Македонија
(Видео) Пендаровски: Полска е докажан партнер и поддржувач на нашите стратешки цели

Претседателот Стево Пендаровски, во рамките на официјалната посета на Полска, оствари средба со полскиот претседател Анджеј Дуда по што се одржа и заедничка прес-конференција, на која тој изрази благодарност за брзата ратификација на протоколот за членство во НАТО и постојаната поддршка од Полска за европските интеграции на земјава.
„Со претседателот Дуда имавме искрен и содржаен разговор, на кој констатиравме дека Република Северна Македонија и Република Полска одржуваат пријателски односи, со постојан политички дијалог, со растечка економска соработка и со обострана заложба за јакнење и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес. Во фокусот на средбите со нашите полски домаќини беше и остварувањето и на нашата втора стратешка цел – членството во Европската Унија, во контекст на претстојните самити на Унијата – во март во Брисел и во мај во Загреб“, истакна македонскиот претседател по средбата.
Пендаровски рече дека искуството на земјите од вишеградската група е исклучително полезно во нашиот процес на евро-атлантска интеграција.
„Во таа насока сакам да истакнам дека т.н. скопска конференција како платформа за размена на полските искуства во интеграциите е ефективна за нас. Задоволни сме што го споделуваме искуството и знаењето со нашите полски партнери на досега одржаните седум состаноци“, нагласи тој.
Претседателот изрази благодарност и за помошта од Полска во справување со бегалската и мигрантската криза на нашата јужна граница.
„Заклучно со март оваа година, 1.000 полициски офицери од Полска во рамките на 34 ротации и контингенти беа и ќе бидат вклучени во европската помош на нашата полиција и армија за обезбедување на таа граница“, објасни Пендаровски.
Додаде дека на средбата со полскиот колега била искажана подготвеност за зголемување на соработката во економијата, науката и образованието, како и зголемување на соработката во областа на безбедноста и одбраната.
„Заеднички заклучивме дека отворени прашања меѓу нашите држави нема, а од особена важност се развојот и интензивирањето на економската соработка за која постојат големи потенцијали од двете страни. Воспоставувањето на директната авиолинија меѓу Скопје и Варшава, а во летниот период и чартер-летовите меѓу Охрид и други полски градови, претставува важен чекор кон подобрување и олеснување на контактите помеѓу бизнис-заедниците на двете страни, меѓутоа и зголемување на бројот на посетите од страна на полските туристи“, нагласи претседателот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Искршен штаб на СДСМ во Градско, партијата бара Тошковски веднаш да постапи

Синоќа се искршени стаклата на изборниот штаб на СДСМ во Градско. Според партијата, овој насилнички и вандалски чин го покажува стравот на власта од изборен пораз во Градско.
„Бидејќи нема што да им понуди на граѓаните ДПМНЕ прибегнува кон валкани методи и кршење на демократските стандарди. СДСМ порачува дека било какви обиди за заплашување на граѓаните или членовите се јалови и неуспешни. Му порачуваме на ДПМНЕ дека никој не им се плаши. Ги повикуваме јавно, барем еднаш, истрчајте чиста изборна трка, без подметнувања, без инциденти“, велат од СДСМ.
Од партијата бараат МВР и Панче Тошковски да не ги штитат насилниците, туку веднаш да постапат, без партиски директиви МВР да го расчисти случајот до крај и сторителите да одговараат.
„СДСМ ќе продолжи достоинствено, мирно и храбро да ја води кампањата затоа што оваа борба е за нашата држава, за нашиот дом, за Македонија. Од народната волја бегање нема а изборен пораз не се брани со камења, тоа досега требаше да го научите“, велат од СДСМ.
Македонија
Од почетокот на годинава 18.458 казни за возење без возачка дозвола

Во периодот од 1 јануари до 30 септември во рамки на континуираните полициски активности во делот на сообраќајот во сите Сектори за внатрешни работи, вклучително и активностите на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, санкционирани се 18.458 возачи кои учествувале во сообраќајот без возачка дозвола.
Притоа најмногу вакви прекршоци се евидентирани на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Струмица и Скопје, 3.275 и 3.202 прекршоци, понатаму на територија на СВР Битола санкционирани се 2.811 возачи за возење без возачка дозвола, на подрачје на СВР Тетово изречени се 2.086 мерки, а во СВР Куманово санкционирани се 1.660 возачи за управување без возачка дозвола.
Во првата недела од октомври, односно заклучно со 07.10.2025 година во рамки на сообраќајните контроли досега констатирани се 373 прекршоци за учество во сообраќај без возачка дозвола.
„Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа сите да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта за сите нас“, велат од МВР.
Македонија
Во недела во Градскиот парк десетти јубилеен настан за поддршка на лицата со Вилсонова болест

Под слоганот „Подај рака“, во недела (12.10.2025) на летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк во Скопје со почеток во 10.30 часот ќе се одржи јубилејниот десетти по ред хуманитарен хепенинг за поддршка на лицата заболени од ретката болест Вилсон.
Целта на настанот е подигнување на јавната свест за ретките болести вклучувајќи ја и Вилсон, и поддршка на заболените, но и нивните семејства во справувањето со предизвиците со кои се соочуваат.
Организаторите на овој настан Здружението на граѓани за поддршка на лица со ретка болест – Вилсон, веќе 10 години по ред преку забава и рекреација се трудат да едуцираат и информираат дека кога станува збор за оваа ретка болест, навременото откривање и редовната терапија се клучни.
„Настанот, како и секоја година, ќе биде богат со веќе традиционалните трки: штафетна, детска трка, и трка за миленици, придружени со одлична музика, дружба и изненадувања за сите учесници. Со овој јубилеен настан ја славиме силата на заедништвото и се потсетуваме дека заедно можеме повеќе – да создадеме општество во кое лицата со ретки болести не се невидливи, туку рамноправни и поддржани“, велат организаторите.
„Здружението Вилсон искажува огромна благодарност до сите учесници и донатори со чија помош низ годините успеа да спроведе едукативни активности кои допреа до повеќе од 100 медицински професионалци. Беше организирана првата регионална конференција за Вилсонова болест, наменета за пациенти и лекари од Македонија, Србија и Бугарија. Воспоставена е соработка со светски експерти за Вилсонова болест и со сите релевантни домашни институции. Подобрени се условите за дијагностика и следење на болеста, обезбедени се услови за неопходни лабораториски испитувања кои за жал сеуште не се достапни во државата. Обезбедена е директна и континуирана поддршка за семејствата кои се соочуваат со Вилсоновата болест“, велат од Здружението.
Болеста Вилсон предизвикува нарушување во метаболизмот што доведува до таложење на бакар во црниот дроб, мозокот и очите, процес кој се одвива постепено, со години, пред појавата на првите симптоми. Натрупувањето на бакар во централниот нервен систем може да доведе до проблеми со говорот и голтањето, потешкотии во координацијата, тремор, неконтролирани движења, мускулна вкочанетост, промени во однесувањето. Сепак, Вилсоновата болест може успешно да се лекува. При навремено откривање на болеста и редовна (доживотна) терапија, пациентите со Вилсонова болест можат да имаат нормален живот, со минимални диететски рестрикции.