Регион
Ѓукановиќ : Нема да го повлечеме Законот за слобода на вероисповед
Црна Гора нема да го повлече Законот за слобода на вероисповед, порача црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и оцени дека протестите околу овој закон не можат да ја загрозат власта, ниту политиката која ја води.
„Ако мислевме дека законот треба да се повлече, ние сигурно не би го носеле. Сите аргументи што сме ги чуле против тој закон, ги слушнавме во последните четири години“, рече тој во интервју за новинската агенција Танјуг.
Тој смета дека ова е важен период на еманципација на Црна Гора, во кој треба да се создадат сите институционални предуслови за натамошен државен и духовен развој на црногорското општество, вклучително и обновување на автокефалноста на Црногорската православна црква.
Црногорскиот претседател рече дека тој протестите ги гледа во суштина како политички, иако облечени во црковна облека, со нагласен просрпски предзнак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес со јачина од 4,7 степени во Хрватска, почувствуван и во БиХ
Земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала утрово во 05:38 часот е регистриран во Хрватска, објави Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Според информациите од Европскиот медитерански сеизмолошки центар, земјотресот бил на 92 километри јужно од главниот град Загреб и на 14 километри од границата со Босна и Херцеговина, кај Тржачка Раштела.
Земјотресот бил на длабочина од 10 километри.
Земјотресот најмногу бил почувствуван во централна Хрватска и во дел од Босна и Херцеговина со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала.
Засега нема извештаи за повредени лица или за предизвикана материјална штета.
Регион
На таткото на момчето убиец од Србија му е продолжен притворот за уште 60 дена, има сомнение дека може да го повтори делото
Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за уште 60 дена на Владимир Кечмановиќ, таткото на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот поради сомнение дека доколку биде пуштен на слобода за краток временски период ќе го повтори кривичното дело, како и поради тоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност кај јавноста што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка, соопштија од тој суд.
Во обвинението за тешко кривично дело против општата безбедност се товари Владимир К., а за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, мајката на момчето Миљана К.
Регион
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене“ – жена од Србија сведочи за силниот земјотрес
Земјотресот беше многу силен. Кратко, но силно, вели вознемирената Мила Петровиќ од Кладово – место кое утрово го погоди силен земјотрес.
Како што опишува преплашената жена, земјотресот ја исплашил и неа, но и останатите жители на Кладово.
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене. Немаше време за бегство никаде. Сè се тресеше многу. За среќа, тоа беше кратко. Кога се смири, сите излегоа на улица“, раскажува таа за Телеграф.рс.
Земјотресот бил со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала, на длабочина од 11 километри.
Колку бил силен, сведочи и фактот што бил почувствуван во Заечар, Неготин, Доњи Милановац, Бор и други градови на истокот на Србија, а некои граѓани го почувствувале и во Ниш.
„Почувствував земјотрес, се тресеше мебелот во куќата“, „Бев во кревет кога почна тресењето“, напишаа граѓаните.