Македонија
(Видео) Чулев: Во групата „Јавна соба“ откриени се 800 фотографии и приватни видеа
Министерството за внатрешни работи сè уште нема одговор од седиштето на апликацијата „Телеграм“ во Велика Британија за идентификување на двајцата администратори и двајца модератори на групата „Јавна соба“ каде што се споделуваа фотографии и видеа за кои постојат сомневања за детска порнографија и злоупотреба на лични податоци.
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев вели дека засега утврдиле дека групата броела 8.000 членови, а биле откриени вкупно 800 фотографии и видеа, главно од „Фејсбук“, „Инстаграм“, но и приватни фотографии и видеа.
„До ‘Телеграм’ во Велика Британија испративме барање да нè информираат за телефонските броеви на двајца администратори и двајца модератори на групата. Ќе се бараат информации за сите што го прекршиле Законот за производство и дистрибуција на детска порнографија или, пак, направиле злоупотреба на податоци. Инспектори од сите СВР на терен собираат податоци за случајот. Имаме релевантни сознанија за дел од луѓето кои ја менаџирале групата, но во интерес на истрагата не би одел со конкретни имиња“, рече министерот Чулев.
Посебни насоки Чулев дал на службите за постапување со жртвите чии фотографии и видеа биле злоупотребени во оваа група. Засега имале само два пријавени случаи, од кои во едниот веќе било утврдено дека се работи за злоупотреба на лични податоци.
Министерот Чулев рече дека на разговор во врска со овој случај ќе бидат повикани само оние кои споделувале видеа и фотографии, не сите кои членувале во групата. Тој уверува дека МВР ја следи состојбата и внимава на можно појавување на групата со друго име и на друга мрежа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денеска задолжителна зимска опрема за возилата
Од денеска стапува во сила обврската за задолжително користење на зимска опрема за возилата. Оваа обврска ќе трае до 15 март следната година.
За да избегнете сообраќајни казни и прекршоци, од АМСМ велат потребно е да го усогласите вашето возило со пропишаните барања:
– Возила до 3.500 кг: потребни се зимски гуми на сите тркала со длабочина на шарата од минимум 4 мм, или летни гуми со истата длабочина, со задолжително носење синџири за снег.
– Возила со погон на сите тркала (4х4): зимски гуми со длабочина од најмалку 6 мм, или летни гуми со минимум 4 мм длабочина и синџири за снег.
– Возила над 3.500 кг: зимски гуми со длабочина од 6 мм на погонските тркала, или летни гуми со минимум 4 мм, со задолжителни синџири за снег.
Покрај ова, автобусите и товарните возила мора да носат прирачен алат како лопата, ако не можат да користат синџири за снег, информираат од АМСМ.
Македонија
Времето денеска сончево, со температури до 19 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југозападен правец. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 15 до 19 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 17 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.

