Свет
Помпео прекинал интервју, по што ја навредувал новинарката
Американскиот државен секретар Мајк Помпео викал, користејќи навреди и пцости кон новинарката Мери Луиз Кели по интервјуто што го прекинал незадоволен од поставувањето прашања за Украина, јави Нешнел Публик Радио (НПР).
Интервјуто било договорено и спроведено во Стејт департментот. Помпео одбил да одговори на прашањаta во врска со Украина и американскиот амбасадор во Киев, изјавувајќи дека се согласил на интервју за политиката на администрацијата за Иран. Новинарката тврди дека било договорено со неговите соработници и Украина да биде една од темите.
Во изјавата на НПР се вели дека „веднаш по прашањето за Украина, интервјуто завршило“.
Помпео станал и погледнал во Кели неколку секунди, а потоа ја напуштил собата. Неговиот соработник побарал од Кели да го придружува Помпео во неговите канцеларии во Стејт департментот, без диктафон, се вели во соопштението на НПР.
„Помпео во собата гласно го изрази своето незадоволство од прашањето за Украина. Тој користеше псовки и ја прашуваше новинарката:„ Мислите ли дека Американците се грижат за Украина?“.
Самата новинарка подоцна рече: „Тие ме одведоа во приватниот оддел на секретарот, каде тој чекаше и ми викаше долго, колку што траеше и интервјуто“.
Според неа, тој користел псовки.
Потоа ја прашал дали може да ја најде Украина на мапа и кога потврдно одговорила, ги повикал своите соработници да му донесат мапа на светот без обележани земји.
„Покажав на Украина. Потоа ја отстрани мапата. Тој рече – луѓето ќе слушнат за ова, се сврте наоколу и рече дека има работа, а јас му се заблагодарив и заминав“, рече новинарката.
Ниту Белата куќа, ниту Стејт департментот не одговорија на барањето за коментар на Си-ен-би-си.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Егзодус на персоналот од германските болници во близина на Швајцарија, сè повеќе пациенти умираат
Во германските болници по должината на швајцарската граница смртноста е поголема отколку во остатокот од Германија, поради медицинскиот персонал што заминува на работа преку границата, според студија објавена денес.
„Смртноста во болниците по должината на границата е за 4,4 проценти повисока отколку во остатокот од земјата поради недостаток на медицински персонал, особено медицински сестри“, според студија на Центарот за европски економски истражувања во Манхајм и Институтот Ифо во Минхен.
Причината за недостатокот на медицински персонал е фактот дека од 2011 година, голем број вработени во болниците по должината на швајцарската граница се вработиле во швајцарските институции поради повисоки плати.
„Болниците по должината на границата регистрирале 12 проценти повеќе заминувања на персоналот отколку во другите региони“, се наведува во студијата.
Како што понатаму се наведува, поради недостаток на персонал, болниците се принудени да избираат пациенти и процедури според итноста и да ги ставаат сите медицински случаи што немаат приоритет на листа на чекање.
„Недостатокот на медицински персонал е особено почувствуван кај постарите пациенти и во итни случаи. Оваа група доживеала повисоки стапки на смртност. Додека во остатокот од Германија гледаме зголемување на просечниот животен век, во регионите по должината на границата со Швајцарија оваа вредност опаѓа“, вели Оливер Шленкер, еден од авторите на студијата.
Во последниве години, низ цела Германија има недостиг од медицински персонал, особено медицински сестри и болничари.
Според податоците од надлежните институции, во 2026 година на Германија ќе ѝ недостасуваат најмалку 200.000 болничари и медицински сестри, од кои над 50.000 во болниците.
Платите за медицинскиот персонал во Швајцарија се за 30 до 40 проценти повисоки отколку во Германија.
Свет
ЕК: Европската Унија може да го заштити Гренланд ако Данска го побара тоа
Европската Унија може да го заштити Гренланд ако Данска го побара тоа, изјави денес европскиот комесар за одбрана, Андриус Кубилиус, предупредувајќи дека американското преземање на островот би значело крај на НАТО.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторува дека на САД им е потребен Гренланд, автономна територија што е дел од Кралството Данска, тврдејќи дека постојното воено присуство на САД таму не е доволно.
Членките на НАТО, Данска и САД, треба да се состанат оваа недела за да разговараат за Гренланд. Копенхаген и Нук нагласуваат дека најголемиот остров во светот не е на продажба, но Трамп не ја исклучува можноста да го земе со сила.
„Се согласувам со данскиот премиер дека ова би претставувало крај на НАТО, но би имало и многу негативна резонанца меѓу луѓето“, рече Кубилиус, првиот европски комесар за одбрана, на безбедносна конференција во Шведска.
Литванецот не верува дека ќе има американска инвазија, но нагласи дека член 42.7 од Договорот за Европската унија ги обврзува членовите да ѝ помогнат на Данска или на која било друга членка што се соочува со воена агресија.
„Првенствено ќе зависи од Данска, како ќе реагира и каква ќе биде нејзината позиција, но дефинитивно постои обврска членовите да си помогнат себеси ако некоја од нив се соочи со воена агресија“, рече тој.
фото/депозитфотос
Свет
Франција ги повикува младите на десетмесечна доброволна воена служба
Франција почна кампања за нова десетмесечна доброволна национална воена служба, а првите учесници ќе почнат со обука во септември годинава. Програмата, која во ноември ја претстави претседателот Емануел Макрон, е отворена за сите млади француски државјани, пишува „Ројтерс“.
Службата е наменета за лица на возраст од 18 до 25 години кои сакаат да придонесат за способноста на нацијата да се спротивстави во небезбедна средина, изјави на прес-конференција началникот на Генералштабот на вооружените сили, генералот Фабиен Мандон. Овој потег е дел од поширок тренд во Европа, каде што земјите ги преиспитуваат своите одбранбени стратегии поради загриженоста околу променливите приоритети на Соединетите Американски Држави под претседателот Доналд Трамп, како и поради, како што се оценува, поагресивниот став на Русија.
Од септември, 3.000 млади лица ќе се приклучат на армијата, морнарицата или воздухопловството за извршување мисии на француска територија. Планирано е бројот да се зголеми на 4.000 во 2027 година, а потоа да достигне 10.000 учесници годишно до 2030 година.
Учесниците ќе добиваат надомест од околу 800 евра месечно, а нивните задачи ќе опфаќаат широк спектар активности – од помош при природни катастрофи и антитерористички надзор, до работни позиции како оператори на дронови, пекари, механичари, електричари и медицински персонал.
По завршувањето на програмата, учесниците ќе можат да се вратат во цивилниот живот, да станат резервисти или да останат во вооружените сили. Министерката за одбрана Катрин Вотрен изјави дека ова го одразува „долгорочниот развој на војската кон хибриден модел“.
Се очекува програмата во 2026 година да чини 150 милиони евра, а вкупните трошоци за периодот од 2026 до 2030 година се проценуваат на 2,3 милијарди евра.
Фото: pexels

