Македонија
Отстранети 224 непрописно паркирани возила од јавните површини
Во текот на изминатата недела со специјалните возила пајак се подигнати 224 возила од јавните површини, информира Град Скопје.
Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 36 се отстранети од зонските паркиралишта, а преостанатите 188 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.
Контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 412 возила, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 36 возила се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.
Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.
„Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка“, велат од Град Скопје преку соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Бочварски: ДПМНЕ одби амандман на СДСМ за субвенции на чисти извори на енергија
СДСМ поднесе амандман со кој бара да се обезбедат средства за субвенционирање на сите компании што ќе имплементираат капацитети за производство на чист водород од обновливи извори на енергија. Оваа поддршка има за цел да поттикне, развој на иновативните технологии и решенија, кој ќе придонесат за енергетска независност и зелена транзиција на земјата, особено во период на глобалната борбата против климатските промени, рече пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски, на комисијата за финансирање на буџет.
– Субвенициите ќе им овозможат на компаниите да ги намалат почетните трошоци за имплементација на водородни капацитети, со што се поттикнува потребата на чисти извори на енергија во производството и индустријата. Производството на водород од обновливи извори како што се соларната и ветерната енергија ќе го намали влијанието врз животната средина и ќе обезбеди стабилно и одржливо снабдување со енергија што е клучно за долгорочната економската и еколошка стабилност на земјата, рече Бочварски.
Ова инцијатива ќе го позиционира енергетскиот сектор на Македонија, на мапата на одржливи и иновативни решенија, потенцираше Бочварски, и со тоа ќе ја зголеми конкурентноста на домашните компании и ќе придонесе за одржлив економски развој.
Македонија
Мицкоски е разочаран од новото раководство на СДСМ: Ќе продолжат со конструкции, измислици, ниски страсти и навреди
Премиерот Христијан Мицкоски од новото раководство на СДСМ не очекува конструктивна опозиција. На денешното поставување камен-темелник за нова детска градинка во Расадник, Кисела Вода, одговарајќи на новинарски прашања, премиерот Мицкоски рече дека за новото раководство на СДСМ може да каже две работи.
„Прво, членовите на конгресот или на општинските организации на СДСМ си избраа раководство какво што заслужуваат. Тие најдобро знаат. Ние не можеме да кажеме какво раководство треба да има СДСМ. Тие одлучиле дека такво раководство заслужуваат и во ред, тоа е што е. Второ, што можам како порака да го пратам, е дека не сум импресиониран од ова раководство, напротив, разочаран сум затоа што ценам дека овие луѓе не може да бидат конструктивна опозиција и додадена вредност на политичката сцена кај нас. Ќе продолжат со оние конструкции, измислици, ниски страсти, навреди, дневно политички и тоа е што е“, рече премиерот Мицкоски.
Според него, локалните избори в година ќе бидат првиот тест за новото раководство на СДСМ.
„Приближно за десет месеци од денеска ќе има веќе кампања за локалните избори и ќе видиме дали ова ново раководство ќе понуди нешто ново, нема да понуди нешто ново и така натаму. Јас би сакал да бидат конструктивен партнер на политичката сцена. За жал, можам да констатирам дека не сум импресиониран од кадровската понуда, но тоа е одлука на членовите на конгресот на СДСМ“, вели премиерот Мицкоски.
СДСМ вчера избра нов состав на Централниот и Надзорниот одбор, како и заменик-претседател. Заменик-претседателка на партијата од вчера е Фани Каранфилова-Пановска, а во Централниот и Надзорниот одбор влегоа поранешниот градоначалник на Бутел, Велимир Смилевски, поранешниот директор на истражниот завор во Шуто Оризари, Филип Андов, поранешниот пратеник Мартин Костовски, поранешната заменик-министерка за правда, Викторија Мадиќ-Аврамовска, и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
Македонија
Мицкоски: Неделава стопанството ќе добие средства од унгарскиот заем со историска најниска каматна стапка од 1,95 процент
Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на поставување камен-темелник за изградба на детска градинка во рамките на постојната ЈДГ „8 Март“ во општина Кисела Вода.
