Македонија
(Видео) Скопјанецот Кристијан Ниневски исто како лани прв дојде до крстот во водите на Вардар

Скопјенецот Кристијан Ниневски (26) и годинава беше најсреќниот од околу 140 верници кои се фрлија по светиот крст во водите на реката Вардар во центарот на Скопје.
Ова е втор пат светиот крст да заврши во рацете на младиот скопјанец, кој исто така и лани беше најсреќниот од учесниците во традиционалниот чин по повод верскиот празник Богојавление – Водици. Досега Ниневски вкупно седум пати има учествувано во положувањето на крстот.
Се верува дека на Богојавление Свети Јован Крстител го крштевал Исус Христос во водите на реката Јордан.
Централната манифестација по повод верскиот празник во Скопје беше напладне на водите на реката Вардар, поточно на мостот кај хотелот „Холидеј Ин“. Студеното време во главниот град, не спречи околу 140 верници да влезат во реката, каде поглаварот на Македонската православна црква – ОА, г.г. Стефан го фрли крстoт за да ги освети водите во чест на големиот православен празник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предложен притвор за кичевецот кој утрово со секира си го уби таткото и тешко ја повреди мајка си

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против кичевец осомничен за кривични дела убиство и обид за убиство.
„При вршење семејно насилство рано утрово, во дворот на семејната куќа во селото Србјани, осомничениот 47-годишник го лишил од живот својот татко, а се обидел да ја убие и својата мајка. При вербална расправија, со нож и секира најпрво го нападнал таткото, прободувајќи го по телото и удирајќи го со секирата по главата. Потоа и нанел убоди со нож во вратот и на неговата мајка. Од многубројните повреди оштетениот маж починал при укажување прва помош, а жената е пренесена на Ургентниот центар во Скопје во тешка состојба“, извести вечерва Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Осомничениот беше уапсен откога самиот пријавил во Итната медицинска помош дека ги нападнал родителите.
Македонија
Невреме со град, дожд и грмотевици вечерва во Струмица: поплавени улици, паднати дрвја и делови од градот без струја

Откорнати дрвја, поплавени улици и делови од центарот без струја е билансот од невремето со град, дожд и грмежи вечерва во Струмица. За санирање на штетите на терен се јавното претпријатие „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица на Струмица.
Пожарникарите известија дека отстраниле паднато дрво врз автомобил на улица.
„Вечерва (недела) 11.05.2025 година, околу 20.00 часот на ул.Ванчо Китанов, ТППЕ Струмица со едно противпожарно возило и двајца пожарникари-спасители интервенираше на отстранување на паднато дрво врз автомобил. За кратко време дрвото е отстрането од улицата“, објави Противпожарната единица на Струмица.
Струмичани јавуваат дека невремето почнало пред 20 часот и за кусо време улиците биле поплавени и побелени од град.
Дијаспора
Муцунски се сретна со македонските иселеници во Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Кралството Шведска. Фокусот на првиот ден од посетата беше ставен на бројната македонска дијаспора – при што ја посети и присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, се сретна со претставници на дијаспората и со македонски стопанственици кои работат и инвестираат во Шведска.
„Посетата на црквата ’Св. Наум Охридски’ во Малме и средбата со македонската заедница, како прв министер за надворешни работи кој присуствувал на утринска литургија во оваа црква, беа можност за разговор за нивните иницијативи, предизвици и очекувања. Се разговараше и за владините политики насочени кон унапредување на односите со дијаспората, при што беше потврден значајниот придонес на македонската заедница во јакнењето на односите меѓу двете држави. Во шведскиот град Трелеборг, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, министерот Муцунски се сретна со македонски стопанственици кои успешно делуваат во Шведска. Во фокусот на средбата беа можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, јакнењето на економската соработка и активната улога на дијаспората во економскиот развој на државата“, известија од Министерството за надворешни работи.
Утре министерот Муцунски предвидено е да има средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Мариа Малмер Стенергрард.