Македонија
Пазарџиите против новата цена за паркинг, ПОЦ советува да се прифатат мерките

Пазарџиите од Зелениот пазар во Скопје утрово излегоа на протест поради поскапувањето на цената за паркингот во Општина Центар. Протестот предизвика блокирање на сообраќајот на дел од булеварот Кирил и Методиј во центарот на Скопје.
Од 8 јануари цените за еден час паркинг на комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува Јавното претпријатие за јавни паркиралишта се зголемија за 20 денари.
ЈП „Паркинзи на Општина Центар” апелира до нив да ги прифатат новите мерки за решавање на проблемот со паркирањето на паркиралиштето „Автомакедонија“ како единствено добро за сите засегнати страни, особено за жителите.
„Затвореното паркиралиште ‘Автомакедонија’ се наоѓа во непосредна близина на Зелен пазар и со години е преоптоварено и злоупотребувано од луѓето кои работат таму. Во изминатиов период ЈП ПОЦ воведе неколку мерки за решавање на овој проблем, односно постави нов систем за препознавање на регистарски таблички, систем со двојни рампи за контрола на пристап на возила и како последна мерка, ги зголеми цените за 1 час паркирање за да им овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови. Со поставувањето на ANPR-камерите, ЈП Паркинзи на Општина Центар има многу поголема контрола на злоупотребите кои се вршат на ова паркиралиште. Имено, пазарџиите кои редовно секоја година добиваа повластен паркинг-билет за вработени во деловен субјект и картичка за влез за нивните автомобили ги користеа за тешки товарни возила за кои ЈП ПОЦ, согласно одлуката на Општина Центар каде што е дозволено товарните возила да вршат дотур на стока до 7:00 часот, веќе им овозможи бесплатен дотур на стока од 5:00 до 7:00 часот на ова паркиралиште. Затоа, ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе ги раскине договорите за паркинг на сите оние кои ќе вршат ваков тип злоупотреба“, се наведува во реакцијата.
Со воведувањето на овие мерки, ЈП Паркинзи на Општина Центар вели дека ќе се стави крај на неправилностите кои се случувале со години наназад и ќе се направи ред во паркирањето, давајќи приоритет на жителите кои живеат во опфатот на паркиралиштето „Автомакедонија“, коишто, како што се наведува, поради сите овие злоупотреби не можат да го користат паркиралиштето во близина на своите домови бидејќи секојдневно се соочуваат со неподнослив проблем со паркирањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Итни и вонредни надзори во приватните болници по информациите дека се правеле непотребни операции за профит

Министерството за здравство најави итни и вонредни надзори во приватните болници по информациите што излегоа во јавноста дека се правеле операции за профит.
„Врз основа на информациите што се споделени во јавноста, Министерството за здравство веќе се координира за проверка на тврдењата, како и спроведување итни и вонредни надзори со цел добивање на целосната слика. Дополнително, министерот Азир Алиу веќе најави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ја опфаќа и двонасочната размена на информациите меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот ‘Мој термин’, само тогаш ќе имаме јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства“, велат од Министерството откога во јавноста се појавија сериозни тврдења за можни непотребни медицински интервенции.
Од Министерството велат дека во здравството постојат јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, како и компетентни тела надлежни за нивна примена и почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници е задолжително, исто како и почитта кон правата на пациентите.
„Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрено да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење – тоа е дел од добрата медицинска практика“, велат од Министерството.
Од таму истакнуваат дека здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и без изденачување на поединечни случаи со целиот систем.
„Секако дека секој има право на свое мислење, а особено ако тоа е поткрепено со аргументирани факти, но исто така сметаме дека потребно е да се избегнуваат изјави што водат до генерализации и сензационализам“, велат од Министерството.
Ваквата реакција од Здравство доаѓа откога неколку медиуми пренесоа изјава на кардиологот Сашко Кедев дека се прават непотребни хируршки интервенции врз пациенти, чија цел е профитот.
Фото: ЕПА
Македонија
Утре, сончево и топло време со мала локална облачност

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 30 до 37 степени, информира УХМР.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 36 степени.
В петок и в сабота во западните и во северните делови ќе има услови за повремен локален дожд и појава на ретки грмежи. В петок ќе дува засилен, повремено силен ветер од западен и југозападен правец.
За време на викендот ветерот ќе го смени правецот во северен со умерен, по должината на Повардарието повремено засилен интензитет, а температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
ДОМ: Новиот нацрт-закон за Рударство е директна закана за здравјето на луѓето

Зелената партија ДОМ категорично го отфрла новиот нацрт-закон за Рударство предложен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Наместо да поставува линии за стратешки развој, според ДОМ, овој закон е директна закана за животната средина, здравјето на граѓаните и демократските принципи на одлучување.
ДОМ цени дека ова законско решение силно ја централизира моќта во Владата, дозволувајќи ѝ да прогласува минерали за „стратешки“ без јавна дебата и учество на граѓаните и граѓанките.
„Спорна е и можноста за дозволување на концесии до 60 години, како и овозможување на експропријација на приватно земјиште, што ќе претставува правна основа за удар врз имотните права. Со предложените одредби ќе се врши и привилегирање на државни и странски компании, без спроведување на јавен повик. Особено загрижува воведување на можност за користење на опасни технологии во постојните рудници, како и признавањето на загадување, но не и понуда на механизми за превенција. ДОМ оценува дека моделот на „управување со ризик“, не преставува правен механизам за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните и граѓанките“, велат од ДОМ.
Според партијата, ова законско решение не е во јавен интерес, туку истото е насочено и дизајнирано за задоволување на корпоративни структури и финансиски интереси, притоа создавајќи остри ризици за здравјето на идните генерации, распродавајќи ја земјата и претворајќи го природното богатство во профит за малкумина.
ДОМ порачува дека Македонија не е ничија лична сопственост и апелира до граѓаните и граѓанките активно да се вклучат во јавната расправа за која преостануваат уште девет дена.