Македонија
Дескоска: Наместо да измислуваат афери, ВМРО-ДПМНЕ да подготват амандмани на законот за ЈО
Штом дојде на дневен ред Законот за јавно обвинителство очигледен е очајот и стравот на ВМРО-ДПМНЕ, поради што нивните фејкери на чело со Антонио Милошоски се пуштени на најјако, се јави со реакција министерката за правда, Рената Дескоска, по обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ во врска со правосудниот испит.
„Во септември минатата година е донесен нов Закон за правосуден испит, кој предвидува спроведување на усен испит по кривично право (кривично материјално и процесно право), граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право), трговско право, трудово право, уставно уредување на Република Северна Македонија и Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, организација на правосуден систем и управно право и судир на закони и меѓународна правна помош. Предметите кои се предвидува да се полагаат се во согласност со програмите на земјите во регионов каде се спроведува правосуден испит од ист или сличен тип.
Програмата за испитите ја изготви Комисија составена од професори и судии кои ги подготвија испитните прашања, листата на прописите и правната литература. Задолжителен дел на испитот е познавање на прописите. Правосудниот испит се полага од Уставот и од законите и на него се бара знаење за примена на правните одредби.
Листата со правната литература е индикативна, доколку некој од кандидатите има потреба од дополнителни разјаснувања. На листата на правна литература се учебници кои се одобрени на правните факултети во Северна Македонија и меѓу нив се учебници напишани од професорите: Камбовски, Тупанчески, Лажетиќ, Калајџиев, Мисоски, Илиќ- Димоски, Арнаудовски, Груевска – Дракулевски, Родна Живковска, Тина Пржеска, Гале Галев, Јадранка Дабовиќ Анастасовска, Дејан Мицковиќ, Ангел Ристов, Арсен Јаневски, Татјана Зороска Камиловска, Поликсена Гравровска, Тони Дескоски, Саво Климовски, Гордана Силјановска-Давкова, Тања Каракамишева и други.
Овие учебници, најголем дел од кандидатите ги имаат од периодот на нивното студирање, но и да ги немаат ниеден кандидат не е обврзан да ги купи. А учебникот од Поликсена Гавровска и Тони Дескоски и да сака ниеден кандидат не може да го купи, бидејќи истиот е објавен во 2011 година и целиот тираж е исцрпен. Учебникот е коавторски, а едниот автор е починат. Авторите имаат дадено одобрение за фотокопирање на учебникот без авторски надомест и тоа го знае секој студент на правен факултет. Испитот по овој предмет е дел од програмата за правосудни испити во државите од регионот, а во Северна Македонија учебникот на проф. Поликсена Гарвровска и проф. Тони Дескоски е единствен одобрен учебник кој го обработува тековниот закон, по кој се учи на најдобро рангираниот правен факултет кај нас. Ако ВМРО-ДПМНЕ и особено Антонио Милошоски има забелешка на стручноста на проф.
д-р Тони Дескоски, ги повикувам истото јавно да го кажат, а не да измислуваат афери таму каде што ги нема.
Им порачувам на ВМРО-ДПМНЕ и на Антонио Милошоски, да се посветат на подготовка на амандмани на Законот за јавно обвинителство, ако мислат дека има потреба да се прават измени на текстот. Само така ќе покажат дека се спремни да го остават зад себе времето на “моќници”, на “нарачани лустрации и прогони” и да ги стават интересите на евроинтеграцијата пред личните интереси на обвиниетите и осомничените криминалци од нивните редови“ се вели во реакцијата на Дескоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бислимоски го информирал Собранието за оставката, РКЕ му се заблагодарува за долгогодишната соработка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, го известил Собранието дека поднесува оставка од функцијата, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Согласно Законот за енергетика и Статутот на Комисијата, тој ќе ја извршува функцијата сè додека не биде донесена одлука за престанок на мандатот.
Од РКЕ информираат дека институцијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности согласно законските обврски. Од Комисијата, вработените и членовите му се заблагодаруваат на Бислимоски за долгогодишната соработка.
Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата.
Македонија
Скопскиот и Полошкиот регион со најмногу одобренија за градење во последниот период – доминира високоградбата
Бројот на одобренијата за градење во декември 2025 година е намален за 17.4 отсто во однос на истиот период од претходната година, соошти Државниот завод за статистика.
Во декември 2025 година се издадени 237 одобренија за градење, што е за 17.4 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3 988 378 илјади денари, што е за 19.5 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 140 (59.1 %) се наменети за објекти од високоградба, 42 (17.7 %) за објекти од нискоградба и 55 (23.2 %) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 237 објекти, на 132 (55.7 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 105 (44.3 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 411 станови со вкупна корисна површина од 38 300 м2.
Во Скопскиот и Полошкиот Регион се издадени најмногу одобренија за градење, 51.
Македонија
Декември со околу 60.000 туристи: најмногу пристигнале од Турција, Бугарија и Србија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември минатата година, во Македонија престојувале 59.521 туристи, кои оствариле вкупно 112.001 ноќевање.
Од вкупниот број туристи, 63,3 се странски, а 36,7 проценти домашни. Кај ноќевањата, странските туристи учествувале со 57,6, а домашните со 42,4 отсто.
Во периодот јануари – декември 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 6,0% во однос на истиот период лани. Детално по сегменти: Домашни туристи: намалување за 2,2%, Странски туристи: зголемување за 10,3%.
Кај вкупниот број на ноќевања е забележан раст од 0,8%, при што: Ноќевањата на домашни туристи се намалени за 4,1%. Ноќевањата на странски туристи се зголемени за 6,4%
Најмногу туристи пристигнале од Турција: 7.303, Бугарија: 5.214, Србија: 4.736 и Грција: 3.438.
Премиерот Христијан Мицкоски денес, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.
Тој рече дека минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, а она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10 отсто. Мицкоски рече дека се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок.

