Македонија
(Видео) Димковски во Штип: Преку ХС „Злетовица“ жителите од Североисточниот Регион ќе имаат навремено снабдување со чиста вода за пиење

Отворен е јавниот оглас за избор на изведувач за пречистителната станица за вода за пиење во Штип, која ќе биде поврзана со хидросистемот „Злетовица“, каде што порано имаме изградено систем, но не е во функција, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, кој заедно со градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски, ја посети пречистителната станица за вода, која се наоѓа во населеното место Баби.
Како што велат, проектираниот капацитет на филтер-станицата во Штип за преработка на сурова вода од хидросистемот „Злетовица“ е 500 литри во секунда. Досега не било возможно овој капацитет целосно да се исполни поради, како што се наведува, променливата количина вода со која Штип се снабдуваше од речиси седумдесет бунари. Количината вода не е стабилна и постојано варира, а особено е проблематичен летниот период кога Штип се соочува со недостиг од чиста вода за пиење.
„На 5 февруари се затвора повикот, ќе се разгледаат понудите и многу бргу ќе се почне со градежните активности бидејќи парите се веќе обезбедени од МЗШВ. Во Карбинци е избран изведувачот, каде што ќе се почне со работа и вредноста е околу 85 милиони денари, а за пречистителната станица во Штип вредноста е околу 295 милиони денари за доградба на станицата со најсовремена технологија“, изјави министерот Димковски и притоа посочи дека до крајот на 2020 година општина Штип целосно ќе се приклучи кон хидросистемот „Злетовица“.
Во Штипскиот Регион исто така во завршна фаза е и изборот на најповолен понудувач за изградба и надзор над изведба на прочистителна станица во Карбинци. Во текот на 2020 година ќе се објави тендер за изградба на пречистителна станица за Лозово.
До крајот на 2020 година предвидено е да се изградат и цевководи и пристапни патишта до пречистителните станици за Карбинци и Лозово. Со сите овие активности се завршува првата фаза од проектот „ХС Злетовица“ за кој државата има обезбедено буџет од 5 милиони евра. Со овој капитален проект ќе им се овозможи континуирано и стабилно водоснабдување на речиси 100.000 жители од овој регион (Пробиштип, Свети Николе, Штип, Карбинци и Лозово). Со ова ќе се реши лошата состојба со водоснабдувањето со пивка вода во североисточниот дел на нашата држава.
Проектот „Хидросистем ‘Злетовица’“ понатаму продолжува со втора и трета фаза, кои се наменети за изградба на систем за наводнување на приближно 3.500 хектари обработливо земјоделско земјиште во регионот на Пробиштип (втора фаза) и изградба на мали хидроелектрични централи (трета фаза). „Хидросистемот ‘Злетовица’“ е повеќенаменски (водоснабдување, наводнување и енергетика) и се смета за проект од врвен национален интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од шумскиот пат кон езерото, се води жестока битка за да се спречи ширењето на пожарот кај Јасен

Пожарот кај Јасен и натаму се заканува, откако во текот на ноќта започнал да се шири од шумскиот пат пред објектите на ловиштето кон ресторанот Козјак. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Анеглов, изјави дека пред неколку дена патот бил внимателно исчистен од вегетација со блудожер и сега претставува појас кој спречува ширење на огнот.
„Се води жестока битка со огнот, но надлежните служби не дозволија пожарот да се префрли на спротивната страна. Денес продолжува оперативната акција, со чистење на гребенот до езерото за да се стопира ширењето на огнот. Истовремено се дејствува и од воздух“, изјави Ангелов.
Како што додаде, покрај овој пожар, има уште неколку, но тие се безопасни во споредба со она што се случува во Јасен. Ангелов најави повеќе информации околу 13 часот.
Македонија
Антикорупциска брои службени возила пред изборите – институциите не ги пријавиле сите во рокот

Во Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија и други правни лица со државен капитал при Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се пријавени 1.916 возила, иако институциите располагаат со околу 6.500 возила.
Податоците за бројот, марката, годината на производство, регистарскиот број и возната состојба требаше да се достават најдоцна до 18 август. Доколку правните лица не ги поднесат информациите навремено, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истекот на рокот.
Евидентирањето на возилата има за цел да спречи нивна употреба за потребите на изборните кампањи. Владата донесе одлука сите службени возила да добијат специјални црвени таблички најдоцна до 15 септември, а ќе се воведе и специјален регистар за нивно следење.
Македонија
Сончево време со изолирана појава на нестабилност попладне

Времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Попладне во југоисточните делови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 28 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во четврток ќе дува умерен до засилен, а во петок повремено силен јужен ветер. Во сабота ќе има услови за повремен локален дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер, кој ќе продолжи и во недела, а дневната температура ќе биде во опаѓање.