Македонија
Заев: Не можам да поверувам дека човечки органи и отпад се третирале аматерски, Обвинителството е на тест

„Многу вознемируваат информациите и фотографиите за несоодветното третирање на медицинскиот отпад. Како граѓанин на оваа држава, како родител и како одговорен политичар не можам да поверувам дека човечки органи и медицински материјали се третирале аматерски со потенцијална опасност заразите да се пренесат на луѓето“, напиша лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на „Фејсбук“.
Според него, подвигот на градскиот инспектор да влезе во „Екоклуб“, да направи фотографии и да ја фати на дело фирмата која опасниот отпад го третирала несоодветно треба да преставува мотив за надлежните институции за што побрзо решавање на случајот.
„Јас и моите соработници нема да дозволиме некој да профитира врз здравјето на нашите сограѓани. Заврши времето кога никој не водеше сметка за екологијата и здравјето и кога се замижуваше пред вакви скандали. Овој случај на тест го става, пред сѐ, Јавното обвинителство, кое треба да покаже независност и политичка неутралност во утврдувањето одговорност на оние што медицинскиот отпад го претворале во храна за кучиња скитници.
Но, овој случај е голем тест и за ВМРО-ДПМНЕ, партијата за која фактите говорат дека е поврзана со фирмата што го расфрлала медицинскиот отпад. ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека тие што неодговорно се однесуваат кон јавното здравје, ќе бидат казнети и од институциите и од граѓаните“, порача Заев.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вчера објави видеа и фотографии, на кои, како што беше посочено на прес-конференцијата, се гледа неодговорното и несовесно постапување со медицинскиот отпад, каде што кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.
Министерството за животна средина и просторно планирање, дознавајќи од медиумите за одржаната прес-конференција на Инспекторатот на Град Скопје, каде што беа изнесени нивни сознанија од извршен увид во работењето на компанијата „Екоклуб“ ДООЕЛ Битола, веднаш изврши увид во издадените дозволи за вршење третман на медицински отпад и воспостави контакт со Државниот инспекторат за животна средина за дополнителни информации во однос на спроведените надзори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наградени ќе бидат полицајците кои вчера ја спасија жената во Вардар

Министерот Панче Тошковски, се сретна со полициските службеници Кристијан Стефановски и Жико Ѓорѓиевски – хероите кои вчера ја спасија жена во водите на реката Вардар.
Министерот на средбата со нив уште еднаш потенцираше дека важноста на полицијата и нејзината вистинска сила и влијание врз животот и благосостојбата на граѓаните се гледа во најтешките човечки моменти.
„Херојските дела како вашето, кога директно се спасува човечки живот е повеќе од службено постапување, тоа е вистинска пожртвуваност и посветеност кон мисијата да се чува безбедноста и сигурноста на секој граѓанин и целото општество.“, потенцираше министерот Тошковски при честитките до двајцата полициски службеници за нивната херојска постапка.
Тој нагласи дека во рамките на законските можности тие ќе бидат наградени за нивната херојска постапка која е инспирација за сите нас унапредувањето на хуманиот аспект на нашите дела и постапки како обични луѓе и професионалци.
Македонија
Повозрасните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајки, порача Тошковки

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје денеска реализираа превентивна акција „Внимавај телефонски измами“ насочена кон едукација на нашите повозрасни граѓани кои се најчеста жртва на таквите измами.
Преку непосреден разговор и делење на едукативен материјал граѓаните беа едуцирани дека најчест вид на измама е измамата со лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеник, адвокат, обвинител или доктор ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некого во сообраќајна незгода и се обидуваат да извлечат пари од жртвата така што за одредена сума би му помогнале на детето кое е во неволја.
„Измамниците на тој начин се обидуваат да ги злоупотребат повозрасните лица. Денес во градскиот паркот во Скопје успеавме да разговараме со голем број повозрасни лица и да ги информираме за таквите измами и модус операнди или начинот на работа на измамниците. Апелираме доколку некој добие таков повик е потенцијална жртва на таква измама, никако да не дава пари, да го прекине разговорот веднаш да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести и своите најблиски“, апелираше министерот Тошковски.
Во првата половина на оваа година досега се пријавени вакви 16 настани а за период од пет години досега се расветлени 40 настани, при што се поднесени кривични пријави против 16 лица, за сторени 40 кривични дела „измама“, додека за останатите настани се преземаат мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави.
Македонија
(Видео) Избегната катастрофа кај Брезница, пожарот се движи кон Козјак

Денес се регистрирани десет пожари на отворен простор, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, предупредувајќи дека бројката може да се зголеми до крајот на денот.
Ангелов упати нов апел до граѓаните, особено до земјоделците и сточарите, да бидат исклучително внимателни додека ги извршуваат своите активности во овој критичен период.
Најтежок за гаснење и натаму е пожарот што со денови гори во „Јасен“. Според Ангелов, едниот крак бил ставен под контрола во ноќна битка со огнот, при што била спречена негова експанзија кон селото Брезница.
„Не дозволивме пожарот да премине преку шумски пат, со што понатаму ќе беше загрозено селото. Исчистени беа дрвјата долж патот и линијата беше гаснета целосно. Благодарение на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), пожарникарите од Македонски Брод и вработените во ‘Јасен’, овој крак е стопиран“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека состојбата на другата страна на гребенот, кон езерото Козјак, е многу потешка поради непристапниот терен. Таму пожарот се движи, а очекувањата се дека ќе биде стопиран кај карпестиот предел, а за таа цел таму поставени се надлежните служби.
Покрај „Јасен“, активни пожари се регистрирани и во Лозово, каде што гори шумска површина, во Долнени – со пожар на ниска вегетација, како и во Куманово, во атарот на селото Липково, каде што активни се два пожари, од кои едниот е реактивиран.