По настанот, одговарајќи на новинарско прашање од кога ќе може да се користат евтините банкарски кредити, кои се договорени со банките и под кои услови, информира:
„Ние нашето си го направивме, обезбедивме заедно со некои од банките навистина историски најниска каматна стапка од 1,95 процент. Под услови до три години грејс-период, значи тука ќе се плаќа само каматната стапка и до 15 години рок на отплата, бидејќи има компании што сакаат рокот на отплата да биде пократок, да не биде толку долго. Така што оставивме простор и го вметнавме она зборче ‘до’ и мислам дека е тоа добро за економијата имајќи предвид дека обврска на компаниите и е најмалку дваесетина проценти од проектот од сопствени средства да го финансираат“, изјави Мицкоски.
Според проекциите, очекува, како што рече, зимата да ја поминеме без поголеми потреси и изместувања на пазарот.
„Станува збор за 300 милиони евра, кога на тоа ќе се додадат уште половина милијарда, 500 милиони евра што ги реалоцираме од буџетот кон општините и оние проекти што Министерството за животна средина и транспорт беа закочени, тоа се 800 милиони. Имајќи предвид дека е проектиран домашниот бруто-производ на 16 милијарди, станува збор за 5 проценти од домашниот бруто-производ, средства што очекувам да бидат инвестирани оваа и в година. Тоа е алатката со која ќе се бориме против евентуалната економска криза поради кризата во автомобилската индустрија во Европа, нормално. Од аспект на енергетските ресурси, мислам дека тука е оптимална состојбата и дека оваа зима ќе ја поминеме без поголеми потреси и би рекол изместувања на пазарот.
Практично, оние два реални проблема што ги антиципиравме, кои може оваа зима и пролет да бидат проблем, мислам дека подготвени ќе ги пречекаме. Ова е жива материја, проблеми има секој ден, решаваме тековно, но овие беа оценети како главни приоритети за решавање. Мислам дека како Влада граѓаните нема да бидат сведоци на оние слики што беа во минатото кога во 5 до 12 се бараат адхок-решенија, па тие изнудени решенија нè чинат многу скапо. Подготвени го пречекуваме сето ова и можеби сме први во регионот, ако не и во Европа. Тоа што сме помали, помалобројни, тоа понекогаш значи и предност, така што мислам дека многу бргу се адаптиравме на ова и мислам дека подготвени ќе го пречекаме сето ова“, нагласи премиерот.
Појасни дека сите компании што ќе инвестираат во средства за работа, односно основните средства, тие ќе бидат подржани со овој проект.
Максималниот износ на проектот, како што нагласи, ќе биде до 10 милиони евра.
„Тиа значи дека од тие 10 милиони, би требало 20 проценти минимум да е сопствена инвестиција, што значи дека до 8 милиони евра ќе бидат финансирани од овој проект. Тука се опфатени објекти што се од обновливи извори на енергија, онаму каде што ќе се инвестира, таму нели сите ние сме за онаа зелена транзиција, се боревме што побргу да ги постигнеме целите имајќи предвид дека планот за раст тоа и го наметнува и сме први во регионот, иако како влада последни почнавме во многу работи и први ќе ја добиеме траншата.
Исто така, оние што ќе инвестираат во административни простории за сопствени потреби, не да инвестираат, па да ги препродаваат, туку за сопствени канцелариски простори административни, во склоп на производниот погон и слично. Така што, еве уште еднаш ќе ги повикувам компаниите да подготват добри издржани проекти, добар план, бизнис-план. Навистина претставува атрактивно сето ова вие да добиете осум милиона по каматна стапка од 1,95 процент, до 8 милиони зборуваме, тоа значи дека годишно ќе треба да плаќате до 160.000 евра камата и три години да ги работите парите“, истакна Мицкоски.