверцувал голем број луѓе. По добиените сознанија, граничната полиција почнала прелиминарна истрага за трговија со луѓе.
Кога се соочил со доказите, Аласаад признал за ценовникот за шверц според кој наплаќал 20.000 шведски круни (2.120 долари) за дете и 30.000 круни (3.180 долари) за возрасен. Според „Експресен“, Аласаад објавувал реклами на „Фејсбук“ под лажно име нудејќи шверц на мигранти од Грција во Шведска со помош на позајмени пасоши.
„Само тие што се во Грција. На продажба се сириски пасоши со шведски дозволи за престој. Само за оние што изгледаат како носители на пасоши“, напишал тој на „Фејсбук“.
Аласаад рече дека и самиот дошол во Шведска користејќи ја рутата на шверцерите од Истанбул на крајот на 2013 година, а потоа признал дека им помогнал на многу мигранти да стигнат во Шведска, без да го прецизира нивниот број.
„Да, јас го извлеков целото мое семејство. Извлеков многу луѓе. Воопшто не е тешко. Ќе ви кажам и зошто го правам тоа. Да бидам искрен, главната причина се парите. Сакам пари“, вели Аласаад.
Во пролетта 2018 година, кога Аласаад се најде на гласачкото ливче на социјалдемократите, локалниот претседател на партијата, Магнус Карлсон, го опишала како добра мешавина на млади луѓе од други култури. По откривањето, тој се повлече од функцијата. Аласаад претходно работел во повеќе владини агенции, вклучувајќи ги Заводот за социјално осигурување, Шведската даночна агенција и Државниот пензиски фонд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американците понудиле безбедносни гаранции за Украина, Зеленски не е задоволен
САД му понудија на Киев 15-годишни безбедносни гаранции, но Украина сака повеќе и смета на период од најмалку 30 години, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Според него, Украина работи со сите партнери за безбедносни гаранции.
„Општо земено, ние сме блиску до тој проект. Имавме средба со американски сенатори. Рековме дека навистина сакаме да ги продолжиме безбедносните гаранции, за да бидат поефикасни за инвеститорите на кои им се потребни гаранции повеќе од пет до десет години“, рече Зеленски, пренесоа украински медиуми.
Тој додаде дека американската страна синоќапредложила гаранции од 15 години, додека Украина сака да додаде 20 години на тоа, за периодот да биде помеѓу 30 и 50 години.
„Зависи од тоа што ќе одлучат администрацијата и Конгресот, ќе видиме“, рече Зеленски.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.
Свет
Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина
Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.
Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.

