Македонија
(Видео) Мицкоски од Гевгелија: За еден месец рангирањата покажуваат хибриден режим, најкорумпиран систем и одлив на мозоци
Она што можам ние како ВМРО-ДПМНЕ да го вклучиме во нашата предизборна програма, но и онака кое што цениме дека практично ќе дојде како корисен совет и корисна навигација од страна на сите овие целни групи, вклучително приоритет даваме на стопанството бидејќи без здрава економија, без здрав реален сектор државата не може да напредува, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на средба со граѓаните на Гевгелија.
„Денеска сме овде во Гевгелија, посетивме два такви стопански производни капацитети, разговаравме со сопствениците и мислам дека корисни заклучоци произлегоа од тие состаноци. Дел од тие препораки се веќе предвидени во рамките на програмата „Обнова на Македонија“, но дел ќе бидат и предвидени.
Но, она што останува навистина траорно и она што станува тешко се сите оние порази кои што практично изминатиот месец веднаш после отпочнувањето на новата 2020 изборна година ги доживува нашата земја, а тоа се сите оние порази на ранг листи на реномирани светски институции како што е ова веќе последното дека Македонија е меѓу првите во Европа по одлив на мозоци. Потоа претходно имавме исто тава една статистика објавена од страна на реномираниот економист дека практично Македонија е меѓу водечките земји во Европа по невработеност кај младите.
Потоа тука дојде онаа листа која што ја објави Транспарентност Интернационал каде што Македонија е меѓу најкорумпираните држави во Светот на 106 место, практично пад од цели 12 места, падот на индустриското производство, падот на бројот на вработени во рамките на индустријата, сето она што беше наречено хибриден режим од истиот оној „Економист“, сите оние скандали, корупција во здравството во сите сфери практично не треба да ги обесхрабруваат граѓаните, но сепак треба да останат запаметени дека причинител на сите овие неправди е Зоран Заев и СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ затоа е заедно со граѓаните, затоа Обновата е пред вашиот дом, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од вашиот град е заедно со граѓаните, со бизнис заедницата и останатите целни групи, за да можеме сето она кое што го планираме да го добиеме како потврда од страна на нашите соговорници. Но и она кое што не е дел а би требало да биде вклучено во нашата изборна програма да го вклучиме соодветно на нашата предизборна стратегија“ истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Власта со нов закон го силува правото и ја продолжува легализацијата на дивоградби“, велат од Левица
„Група пратеници од власта до Собранието доставија срамни предлог измени, на уште посрамен и исклучително погрешно замислен и применет закон, Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Уште кога беше донесен овој закон во 2011 година – со кој се легализира неправото – се воведе реална опасност за легализација на секаков тип на објекти, без разлика на нивната безбедност. Неспособноста на своите градоначалници за урбанистичко и просторно планирање ДПМНЕ повторно сака да ја продолжи за уште пет години!“, велат од Левица.
„Предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со кои се продолжува рокот за „легализација“ на дивоградбите, практично претставуваат уште еден обид за административно решавање на длабоко системски, урбанистички и безбедносен проблем, без суштинска анализа на последиците врз јавниот интерес. Клучниот проблем не е само во продолжувањето на рокот, туку во начинот на легализација кој државата упорно го практикува со години.
Дивоградбите, согласно постојната и предложената регулатива, се легализираат исклучиво со геодетски елаборат, без никаква обврска за документација за конструктивниот систем; проектна документација за изведена состојба; увид во начинот на изведба на носечките елементи, проверка на електро, водоводни и канализациски инсталации; мислење или верификација од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
Со тоа, државата свесно создава правен статус за објекти за кои нема никаква трага за нивната безбедност. Во земја која се наоѓа во сеизмички активна зона, каде Скопје и други градови имаат историско искуство со катастрофални земјотреси, ваквиот пристап не е само технички пропуст, туку институционална неодговорност. Легализацијата во ваква форма не значи „уредување на состојбата“, туку премолчено прифаќање на потенцијално небезбедни конструкции, префрлање на ризикот врз идните корисници и општеството, создавање на градови со правно легални, но технички непознати објекти.
Дополнително, со секое ново продолжување на роковите, државата испраќа јасна порака дека бесправното градење се исплати, урбанистичките планови се препорака, не обврска и дека оние што граделе согласно закон се доведени во подредена позиција.
Левица потенцира дека ова не е прашање на „флексибилност“ кон граѓаните, туку прашање на јавна безбедност, урбанистичка правда и социјална одговорност. Треба ли да потсетиме повторно дека во Кочани трагедијата се случи токму во легализирана дивоградба?
Доколку навистина постои намера за решавање на проблемот со дивоградбите, тогаш секоја легализација мора да вклучи:
-задолжителна техничка документација (основен проект со сите фази) и конструктивна проценка;
-проверка на сеизмичката отпорност;
-минимални стандарди за безбедност и функционалност;
-мислење од сектор за урбанизам за усогласеноста на објектот со постоечките урбанистички планови.
Со ова би се добила вистинска институционална одговорност, а не само административна формалност. Во спротивно, продолжувањето на роковите е само одложување на ризикот, кој нема да исчезне, туку ќе се манифестира при првиот сериозен земјотрес, хаварија или инфраструктурен дефект.
Државата не смее да го стимулира бесправното градење и урбанистичкиот хаос, туку напротив, мора да биде гарант на безбедноста и квалитетот на живеењето“, се наведува во соопштението на Левица.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 12 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Стопанска Комора на Р.С. Македонија на улицата „Димитрие Чуповски“ и улицата „Даме Груев“ и сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Адвокатите на Заев вршеле притисок, предметот „Пуч“ останал неотворен во СЈО
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наместо како независнa институција, функционирало како партиски штаб на СДСМ, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста, повикувајќи се на изјави од поранешната обвинителка Лејла Кадриу.
Според Кадриу, четворица адвокати на Зоран Заев во времето на СЈО вршеле притисок врз обвинители за предметот „Пуч“.
„Во СЈО дошле 4 адвокати на Зоран Заев, да ги убедуваат обвинителите да се пуштат лица од притвор за предметот „Пуч“. Биле убедувани да дадат позитивно мислење за да може предметот да се преземе од ОЈО ГОКК, за да може предметот да биде работен од СЈО“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што се наведува, предметот потоа бил донесен во СЈО, спакуван во кутии и фолија, и доделен на обвинителките Ленче Ристоска и Лиле Стефановска, но не бил процесуиран.
„Предметот бил оставен да фаќа прашина, а обвинителките не оделе на рочиште, што според обвинителката Кадриу, тој предмет и денес ако се најде, се уште би бил со заштитна фолија, ниту отворен, ниту разгледан. Кадриу тврди дека предметот бил префрлан и чуван без суштинска постапка, што отвора сомнежи за неговото реално процесирање“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Кадриу посочува и дека најмалку уште два предмети, меѓу кои случаите поврзани со Гордана Јанкуловска и Нешковски, биле политички мотивирани и користени за постигнување одредени политички цели, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство да ги истражи наводите темелно и непристрасно, со цел, како што наведуваат, да се утврди вистината и евентуалната одговорност.

