Македонија
(Видео) Заев: Не е возможно некој да ми украл дел од прислушуваните разговори за „Монструм“

Адвокатот Насер Рауфи, кој ги застапува обвинетите, го испрашуваше доскорешниот премиер Зоран Заев за сѐ што знае поврзано со случајот „Монструм“.
Рауфи на почетокот го праша Заев дали се среќавал со семејствата на осомничените за убиството, како што се среќавал со семејствата на убиените момчиња, на што тој рече дека имал средба со братот на осомничениот Фејзи Азири, а сѐ со цел, како што рече, да се дојде до вистината.
„Прислушуваните материјали се чуваа во мојата канцеларија, во делот каде што пристап имав само јас. Ниту еден член на правниот совет, без мое присуство, немал допир до тие материјали. Јас ја исклучувам можноста некој да ми украл материјали за јас да не му ги предадам на СЈО“, рече Заев.
„Автор на предметот ‘Монструм’ е Синиша Алексовски, вака рековте, ве цитирам“, рече Рауфи.
На ова претседателот на СДСМ рече дека тој само кажувал сѐ што чул од јавноста, макар да е и од телевизија.
Во петкратното убиство на 12 април 2012 година беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски. Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, а на осудените им определи мерки на претпазливост.
По укинувањето, „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се’ уште гори кај Јасен, активни пожари на четири локации низ Македонија

Денес до 18 часот се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор. Од нив, четири се активни и моментално се гаснат, додека шест се целосно изгаснати.
Активните пожари се лоцирани во различни делови на земјата. Еден од нив е во Националниот Парк Јасен во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума. Друг пожар е пријавен во село Теарце, општина Теарце, каде што се гори ниска вегетација. Во општина Сарај, во село Радуша, исто така се активни пожари кои зафаќаат сува трева и мешана шума. Четвртиот активен пожар е во општина Кичево, на потегот помеѓу селата Челопејци и Миокази, каде исто така гори мешана шума, соопшти Центарот за управување со кризи.
Надлежните служби постојано апелираат до граѓаните да ги почитуваат сите препораки и забрани за палење оган на отворен простор, со цел да се спречи ширење на пожарите и да се заштитат природните ресурси.
Македонија
Најмногу туристи ни дојдоа од Турција во јуни

Според податоците од Државниот завод за статистика, во јуни годинава во земјата биле регистрирани вкупно 126.415 туристи, од кои 20,1 отсто се домашни, а 79,9 проценти странски туристи.
Од странските туристи кои ја посетиле земјата во јуни 2025 година, најмногу дошле од Турција – вкупно 34.366 лица, следат Србија со 8.897, Германија со 8.011 и Холандија со 3.604 туристи.
Во периодот јануари – јуни 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 13,5%, со намалување од 2,5% кај домашните туристи и зголемување од 19,7% кај странските туристи. Вкупниот број на ноќевања во првото полугодие се зголемил за 8,5%, при што кај домашните има мало намалување од 1,1%, а кај странските зголемување од 13,3%.
Македонија
Забрана за нови вработувања, поткуп, користење државен имот за кампања – ДКСК потсетува на забраните од денот на распишувањето на изборите

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) информира дека во периодот од распишувањето на локалните избори во 2025 година до конституирањето на советите на општините и Градот Скопје важат специфични забрани и мерки.
Нови инвестиции и вонредни исплати од буџетот не смее да почнат или се извршат, освен ако претходно се обезбедени средства во согласност со законот.
Забрането е почнување постапки за нови вработувања или престанок на работен однос во државните и во јавните институции, освен во итни случаи.
Политичките партии и кандидатите не смее да користат противправни или анонимни извори на финансирање.
Државниот имот и буџетските средства не смее да се користат за изборна кампања или финансирање политички активности.
Поткупот на избирачи и давањето или ветувањето подарок за гласање е строго забрането.
Во периодот од 20 дена пред изборната кампања до нејзиното завршување не смее да се одржуваат јавни настани поврзани со изградба или пуштање во употреба објекти со државни средства.
Министерството за финансии е задолжено да ги објавува сите буџетски исплати во изборниот период, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци.
Јавните фондови, претпријатијата и другите субјекти со државен капитал треба да достават податоци за моторните возила до ДКСК во рок од десет дена од распишувањето на изборите.
Користењето службени простории, опрема и возила за изборни активности е забрането.
Забранети се притисокот и заплашувањето гласачи и нивните блиски лица.
ДКСК ќе ја следи законитоста на изборниот процес и ќе презема мерки при сомневање за прекршување на законите.
Во изборниот период Комисијата нема надлежност да дава мислења по барања поврзани со постапките на државните и на локалните органи.
ДКСК ги повикува медиумите, здруженијата на граѓани и јавноста да пријавуваат прекршувања на забраните предвидени во законот.