Регион
Премиерот на Словенија поднесе оставка, бара избори
Словенечкиот премиер Марјан Шарец најави дека ќе си даде оставка од функцијата.
Според СТА, Шарец рекол дека со малцинската коалиција не може да го постигне сето она што имал намера да го направи и повикал на предвремени избори.
„Со таква коалиција и ваква ситуација во парламентот, не можам да ги исполнам очекувањата на граѓаните. Јас ќе можам да го сторам тоа по изборите“, изјавил Шарец на прес-конференција, пренесува „Ројтерс“. Тој рекол дека неговата малцинска влада не може да спроведува важни закони.
Претходно поднесе оставка словенечкиот министер за финансии, Андреј Бертонцељ, при што СТА наведува дека можна причина е несогласувањето со нацрт-законот за укинување на дополнителното здравствено осигурување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Албаниан пост“: Франција побара Советот на Европа да ја одложи одлуката за членство на Косово
Франција испрати демарш до земјите-членки на Советот на Европа со барање за одложување на одлуката за прием на Косово во Советот на Европа поради неисполнување на обврската за формирање на Заедницата на српските општини, објави порталот „Албаниан пост“, повикувајќи се на дипломатски извори.
Денеска во Стразбур треба да се одржи последниот состанок на амбасадорите пред состанокот на министрите, кои на 16 и 17 мај треба да ја донесат конечната одлука за прием на Косово во оваа меѓународна организација, пишува медиумот.
Порталот наведува дека според нивните сознанија, амбасадорите на земјите членки на Советот на Европа нема да го стават прашањето за членството на Косово на дневен ред на мајскиот министерски состанок.
Причината е што Косово нема преземено никакви чекори кон формирањето на Заедницата на српските општини.
Агенцијата „Бета“ во понеделникот објави дека објавената агенда на состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа, што ќе се одржи на 16 и 17 мај, укажува дека нема да се донесе одлука за Косово.
„Иако германската позиција до сега не беше јасна, сега се чини јасно дека и Германија зазема став дека владата на Курти мора да преземе конкретни чекори во однос на Асоцијацијата за да добие членство во Советот на Европа. Франција, Германија и Италија веќе се на мислење дека членството на Косово во Советот на Европа може да се одложи до моментот кога Владата на Косово ќе ја докаже својата посветеност на имплементацијата на Асоцијацијата со испраќање нацрт до Уставниот суд“, објави „Албаниан пост“.
Порталот додава дека ваквиот пристап не бил поддржан од Велика Британија, која смета дека прашањето за Заедницата на српските општини не треба да се меша со членството во Советот на Европа.
„И покрај епилогот од состанокот, постои техничка можност Косово да биде на дневен ред неколку дена пред министерскиот состанок. Јасно е, меѓутоа, дека тоа нема да се случи во отсуство на видлив напредок кон имплементација на Асоцијацијата од страна на Курти“, заклучува албанскиот портал.
Францускиот претседател Емануел Макрон и косовскиот премиер Албин Курти телефонски разговараа на 23 април. Како што соопштија од кабинетот на Макрон, францускиот претседател го повикал Курти за целосно спроведување на бриселските и охридските договори.
„Сепак, и во контекст на барањето на Косово за членство во Советот на Европа, тој ја подвлече важноста што Франција ја придава на брзиот и неповратен напредок во спроведувањето на Заедницата на општини со српско мнозинство“, објави француското претседателство во соопштението.
Регион
(Видео) „Мажот ја навредувал и изневерувал“ – Обвинителството во Албанија со детали за мајката што скокна во река со своите деца
Обвинителството на Основниот суд од општа надлежност во Скадар во комуникација до медиумите изнесе повеќе детали за трагедијата во семејството Арази во албанскиот град Скадар, каде досега се пронајдени телата на две деца, додека потрагата по телото на мајката и третото дете продолжува.
„До оваа фаза се утврдени сомнежи врз основа на докази дека државјанин Е.А., како последица на континуирано психичко насилство врз неговата сопруга, манифестирано во форма на континуирани навреди и прељуба, тешко нарушувајќи го нејзиното достоинство, го предизвикал самоубиството на А.А., за која се сомнева дека во тешка психичка состојба, се фрлила во реката заедно со трите малолетни деца“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Алма Арази (39) со трите деца скокна во студената река.
Телото на најстарото девојче било пронајдено вчера во реката, додека телото на второто денеска.
Во потрагата учествува и рибарот кој вчера пронашол едно од девојчињата и кој рекол дека потрагата е многу комплицирана.
По страшната трагедија, нејзиниот сопруг е уапсен и обвинет за семејно насилство и предизвикување самоубиство.
Новинарот на „Еуроњуз Албанија“ рече дека за време на сведочењето дадено во полиција, 39-годишниот сопруг Ергис Арази се појавил многу ладен за време на испрашувањето, не покажал никакви емоции и ги отфрлил обвинувањата дека ја малтретирал сопругата или другите деца.
Тој рече дека парот бил во стабилна економска ситуација, претходно живеел во Италија и Германија, а неодамна се преселил во Скадар.
Арази, откако неговото семејство било пријавено за исчезнато, два дена подоцна бил виден во кафуле со пријателите и наводно воопшто не бил вознемирен, наведува „Voxnews.al“, повикувајќи се на изјавите на неговите пријатели.
Како што рекоа, тој бил сосема мирен.
Семејството на Ергис тврди дека тој никогаш не би им наштетил. Тие тврдат дека парот имал проблеми меѓу себе, но дека Ергис Арази не бил насилник.
„Ги обожаваше децата. Тој никогаш не би им наштетил. Работеше цел ден во сервис за мобилни телефони за да ги испрати во приватно училиште. Можеби имал проблеми со сопругата, но таа никогаш не требало да им го прави тоа на децата. Тоа нема да и го простиме“, рекле тие.
Регион
Србите објавија детали за дочекот на кинескиот претседател во Белград: „Вучиќ ќе му служи српски вина“
Претседателот на Кина, утре пристигнува во дводневна посета на Белград, а во тек се последните подготовки за неговото пристигнување.
Тој ќе биде придружуван од делегација од 400 луѓе, а ќе го обезбедуваат 3.400 полицајци.
„Блиц“ го објави планот за неговиот пречек.
Кси на аеродромот ќе биде пречекан со свечена церемонија и фолклор. Покрај патот во Белград ќе бидат поставени кинеско-српски знамиња, а на надвозниците ќе бидат испишани пораки.
Свечен дочек ќе биде организиран и пред Палатата Србија. Српскиот и кинескиот претседател ќе потпишат триесетина договори.
За време на ручекот ќе се служат српски јадења и вина, а претседателот Вучиќ лично ќе служи Џинпинг со српски вина, од пенливи до десертни вина, од кои повеќето се автохтони српски сорти.
Девојка од Србија ќе ја отпее песната „Татковино и јас“ на кинески, додека хорот „Чаролије“ ќе ја изведе песната „Прекрасен јасмин цвет“, исто така на кинески. .
Програмата ќе заврши со песната „Ова е Србија“, објави српскиот портал.