Топ
Под истрага тројца браќа за пукањето кон полицаецот во Велес, им помагало и дете

Отворена е истражна постапка против тројца браќа поради пукањето кон полициски службеник што се случи вчера во близина на градските гробишта во Велес.
Станува збор за лица на возраст од 43, 29 и 22 години, од кои едниот се сомничи за убиство во обид, а другите за помагање. Од Обвинителството информираат дека со осомничените било и дете, кое ја држело полициската службеничка да остане настрана и ја оневозможило да му помогне на својот колега.
Полицискиот службеник во СВР Велес заедно со своја колешка во цивилна облека вршеле работни задачи поради зачестената појава на крадење чанти и паричници од лица што ги посетуваат гробиштата на своите блиски.
„На критичниот ден оштетените биле забележани од тројцата пријавени, со кои било и едно дете. Тројцата пријавени се доближиле до оштетените, а едниот од нив физички го нападнал полицискиот службеник. Потоа му се придружиле и неговите двајца браќа. Во еден момент тие го турнале полицаецот на земјата, па еден од нив се борел со него, а другите двајца ѝ задале неколку удари на неговата колешка. Детето ја задржувало оштетената да остане настрана и ја оневозможило да му помогне на колегата“, информираат од Обвинителството.
Еден од осомничените му го одзел на полицаецот службениот пиштол и додека тој бил паднат на грбот, од пиштолот испукал три куршуми кон него нанесувајќи му прострелни рани во пределот на стомакот и ногата.
„При испукувањето од пиштолот настанал застој, па полицаецот искористил момент да стане и да се оддалечи од местото на настанот. Осомничениот со пиштолот почнал да го брка и да трча по него, успеал повторно да го оспособи и репетира пиштолот и повторно испукал еден куршум во правец кон полицаецот“, додаваат од Обвинителството.
До судија на претходна постапка при Основниот суд во Велес е поднесен предлог за определување мерка притвор за осомничените лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Застреланиот лекар Шаини ја брани сопругата: Ги отфрлам тврдењата дека зад ова стои госпоѓата Арјета Ајдини

Застреланиот лекар Зекирија Шаини ги отфрли како неосновани и невистинити тврдењата дека неговата сопруга Арјета Ајдини е вмешана во вооружениот напад врз него. Тој побара од истражните органи итно да ја расчистат ситуацијата и обвини дека целиот случај е обид за негова дискредитација.
„Целосно ги отфрлам како неосновани и невистинити тврдењата дека за ова стои госпоѓата Арјета Ајдини. Овој случај, за жал, се претставува со јасна намера за дискредитација на мене и моето семејство, како и за создавање збунетост и заблуда во јавноста,“ изјави Шаини, додавајќи дека нема никакви сознанија за мотивите на нападот и дека е подготвен за целосна соработка со институциите.
Тој апелираше случајот да не се третира како семеен спор. Кажа дека живее со сопругата и нивните две ќерки во село Слупчане и повика случајот да не се користи за политички поени во предизборниот период.
„Ќе продолжам со главата горе, од никого не се плашам, зашто лошо никому немам сторено,“ рече Шаини.
Иако поминаа само три дена откога беше застрелан на улица во Куманово, лекарот од Клиниката за пулмологија во Скопје Шаини, кој е носител на советничка листа на ДУИ за Липково, рече дека вечерва ќе излезе и на предизборен митинг.
Претходно беше објавено дека полицијата ја привела сопругата на Шаини и дека е била осомничена за вмешаност во обидот за негово убиство.
Македонија
Српски државјани добија забрана за влез во земјата и парична казна од 4.000 евра за шверц на цигари, биле уапсени во Скопје

Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда врз основа на спогодба од Основното јавно обвинителство Скопје против двајца државјани на Република Србија за криумчарење цигари.
Двајцата осомничени, на 1 октомври, преку граничниот премин „Блаце“ влегле во земјава, избегнувајќи ја царинската контрола и пренеле непријавена акцизна стока – вкупно 2300 штеки од по 10 кутии цигари со косовски бандероли во вкупна вредност од 3.220.000 денари.
Цигарите ги пренеле во товарно возило во сопственост на правно лице од Србија, скриени во импровизирани бункери во приколката и ја избегнале царинската контрола. Цигарите биле откриени од полициски службеници кои го забележале камионот и го контролирале на улицата „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје, додека во истото возило биле товарани цигари со македонски бандероли.
Согласно постигнатата спогодба која е потврдена од Судот, на обвинетите им е изречена парична казна од по 4.000 евра за секој, која се задолжени да ја платат веднаш и им е изречена казна протерување од земјата во времетраење од пет години.
Дополнително се одземени сите криумчарени цигари, камионот со приколка, 1.300 евра кои ги имале кај нив во моментот на сторување на делото и два мобилни телефони.
Македонија
Поликлиника во Расадник со пари од унгарскиот кредит најавија Ѓорѓиевски и Стаменкоска-Трајкоска

По триесет години празни ветувања, поликлиниката во Расадник станува реалност, кажаа денес актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО – ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и кандидатката за негова наследничка во Општината од ВМРО – ДПМНЕ, Бети Стаменкоска-Трајкоска.
„Овде зад нас обезбедивме градежна парцела за изградба на новата поликлиника, а целосно е изработен и основниот проект според кој новата зграда ќе се простира на . Објектот ќе биде лоциран токму на оваа локација, зад нас, зад постојниот паркинг во Расадник на централна и достапна локација за сите наши жители. Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари. На катот ќе биде интерна медицина, кожно, гинекологија, ординација за уво нос и грло заедно со административни простории“, рече Ѓорѓиевски.

Поликлиниката ќе биде на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат, рече Ѓорѓиевски
Парите за изградба на поликлиниката во Расадник ги обезбеди Владата. Заменик – министерот за здравство, Јовица Андовски, вели дека ќе биде објектот ќе биде сличен со неколкуте објекти што ги најавија изминативе месеци.
„Проектот ќе биде сличен како оној во Бутел што го потпишавме договорот, како што се изгради во Илинден, во Зелениково сме во завршна фаза со градење на поликлиника. Парите се обезбедени од Владата, односно од унгарскиот кредит. Сметаме дека е многу значајно граѓаните да имаат здравствена заштита поблиску до нивните домови. Со тоа нема да мораат да одат во другите општини за да го остварат правото на здравствена заштита“, рече заменик-министерот Андовски.
Стаменкоска – Трајкоска на граѓаните на Кисела Вода им вети дека ќе одржи континуитет на промените што се случуваа во изминатите четири години. Ќе изгради пешачко – велосипедска обиколка на Кисела Вода, ќе работи на проекти за здрава животна средина, на проекти за квалитетно образование, реконструкција на училишта и ќе ги продолжи сите почнати проекти.