Македонија
„Петоци за иднината на Скопје” утре на протест пред Собрание против увоз на опасен отпад
Младинското движење за климатска правда „Петоци за иднината на Скопје” организира протестен собир утре (петок) во 15 часот пред Собранието, каде, како што велат, ќе побараат крај на фарсата која парламентарните партии деновиве им ја сервираат на граѓаните во врска со законот за отпад.
Како што најавуваат, со централен перформанс – симболично седнување на улицата, ќе ја претстават „чекалницата” во која се наоѓаат граѓаните додека се донесе решение за секојдневното труење од согорување отпад.
„Ќе седиме, но не со скрстени раце, затоа што долгата битка која минатата есен ја нарековме Зелена револуција продолжува во 2020. Властите досега не исполнија ниту еден процент од списокот на барања на коалицијата Зелен фронт, а калкулирањето со законот за отпад, чиј рок за донесување беше крајот на минатата година, само потврдува дека животната средина е на дното на нивната листа на приоритети.
За граѓаните, и особено за младите, животната средина е највисокиот приоритет, особено во еколошката криза во која се наоѓаме, а која во огромна мера е последица на секојдневното неконтролирано внесување илјадници тони отпад како гориво за индустриските капацитети. Наместо политичките лидери веднаш да преземат мерки за спречување на оваа закана за здравјето на нивните избирачи, тие купуваат време со патетични изговори, зад кои многу веројатно се кријат интересите на олигархијата во државава.
Но вистинската моќ се наоѓа во колективот, а младите обединети зад скопскиот огранок на глобалното климатско движење ќе го поведат во отпор кон компромитираните политички елити и кон долгорочна промена на културната и политичка ориентација во однос на прашањето на животната средина. Во следниот период нашите активности во оваа насока ќе кулминираат преку герилски акции, демонстрации и различни форми на граѓанска непослушност“, велат од младинското движење за климатска правда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

