Македонија
„Усје“: Протестите се на погрешна локација, работиме во согласност со највисоките стандарди
„Цемантарница ‘Усје“ е отворена компанија и, како и досега, и денес ги отворивме вратите и ги поканивме граѓаните што дојдоа да протестираат да нѐ посетат, да ги постават сите прашања и да се уверат на самото место дека работиме по највисоките стандарди. За жал, оваа покана беше одбиена од нивна страна. Потенцираме дека ‘Усје’ работи во согласност со највисоките стандарди и нашата работа нема никаква корелација со состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје. Овие наши тврдења може да се проверат во кое било време, а сите податоци се јавно достапни“, се вели во реакцијата на компанијата по денешните протести на невладините организации.
„Оттука, потенцираме дека протестите пред ‘Усје’ се на погрешна локација и посочуваме дека паушалните обвинувања и тврдења што се изнесуваат во јавноста од страна на дел од граѓанските и невладините организации се неодговорни и ја доведуваат во заблуда јавноста, а ни малку не придонесуваат за подобрување на состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје. Ваквите неосновани тврдења создаваат целосно погрешна слика за нашата компанија, а истворемено создаваат и негативна слика за граѓанскиот сектор.
Убедени сме дека постои желба за искрена намера за подобрување на состојбите во животната средина, ние ги поддржуваме сите такви заложби и самоиницијативно преземаме низа активности во таа насока. За да се подобрат состојбите во животната средина, мора сите заложби да се засноваат на факти, а не на перцепција и целосно неосновани тврдења.
‘Усје’ и понатаму ќе продолжи да работи во согласност со највисоките стандарди што важат во земјата и во Европската Унија и во иднина ќе ги поддржи сите искрени намери“, се додава во реакцијата.
„Уа, катанец на „’Усје’“, „Доста нè труете, сакаме да дишеме“, „До кога ќе горите гуми и отпад“, довикуваа и свиркаа граѓаните додека менаџерот на фабриката на денешниот протест се обиде да даде изјава и да објасни дека „Усје“ не е загадувачот на воздухот во Скопје. Револтираните граѓани што дојдоа на протестот пред фабриката прашуваа дали е точно дека тука во ноќните часови се гори сомнителен отпад, се крева црн чад и обвинија дека надлежните не преземаат никакви мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплата на образовниот додаток за втор мерен период за учебната година 2025/2026 година
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека во тек е исплата на образовниот додаток за втор мерен период за учебната 2025/2026 година.
Исплатата на додатокот за образование се врши во четири мерни периоди, и тоа:
-за првиот мерен период во текот на месец декември во тековната календарска година,
-за вториот мерен период во текот на месец февруари во наредната календарска година,
-за третиот мерен период во текот на месец мај во тековната календарска година и
-за четвртиот мерен период исплатата се врши во текот на месец јули во тековната календарска година.
Македонија
Тошковски – Брунер: Европската интеграција, борбата против организираниот криминал и зајакнатото гранично управување во фокусот на средбата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со комесарот за внатрешни работи и миграција на Европската унија, Магнус Брунер, на која беше потврдена силната посветеност на Република Северна Македонија кон евроинтегративниот процес и понатамошното усогласување со европските стандарди во областите правда, слобода и безбедност.
На средбата министерот Тошковски изрази благодарност за континуираната експертска и финансиска поддршка од Европската унија, нагласувајќи дека Министерството за внатрешни работи останува кредибилен партнер кој активно придонесува за безбедноста на Унијата преку спроведување на проектите, реформите, усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ и имплементација на мерките од Реформската агенда.
На средбата беше констатирано дека партнерството со институциите на Европската унија има клучна улога во унапредувањето на националната и европската безбедност, при што беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката во наредниот период.
Македонија
Општина Илинден: Засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита
Општина Илинден продолжува со засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита на својата територија, со цел зголемување на проточноста и намалување на ризикот од поплави, информираат од општината.
Во изминатиот период беше реализирано чистење на коритото на Сува Река, на потегот од вливот на „Бучинско езеро“ до излезот од населеното место Бучинци, во должина од 850 метри. Дополнително, извршено е чистење на сисавецот на главниот канал „Млака“, на потегот од пречистителната станица во населеното место Илинден до вливот во главниот канал, во должина од 800 метри.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски изврши увид на каналот „Шамак“, во н.м Кадино каде во моментов се спроведува чистење во вкупна должина од 1.200 метри. Како што истакна градоначалникот Георгиевски, по обилните врнежи овој канал беше утврден како критична точка, а неговото расчистување е од особено значење за безбедноста на жителите од овој дел на општината.
Имајќи предвид дека каналската мрежа на Општина Илинден е под нивото на реката Вардар, одводнувањето се реализира со пумпни уреди преку кои се испумпуваат до 2.800 литри вода во секунда, што дополнително ја потенцира потребата од редовно и навремено одржување на системот. Благодарение на континуираното чистење и одржување на каналите и речните корита, изминатиот период со обилни врнежи беше надминат без потешкотии и несакани последици.
Согласно Годишната програма на Општината, Годишната програма на Водостопанство и Акциониот план за чистење на каналската мрежа, во текот на 2026 година предвидено е чистење на вкупно 24.250 метри канали и речни корита на територијата на сите населени места во Општина Илинден.
„Општина Илинден и годинава ја презема обврската за покривање на водниот надомест за редовно одржување, чистење и нивелирање на отворените канали, со што јасно ја демонстрира својата континуирана заложба за подобрување на инфраструктурата и обезбедување побезбедна, почиста и поквалитетна животна средина за сите граѓан“, се истакнува во соопштението.

