Македонија
Паднати дрвја и билборди под налетот на силниот ветер во Скопје
Невреме проследено со силен ветер и дожд вечерва ја зафати и земјава. Граѓаните од скопските населби јавуваат за паднати дрвја и за урнати билборди на улиците под налетот на силниот ветер којшто дуваше.
Метеоролозите најавија за утре облачно, студено и ветровито со повремени врнежи претежно од снег. Во планинските региони и во западните делови ќе се формира нова снежна покривка од 10 до 20 сантиметри. Долж Повардарието врнежите ќе бидат од дожд и снег и на места ќе се формира помала снежна покривка. Поради силниот ветер (над 70 км/час) ќе има услови за појава на снежни наноси.
Невреме попладнево имаше и во Сараево, попратено со силен ветар и дожд, а во некои делови беа поплавени и неколку улици со што беше отежнат сообраќајот. Силниот ветер откорна и кров од еден објект, а имаше и турнати билборди и искршени гранки.
Силно невреме, со ветрови кои кршат гранки и откорнуваат покриви од куќите го зафати денеска целиот регион. Град и снег паѓаа во Хрватска, а силното невреме највеќе го почувствуваа жителите на Загреб и Риека. Црвен метеоаларм е најавен и за во Црна Гора, а во Србија има за 15 степени пониски температури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лашкоска: Обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес ја посети Гевгелија каде заедно со градоначалникот, Андон Сарамандов, се приклучија на акцијата за масовно пошумување и подигање на јавната свест „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“ во рамките на која на месноста Топлик, Гевгелија се засадуваа 6000 дрвни насади.
„Министерството за животна средина ги поддржува активностите за пошумување во државата бидејќи тие се значаен ресурс од повеќе аспекти – заштита на биодивезитетот, подобрување на квалитетот на воздухот, климатските промени, заштита од ерозија и свлечишта и се важен економски ресурс“ изјави Лашкоска на настанот потенцирајќи дека обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво особено во услови кога сме соочени со многу високи летни температури и со сериозно опожарување на шумите на територијата на целата држава.
Таа упати честитки и благодарност до градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов и општина Гевгелија за одлично реализираната акција.
Во рамките на посетата на општина Гевгелија, заменик министерката Лашкоска и градоначлникот Сарамадов направија увид во реализацијата на проектот за намалување на загуби на вода со замена и инсталација на водомери заедно со инсталација и конфигурација на опрема со далечинско отчитување. Проектот го имплементира ЈКПД Комуналец Гевгелија, а е финансиски поддржан од страна на МЖСПП со средства во висина од 5 милиони денари.
Македонија
СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре ќе го одржи 30. партиски Конгрес, на којшто ќе биде избрано новото партиско раководство.
Од опозициската партија известија дека Конгресот ќе има отворен и работен дел, ќе се разговара за идните, нови политики на партијата и ќе биде избрано новото раководство, однсно членовите на највисиките тела во СДСМ – Централниот и Надзорниот одбор.
На почетокот, ќе има обраќање на Венко Филипче, кој пред пет месеци ја презема претседателската функција од неговиот претходник, Димитар Ковачевски по големиот пораз што го претрпе партијата на парламентарните и претседателските избори.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ контра Кузеска: Оваа Влада вложува во модернизација, претходната потроши 5 милиони евра на службени возила
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која што вложува во модернизација, професионализација и осовременување на условите за работа во македонските институции, СДС и ДУИ во своето владеење за службени возила потрошиле повеќе од пет милиони евра, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролката од СДСМ, Богданка Кузеска.
„Очигледно на функционерите од СДС изминатите седум години на власт, најважна им била сопствената комоција, а не и реалните проблеми на обичните луѓе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека во буџетот за 2025 година предвидено е зголемување на средствата за модернизација на МВР, одбраната, здравството, земјоделието, односно предвидени се зголемени средства за набавка на опрема во сите институции.
Кузеска претходно денес на прес-конференција обвини дека власта ги одби амандманите за поголеми плати, а ќе троши на мебел и скапи автомобили за функционерите.