Македонија
Министерството за правда: Очекуваме опозицијата да го поддржи законот за Јавното обвинителство

Во текот на минатата година, обидувајќи се да обезбедиме двотретинско мнозинство, испративме три предлози за законот за Јавното обвинителство. Последната верзија беше пуштена во декември минатата година и таа ќе биде тема на разговор со опозицијата, од која очекуваме да ги земе предвид интересите на граѓаните, а не нечии лични интереси, велат од Министерството за правда.
Од таму велат дека суштината на сите три предлози била имплементација на меѓународни стандарди за ефикасна борба против криминалот и корупцијата и создавање правни основи за продолжување на сите почнати постапки пред Јавното обвинителство, вклучувајќи ги и постапките пред СЈО.
„Последната, трета верзија, беше пуштена во декември минатата година и таа ќе биде тема на разговор со опозицијата. Во собраниска процедура сè уште е втората верзија на законот, на која опозицијата поднесе амандмани, и таа ќе биде повлечена кога ќе бидат обезбедени осумдесет гласа за усвојување нов текст на законот за Јавното обвинителство. Во третата верзија е акцептирана новонастанатата ситуација со трансферот на предметите на СЈО и се обезбедува континуитет на обвинителите и сите почнати постапки“, велат од Минстерството.
Според предлогот, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе ги преземе надлежностите на СЈО, а обвинителите на СЈО кои ги застапувале предметите ќе продолжат да ги водат.
Во рок од 30 дена од гласањето на законот, ќе се прошири бројот на обвинители во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и ќе биде распишан оглас на кој ќе може да конкурираат сите обвинители што ги исполнуваат условите.
Материјалите од незаконското прислушување, кои не се предадени како докази во судовите, ќе се чуваат во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. По истекот на три години од правосилното завршување на постапките, материјалите ќе бидат уништени во согласност со законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу половина час

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, извести АМСМ.
На граничниот премин Табановце времето на чекање за влез во државата изнесува околу 40 минути, додека на граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути.
На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Незгода на патниот правец Бошков мост – Дебар, сообраќајот во прекин

На патниот правец Р1202 Бошков мост – Дебар поради случена сообраќајна незгода сообраќајот е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Македонија
СДСМ: Мицкоски да каже за парите од осомничени од Кочани кои завршиле во ВМРО-ДПМНЕ, да не се секира за нашата стратегија

„Кога наместо да деде одговор на конкретно поставено прашање во врска со донации кои неговата партија ги добивала од сега осомничен за трагедијата во Кочани, Мицкоски би требало да одговори на тоа прашање наместо да се секира за нашата стратегија“, велат од СДСМ.
„За нас најважна е вистината и разобличувањето на обидот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да ја затскријат вистината за трагедијата во Кочани, но и обидот да ги сокријат нивните партиски функционери од одговорност.
Дополнително, апелираме до Христијан Мицкоски да не се секира за нашата стратегија премногу. Се оптеретува, и тоа е очигледно. А никој не сака премиер кој наместо да е оптеретен со подобрување на животот на граѓаните е оптеретен со СДСМ.
Еве и еден бесплатен совет до Мицкоски – најлоша комуникациска стратегија е стратегијата на лажење, манипулација и бегање од одговори. Реалноста Мицкоски не се поврзува со твоите пораки.
На пример, се уште никој не може да ги почувствува ефектите од четвртата најдобра економија во светот.
Никој се уште не може да ги почувствува придобивките од наводното зголемување на платата.
Сите ги чувствуваат ефектите од рекордните задолжувања, инфлацијата и безочното трошење на пари за папаја, манго, бејби биф, приватни авиони и скапи хотели. Парите на граѓаните се потрошени на луксуз за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ додека граѓаните живеат во најсиромашната и економски најслабата држава во Европската Унија.
Никој ги нема видено туристите за кои Мицкоски зборува дека биле за 20% повеќе. Дотолку што Охрид се соочува со најлошата туристичка сезона со години.
Мицкоски, нека не те лажат дека ти поминуваат пораките. Никој не го чувствува тоа што го зборуваш.
Уште еднаш да повториме, нема поголем предавник на Македонската идеја од врховизмот. Врховизмот е авторитарност“, соопшти СДСМ.