Македонија
Силјановска: Избегнувајте го новото име во текстот на законот, промената сѐ уште е болна тема за граѓаните

Професорката Гордана Силјановска-Давкова од јавната дебата за законот за Јавното обвинителство порача во текстот на законот еднаш да биде употребено новото име на државата, а понатаму во текстот да стои Републиката затоа што, според неа, името и натаму е болна тема за граѓаните.
„Нема потреба папагалски да го повторувате името на државата, тоа е сѐ уште болна тема за сите нас. Еднаш нека стои новото име Северна, потоа во заграда ставете Републиката“, порача професорката Силјановска.
Таа истакна и дека ваков суштински закон треба да биде носен надвор од политички пресметки, а пратениците да гласаат по сопствено убедување.
„Слушаме информации дека се разговара за потребното мнозинство, дека треба да се донесе законот, но процедурата е гаранција за демократијата. Пратениците треба да се изборат за ова право и да гласаат по сопствено убедување“, нагласи професорката.
Според неа, законот не би требало да се носи по скратена постапка, а треба да биде доставен и до Венциската комисија, која треба да даде правно мислење.
„Ако имаме закон со европско знаменце, тогаш треба и процедурите да се европски. Легитимноста на знаменцето ќе беше ако го пратевте до Венециската комисија и добиевте правно мислење. Не сакам да го споменам специјално донесениот закон за специјално обвинителство со договор на 4 партии, невиден феномен во правото, но кој, ете, влеваше надеж дека ќе стави крај на криминалот и корупцијата, а заврши со ‘Рекет’“, рече Силјановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.