Македонија
Судијка сведочи во „Рекет“: Боки 13 доаѓа од просечно семејство, но неговата финансиска состојба брзо се подобри
Апелациската судијка Мери Дика-Георгиевска сведочи пред судот за случајот „Рекет“ каде што обвинети се Бојан Јовановски и ексшефицата на СЈО, Катица Јанева.
На ред за сведочење чека и водителката Лила Филиповска и шефицата на кабинет на Катица Јанева, Сања Димовска.
„Бојан го знам од дете, со мајка му сме пријателки од претшколска возраст, значи 50 години. Знам дека се занимаваше со проекти за ранливи категории граѓани, финансирани од ЕУ. Тоа се мои сознанија“, рече таа.
На прашањето на обвинителката Гордана Смаќоска како Јовановски го купил станот во Орман, таа рече дека знае дека го купил од проекти.
„Летото во 2017 година Бојан кажа дека е избран за претседател на Меѓународниот сојуз, по мои сознанија, имаше Собрание на кое присуствуваа видни луѓе, јас бев исто. Понатаму не знам. Мојот син пет години живее во Милано. Имаме патувано во Милано со мајка му на Бојан и во еден наврат ѝ го дадов пасошот на мајка му за да ѝ вратат такса за два производа”, рече таа.
Дика пред судот изјави дека Јовановски кога се вратил од Белград се вратил изменет, а неговата финансиска состојба се подобрила.
„Претходно живееше со неговите, беа просечно македонско семејство“, рече таа.
Во случајот „Рекет“ обвинети се Бојан Јовановски, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, а беше и бизнисменот Зоран Милески – Кичеец.
Истрагата почна кога Јордан Камчев, осомничен од СЈО во случајот „Империја“, пријавил дека Јовановски и Милески му барале рекет – разни суми за разни услуги, со кои Јанева требало да ја олесни неговата положба во предметот за кој е осомничен.
На првото рочиште за „Рекет“ третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина по што беше осуден на три години затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

