Македонија
(Видео) Локвенец: Свесното блокирање на законот за одбрана од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја врати земјата децении назад

ВМРО-ДПМНЕ да престане со деструктивното однесување и ситнопартиските политики и да дадат поддршка на законот за одбрана, кој е клучен за членството на земјава во НАТО, порача пратеникот Хари Локвенец од собранискиот прес-центар.
„Свесното блокирање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ може да испровоцира ново вето во Грција и Македонија да ја врати децении назад. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да престанат со игрите на ситното политиканство бидејќи нивното однесување е одамна прочитано од страна на граѓаните. Ги повикуваме да се свестат и да дадат поддршка. Порачуваме дека нема да дозволиме напредокот да биде закочен. Мислам дека освен еден член, кој се однесува на името на Армијата, сè друго консензуaлно е договорено. Не гледам проблем законот да не биде донесен“, рече Локвенец.
Тој додаде дека доколку не ја добијат поддршката од опозицијата, ќе обезбедат мнозинство од 80 пратеници, со кои би се донел законот до крајот на мандатот на овој парламентарен состав. Не одговори конкретно дали за законот има поддршка од независната група на ВМРО-ДПМНЕ, но рече дека очекува консензус по овa прашање, со кој ќе се овозможи полноправно членство во алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.