Македонија
(Видео) Заев: Барам чист мандат за целосно да се посветиме на економијата
Поништувањето на договорот од Преспа е ризик, затоа што се отвора нов проблем со соседна држава, ново вето и враќање на ретроградни процеси, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Сојузот на Стопански комори.
„Беше потребна храброст да се постигне тој договор со Грција, ама на крајот тоа беше и заради економија, заради подигање на економскиот стандард и зголемена соработка со Грција, но и светот и не случајно над 80 отсто од граѓаните се за ЕУ и НАТО, затоа што тоа носи економски придобивки за државата“, истакна Заев.
Осврнувајќи се на прашањето за темите во предизборието, Заев истакна дека тој ќе се осврне на економските теми и досега сработеното.
„Многу работи се исполнија во последниот период како долгогодишни стратешки определби на државата, кои даваат предвидливост и иднина на креирањето на плановите во секој сегмент на општеството, така и во најважниот – економијата. Јас барам чист мандат за целосно да се посветиме на економијата. Јас сум економист и доаѓам од реалниот сектор и среќен сум што за овие две и пол години од негативни ставки од минус 1,8 отсто ја подигнавме економијата на 3,6 отсто раст. Секако има простор за уште поголем раст, имаме квалитетни компании, имаме инвентивни бизнисмени, пример сме за многу позитивни нешта и секако тоа како потенцијал мора да го искористиме. Ќе се посветам на економијата за да има вистински економски натпревар помеѓу политички субјекти. Во следниот четиригодишен период две работи ќе бидат клучни: економија и целосна трансформација на општеството, трансформација која ќе биде во функција на економијата“, рече тој.
Во однос на прашањето за Законот за јавно обвинителство, Заев истакна дека очекува предлог од ВМРО-ДПМНЕ за да продолжат со работа работните групи на двете партии.
„Ред е големите политички партии да најдат решение за вакво сериозно прашање, особено сега кога предметите на СЈО се обезбедени. Ред е да направиме суштински, структурен европски закон за Јавно обвинителство. Разговарам и со други пратеници, има надеж, треба да се помине и низ материјата за унапредување на целиот материјал, за на рајот да веруваме дека може да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство. Тоа е еден од законите кои остана последен од делот на реформите, односно реформите во правосудството и наша обврска е да го донесеме“, заклучи Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зимзоленд: Продолжуваме со работа, шпекулација е дека настанот ќе биде затворен
Од Зимзоленд велат дека продолжуваат со работа и дека информациите за неговото затворање се шпекулации.
„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно. Зимзоленд продолжува да работи со редовно работно време“, се наведува во јавното соопштението.
Во него се додава дека е точно дека во претходните денови имало инспекциски надзори, но велат дека до надлежните служби била доставена целосната и потребна документација.
Македонија
Ѓорѓиевски најавува враќање на празничниот дух, на 15 декември почнуваат настаните на плоштад „Македонија“
На 15 декември почнуваат предновогодишните настани на плоштад „Македонија“.
„Градот Скопје со радост најавува дека годинава празничниот дух повторно се враќа на плоштадот „Македонија“. Со посебна атмосфера, богата програма и многу изненадувања за сите генерации, претстојниот настан го означува почетокот на новогодишните и божиќните празнувања во главниот град“, велат од Градот.
„ Ајде заедно да го осветлиме градот. 15.12.2025 во 18:00 часот. Почитувани скопјани, драги родители, најдраги дечиња, нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија. А сите ние – и младите, и возрасните ја заслужуваме таа топлина што ја носат Новогодишните и Божиќните празници. Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и вашите омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите. На 15 декември, во 18 часот, на плоштадот „Македонија“, заедно со вас ќе го осветлиме градот и после неколку години ќе ја почувствуваме првата искра на празничниот дух. Веќе од наредниот ден, па сѐ до самата Нова година, ќе следуваат секојдневни настани и забави за сите генерации. А дочекот, ви ветуваме, ќе биде спектакуларен и незаборавен“, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Притвор за скопјанецот кој насилно упадна во студиото на „Инфомакс“
Судот му определи притвор на 43-годишниот скопјанец кој вчера насилно упадна во студиото на „Инфомакс“.
Според информациите од МВР, полицијата поднесе кривична пријава по брза постапка против Г.С.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела насилство и спречување на службено лице при вршење службено дејствие.
„Имено по претходна пријава од страна на А.М. водител на емисијата ‘Инфомакс’ и по преземени мерки од страна на полициските службеници извршен е разговор со оштетениот и сведоците на настанот, обезбедени се видео записи од безбедносни камери, извршен е службен разговор со пријавениот и документирани се заканувачки пораки од пријавениот кон оштетениот. Тој е изведен пред судија на претходна постапка при што му е изречена мерка притвор“, соопшти МВР.

