Македонија
(Видео) Заев: Укинувањето на договорот од Преспа е опасност за државата
„Како што се наближуваат изборите, сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да заговара опасни идеи за укинување или поништување на договорот од Преспа. ВМРО-ДПМНЕ сака да го укинува договорот што нè донесе до полноправно членство во НАТО и на чекор до почнување на преговорите со ЕУ, изјави на прес-конференција Зоран Заев, претседател на СДСМ.
„Неодамна, во октомври 2019 година, Христијан Мицкоски за српски медиум изјави дека доколку добиеле двотретинско мнозинство, ќе се отворела можност за враќање на земјата чекор назад по однос на договорот, за веќе во декември за домашен медиум да изјави, цитирам: „Со двотретинско мнозинство во парламентот го укинуваме преспанскиот договор“. Советничката на Мицкоски, Каракамишева, која се појавуваше заедно со него на партиските преговори, отворено побара поништување на договорот од Преспа и поништување на уставните амандмани за промена на името. Дали ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски навистина се свесни што ќе се случи ако се укине, поништи или измени преспанскиот договор за кој се водеа преговори повеќе од 20 години, од привремената спогодба во 1995 до 2018 година?“, рече тој.
Според Заев, укинувањето на договорот од Преспа би нè вратило најмалку 25 години назад и би го вратило името ПЈРМ, односно ФИРОМ, име со кое бевме именувани на меѓународен план, на сметка на уставното име.
„Тоа ќе значи автоматско укинување на нашето членство во НАТО, губење на ЕУ-перспективата, изгубени милијарди евра странски инвестиции и уништување на иднината на нови генерации. Без договорот од Преспа со сигурност ќе ослаби, а можеби и ќе исчезне, поддршката од нашитe стратешки партнери, а неизбежно ќе биде и влошување на политичките и економските односи со Грција, нови блокади од Грција, нова внатрешна нестабилност и ризици за конфликти по разни основи, како и зголемување на нестабилноста во регионот.
Уште еден непобитен факт е дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не успеа со Грција да договори решение, во кое истовремено ќе се признaат етничкиот идентитет на Македонците, македонско државјанство, македонскиот јазик и ќе се зачуваат кодовите МКД и МК. Затоа, пак, Владата предводена од СДСМ во последните две години успеа да преговара со Грција и да постигне договор поздравен од целата меѓународна и домашна демократска јавност, како наш и европски успех, и признаен како пример за Балканот и светот за решавање проблеми по мирен пат со дијалог.
Укинувањето на договорот од Преспа е опасност за државата, a сите што заговараат укинување на договорот, всушност заговараат опасност за државата. Затоа, тука е целата демократската јавност во нашата земја, тука сме јас и СДСМ, заедно со сите политички и граѓански демократски капацитети да гарантираме дека договорот од Преспа ќе живее и ќе создава иднина за нашата земја – таа иднина значи членство во НАТО, преговори за членство во ЕУ, европски фондови, странски инвестиции, работни места, добри плати, соработка со соседите и заштитен македонски идентитет. Тоа ќе биде така бидејќи ако нема Преспа – нема иднина.
Затоа, јавно го повикувам раководството на ВМРО-ДПМНЕ да престане со опасните и манипулативни тези за укинување, поништување или менување на преспанскиот договор, со кои се доведуваат во прашање нашето полноправно членство во НАТО и внатрешната и регионалната безбедност. Укинувањето на преспанскиот договор нема да биде враќање чекор назад, како што сугерира Мицкоски, туку враќање најмалку 25 години назад, во старите конфликти, поделби, етнички тензии, сиромаштија и меѓународна изолација. Доста веќе чекоревме назад. Нашиот пат е напред и ние мораме да продолжиме да чекориме напред, на прав пат!“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Корисниците од село Орман денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со професори од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со професори на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје за неопходноста од креирање национален модел на образовна и здравствена политика, во којшто ќе бидат вградени физичката активност и здравите навики кај децата и младите, како гаранција за физички и ментално здрава нација.
За таа цел, деканот на факултетот, Влатко Неделковски, продеканката за настава, Андријана Мисовски и професорите Иван Анастасовски и Серјожа Гонтарев ја запознаа претседателката со предлог проектот, односно со планираните истражувања и временската рамка во којашто ќе се одвиваат (2026-2028), очекуваните резултати и стратешката одржливост.

Соговорниците укажаа на загрижувачките последици од долготрајното седење, гледањето телевизија и прекумерната употреба на дигитални уреди врз здравјето на младите, очигледни во прекумерната тежина, зголемената анксиозност, социјалната изолација и пониската самодоверба.

Тие посочија на научно утврдените придобивки од физичката активност како: поголема мускулна маса, подобра меморија, повисока концентрација, смиреност, полесно учење, повисоки академски резултати.

Претседателката предлага посветување поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени и форми на образование, од градинка до факултет, практикување интерактивна настава во природа, учење во движење.

Сите веруваат дека инкорпорирањето на физичката активност како неопходен елемент на образовниот процес ќе има силно влијание врз младите и нивниот префериран модел на живот, профилирајќи поактивни, поиздржливи, посвесни и поздрави генерации.
Македонија
До сабота претежно облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд
Облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните делови (локално над 30 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До сабота времето ќе биде претежно облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Во западните и јужните делови врнежите ќе бидат пообилни (локално над 30 l/m² за 24 часа). Од недела ќе има стабилизирање на времето.

