Свет
Турција го отфрли планот на Трамп: Ова е кражба на палестинската земја
Турција го отфрли мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток како обид за анексија на палестинска земја.
„Овој план е план за анексија што има за цел убивање на решението за две држави и кражба на палестинска земја”, соопшти турското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се отфрла изјавата на Трамп за Ерусалим како неделива престолнина на Израел и порача дека Ерусалим е „црвената линија”.
„Американскиот таканаречен мировен план е мртвороден. Палестинскиот народ и нивната земја не можат да се купат со пари”, се наведува во соопштението на турското МНР. Анкара порача дека нема да поддржи никаков план што не го прифаќаат Палестиниците.
Претходно палестинскиот претседател Махмуд Абас го отфрли планот со кој се предвидува создавање палестинска држава на делови на Западниот Брег, но му се дозволува на Израел да ги задржи сите еврејски населби на таа окупирана територија. Исто така се дозволува формирање на главен град на Палестина во предградието на источен Ерусалим, но поголемиот дел од тој град ќе остане под контрола на Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп вели дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД.
-„Лидерството“ на Украина изрази нулта благодарност за нашите напори, а Европа продолжува да купува нафта од Русија. САД продолжуваат да продаваат огромни количини оружје на НАТО, за дистрибуција во Украина (измамникот Џо даде сè, бесплатно, вклучително и „големи“ пари), напиша Трамп на платформата „Truth social“.
Тој ја даде изјавата додека високи функционери од САД, Украина и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија разговараат за нацрт-планот на САД за завршување на војната во Украина во Женева.
-Војната меѓу Русија и Украина е насилна и ужасна војна која, со силно и вистинско американско и украинско лидерство, никогаш немаше да се случи. Започна долго пред да го земам мојот втор мандат, за време на администрацијата на заспаниот Џо Бајден, и само се влоши, рече Трамп.
„Доколку претседателските избори во 2020 година не беа наместени и украдени, немаше да има војна меѓу Украина и Русија…Наследив војна што никогаш не требаше да се случи, војна што е губитничка за сите, особено за милионите луѓе што толку непотребно загинаа, заклучи Трамп.
Свет
Зеленски: Мировниот план на САД може да вклучува елементи од клучно значење за Украина
Предлогот на САД за запирање на војната во Украина може да вклучува делови што се засноваат на украинските перспективи и се од клучно значење за украинските национални интереси, изјави денеска претседателот на земјата, Володимир Зеленски.
„Веќе имаме кратка информација од членовите на делегацијата за резултатите од првиот состанок и првите преговори“, напиша Зеленски на „Х“ за разговорите со ЕУ и САД во Женева.
-Работата продолжува за постигнување на главната цел што ја очекува нашиот народ: да се стави крај на крвопролевањето и војната, додаде тој.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинските власти не изразиле никаква благодарност за напорите на САД по ова прашање, а Европа продолжува да купува нафта од Русија.
Свет
Фон дер Лајен: ЕУ мора да игра централна улога во обезбедувањето мир во Украина
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека ЕУ мора да игра „централна улога“ во обезбедувањето мир во Украина и дека ова е еден од главните елементи за „праведен и траен мир и суверенитет на Украина“.
Делегација од Украина, европски безбедносни претставници и американска делегација предводена од државниот секретар Марко Рубио денеска се среќаваат во Женева за да разговараат за неодамна протечениот предлог на САД за прекин на војната во Украина.
Во соопштение објавено на веб-страницата на ЕК, фон дер Лајен изјави дека одржливиот мировен план, покрај запирањето на војната, не смее „да сее семе на иден конфликт“.
Таа додаде дека „границите не можат да се менуваат со сила“ и го отфрли ограничувањето на персоналот во украинската армија, што е една од точките на протечениот мировен план.
-Не може да има ограничувања на украинските вооружени сили што би ја направиле земјата ранлива на идни напади и со тоа би ја поткопале европската безбедност, се вели во соопштението.
Фон дер Лајен изјави дека „Украина мора да има слобода и суверено право да ја избере својата судбина“ и дека избрала „европска судбина“, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да работи со Украина, коалицијата на земји што ја поддржуваат Украина и САД за да се постигне „вистински напредок кон мирот“.
Таа изјави дека „клучен елемент“ на мировниот договор мора да биде и „враќањето на секое украинско дете киднапирано од Русија“.

