Црна хроника
Босна отвара нова истрага за смртта на претседателот Трајковски
Босанските власти ќе отворат нова истрага за авионската несреќа во која загина македонскиот претседател, Борис Трајковски, јавува во вторникот Алфа телевизија.
Шефот на комисијата за истражување на воздухопловни несреќи при Министерството за транспорт и врски на Босна и Херцеговина, Омер Кулиќ за телевизијата потврдил дека нашле доволно докази кои фрлаат нова светлина за причините за падот на „кингерот“ на покојниот македонскиот претседател Борис Трајковски.
Решението со кое се отвора нова истрага за неколку дена ќе ја испратат до македонските власти.
Во понеделникот во Скопје, адвокатот на семејствата на загинатите од падот на „кингерот“, Игњат Панчевски изјави дека поседува сателитска видео снимка на која се гледа како од воен авион е стрелано со ракета, како е погоден претседателскиот авион и како се урнал.
Во јули македонскиот министер министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на својот босански колега Дамир Хаџиќ му достави документ со нови сознанија за падот на авионот во близина на Мостар, во кој загинаа тогашниот македонски претседател Борис Трајковски и неговите соработници.
Новиот извештај на кој работеа десетици македонски експерти, пилоти и правници лоцирал многу пропусти на првичната истрага од страна на босанските воздухопловни власти кои не биле истражени.
Министерот Јанакиески му упати на Министерот Хаџиќ официјален предлог за повторно отворање на истрагата и му предложи формирање на мешовита работа група за таа цел.
Владиниот „кингер“ со кој патуваше претседателот Трајковски на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина на 26-ти февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар.
Беше предвидено авионот да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот. И македонското и босанското обвинителство случајот го затворија како несреќа. Официјално несреќата се случила поради грешка на пилотите.
Сомнежите дека загинувањето на Трајковски не е несреќен случај, туку убиство ги поттикна швајцарскиот пратеник во европскиот парламент Андреас Грос. Тој беше и иницијаторот за формирање на анкетната комисија која ги истражува околностите под кои загина претседателот Трајковски.
Во несреќата покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан – Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски./крај//мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

