Македонија
Заев се сретна со европратеникот Шидер: Започнувањето преговори со ЕУ ќе значи дополнителен мотив за реформите

Претседателот на СДСМ Зоран Заев заедно со генералниот секретар Љупчо Николовски и претседателот на Комисијата за надворешни работи на СДСМ, Едмонд Адеми се сретна со Андреас Шидер, член на Европскиот парламент и копретседавач на Заедничкиот парламентарен комитет на Северна Македонија и ЕУ.
На средбата, претседателот Заев се осврна на актуелната состојба во процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ.
„Со внимание ги следиме пораките од официјалните претставници на ЕУ, пред три ден имавме позитивна средба со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји кои упати позитивни пораки околу процесот на проширување на ЕУ. И покрај историската грешка на ЕУ, не губиме надеж. Веруваме дека во наредниот период преку отпочнување на преговорите, ќе се оствари клучниот чекор кон реализација на нашата стратешка цел – членство во ЕУ.Започнувањето на преговори со ЕУ освен што ќе значи исправање на историската грешка, ќе биде и дополнителен мотив, уште позасилено да продолжиме со реформите“, истакна Заев.
Осврнувајќи се на процесот на изборите и функционирањето на предоната влада, претседателот Заев посочи дека институциите и преодната Влада се подготвени да спроведат чисти, фер и демократски избори, а СДСМ е подготвен за избори.
„Преодната Владата согласно пржинскиот модел функционира добро и е ставена во функција на организирање на фер и слободни избори. СДСМ е подготвена за избори. Течат финалните подготовки за Програмата, се креираат решенија во интерес на граѓаните. На овие избори СДСМ ќе покаже дека суштински е за целосна родова рамноправност, на парламентарните избори ќе сведочиме на 50 отсто застапеност на жените на листите за пратеници“, заклучи претседателот Заев.
Од страна на европратеникот Шидер беше поздравен напредокот што земјава го направи во последните две и пол години и одново беше реафирмирана поддршката што Европскиот парламент, а особено групата на Социјалисти и демократи ја даваат на Република Северна Македонија во процесот на евроинтеграција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со дрон најдени и спасени тројца мотоциклисти, кои се изгубиле на планината Осогово

Вчеравечер, во полицијата во Штип, Регионалниот центар за гранични работи Исток пријавил дека тројца мотоциклисти, македонски државјани, пријавиле дека се изгубени на планината Осогово, над селото Саса, општина Македонска Каменица, во близина на државната граница со Република Бугарија. Мотоциклистите побарале помош преку бројот 112.
„Остварен е контакт со лицата и лоцирани се во шумскиот предел на непристапен терен на оддалеченост од 1.000 метри, над манастирот ‘Св. архангел Михаил’ во селото Саса. Со помош на дрон од Регионалниот центар за гранични работи Исток лицата се пронајдени во добра здравствена состојба и донесени се во Македонска Каменица, каде што е утврдено дека се работи за Г. Д. (38) од Скопје, К. Н. (38) од Гевгелија и Д. П. (31) од Скопје“, соопшти МВР.
Мотоциклистите не побарале лекарска помош, туку, по спасувањето, си заминале со мотоциклите.
Македонија
На диво изградил 22 бетонски столба во Гостивар, а градежниот инспектор не го сопрел, двајцата добија кривични пријави

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С. С. (35) од с. Речане, Гостиварско, под сомнение за сторено кривично дело бесправно градење, и против В. Р. (42) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
„Во март 2025 во гостиварска населба, првопријавениот, во својство на сопственик на објект во изградба, изградил 22 бетонски столба, без да поседува соодветна дозвола издадена од надлежен орган. А второпријавениот, овластен градежен инспектор при Општина Гостивар, по доставена пријава од МВР поради сомнение за сторено кривично дело, не излегол на терен и не извршил увид на градбата“, соопшти МВР.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава и против А. Е. (44) од Гостивар за бесправно градење оти во текот на февруари 2025 година во населба во Гостивар, на парцела сопственост на друго лице, изградил приземје и кат без одобрение за градење издадено од надлежен орган.
Македонија
Странска акредитирана лабораторија да направи испитувања на квалитетот на воздухот, на водата и на почвата, бара Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање укажа дека по пожарите во депониите Дрисла и Вардариште, и последниот во Трубарево, потребни се итни анализи на почвата, воздухот и водата, од страна на странска акредитирана лабораторија.
Филипче предупреди дека мора да се направи испитување на квалитетот на водата за пиење.
„Сите изотопи кои што не се растворливи во вода ќе се детектираат. И тоа сметам дека час поскоро треба да го направи некоја странска акредитирана лабораторија, да не сведочиме на овие смешни изговори на Институтот за јавно здравје“, рече Филипче.
Овие анализи, како што кажа Филипче, се важни бидејќи по вакви пожари постои ризик да е загадена почвата каде што има земјоделски производи.
„Треба да се измери количината на диоксини, на фурани, на јаглеводородни честички во воздухот, не само на ПМ честичките. Треба да се испита количеството на тешки метали во земјата – никел, кадмиум, олово. Зошто е тоа важно? Поради тоа што можат тие тешки метали да влезат во синџирот на исхрана“, рече Филипче.
За во иднина да се спречи нова еколошка катастрофа, Филипче нагласи дека е потребна итна детална анализа на сите институции и на сите депонии кои што работат во земјава. Ова, како што рече, е важно за да се превенира евентуална следна криза.
„Имаат ли сите депонии лиценци? Сите ли се на доволна оддалеченост од населените места? Работи ли некој нелегално со отпад? Од каде се увезува отпад во земјава? Конечно, да знаеме што се случува во тој сектор. Што направи Владата по тоа прашање? Ништо“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.