Македонија
Дополнително покачување на платите од 5 отсто ќе добијат и здравствените соработници
Дополнително зголемување на платите од 5 отсто ќе добијат и здравствените соработници во јавното здравство. Покачувањето на платите на здравствените соработници ќе почне од јуни 2020 година. Јавното здравство во текот на 2019, и со тоа што ќе следи во тековната година, добива рекордно зголемување на платите во сите сектори. Здравствените кадри првпат во постоењето на државата добиваат толку покачувања на платите и бенефиции и се инвестира во подобрување на нивниот статус, соопшти Министерството за здравство.
Според нив, вложувањето во здравствените кадри е со цел да се мотивираат и јавното здравство да има квалификуван и професионален медицински кадар, што е еден од основните услови за квалитетно здравство.
„Зголемувањето на платите е само една од промените направени изминатиов период. На целосното вложување во човечкиот капитал се поврзуваат и најновите измени и дополнувања во Колективниот договор за здравствена дејност. Со овие измени се направи значително зголемување на коефициентот на сложеност, а се зголеми и додатокот на плата за дежурства.
Основната плата на лекарот специјалист е зголемена 40 отсто, на медицинските сестри до 23 отсто, на општите лекари 25 отсто и 15 отсто на другите здравствени соработници, заклучно со февруари 2020 година. Со цел подобрување на здравствените услуги и зајакнување на капацитетите на јавното здравство, во изминатите две години дадени се повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавното здравство. Покрај зголемувањето на платите, капацитетите на јавното здравство се зголемуваа и со подобрување на условите за работа во секоја јавнa здравствена установа. Министерството за здравство и во 2020 година продолжува да инвестира во човечкиот капитал и целосно во здравството затоа што само со професионалност и квалитетна работа пациентите ќе добиваат врвна здравствена нега“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

