Македонија
Спасовски на средба со претставници од ДИК: Да покажеме дека можеме да организираме фер избори

Премиерот Оливер Спасовски придружуван од повеќе министри одржа состанок со претставници на Државната изборна комисија (ДИК).
Како што информираат од владината прес-служба, на состанокот била изразена силна заедничка определба за организирање и спроведување фер и демократски избори.
„Покажавме како држава во претходните изборни циклуси дека можеме да организираме и спроведеме фер избори. Да го продолжиме тој позитивен тренд и на овие вонредни парламентарни избори во името на демократската и интеграциската иднина на нашата земја“, изјави премиерот Спасовски.
На состанокот било разговарано и за активностите што се преземаат во делот на соодветното евидентирање лица со право на глас, како и за материјално-техничките, просторни и кадровски потреби посочени од ДИК, со цел непречена реализација на изборите.
Во таа насока донесени се неколку заклучоци: прво, ДИК да достави до Владата спецификација за потребните материјално-технички услови за изборите, второ, ДИК да достави известување за потребните обуки на членовите на изборните комисии и избирачките одбори, со цел нивно соодветно организирање и е договорена заедничка средба на премиерот Спасовски, на владини претставници и на претставници од ДИК со претставници на ЗЕЛС, со цел овозможување на потребните просторни и други услови за граѓаните да може да го остварат своето уставно право на глас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претседателката на Советот на Општина Битола ќе се кандидира за градоначалничка

Актуелната претседателка на Советот на Општина Битола од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, Габриела Илиевска, утрово објави дека како независна ќе се кандидира за градоначалничка на Битола.
Таа ги повика граѓаните да се приклучат против, како што вели, 30-годишното запоставување на градот.
„Добро утро Битола! После сите шпекулации, написи, приказни, плукања, честитки … еве да расчистиме!
Ве повикувам сите битолчани, без разлика дали сте симпатизери или членови на било која политичка партија, гласачи досегашни на било која политичка опција, досегашни “негласачи” … сите… кои сакате да живееме во …поуба, почиста, непартиска, независна Битола. Да ме поддржите за независен , кандидат за градоначалник и да се приклучите кон фронт против 30 и кусур годишното запоставување на градот. Или сите заедно против партиското уништување на Битола или ќе му остајме да не уништуваат. Без уцени за работни места! Без уцени за тендери! Без уцени за директори! Без заплашувања, прв пат Битола ќе има шанса да одлучи кој ќе ја води во следните 4 години“, напиша Илиевска.
Македонија
„Еразмус+ под раководство на Димова во служба на СДС, Фрчкоски, кој јавно го навредува македонскиот народ, награден со 200 илјади евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Криминалот и корупцијата се врежани во матрицата на СДС. Со секој изминат ден на виделина излегува криминалот и корупцијата кои СДС го правеле низ институциите. Власта и управувањето на институциите им служеле единствено да ги задоволат нивните партиски потреби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Таков класичен школски пример на злоупотреба на институцијата и проневера на финансиските средства за задоволување на поединци, блиски до СДС е Агенцијата Еразмус+. Љубомир Фрчкоски, кој важи за протеже и гласноговорник на СДС за навредување и омаловажување на македонскиот народ, бил награден од Агенцијата со 200 илјади евра.
Во време на Зоран Заев и Лидија Димова од Еразмус+, Фрчкоски добил грант вреден 200 илјади евра преку програмата ,,стратешко партнерство”.
Имено, два месеци по неговото назначување за ректор на еден факултет, благодарејќи на добро познатите блиски врски на Фрчкоски со СДС, институцијата го добива првиот грант во неговата историја.
Скандалозно во овој грант е тоа што половина периодот додека траел проектот Фрчкоски бил амбасадор во ОН во Њујорк односно, проектот траел од 01.12.2020 година до 30.11.2023 година, а амбасадорскиот мандат му започнал од 20.04.2024.
Се поставуваат прашањата, како Фрчкоски го работел овој проект како амбасадор и кој го евалуирал? Дали некој од Агенцијата вршел контрола за тоа како се води токму овој проект и зошто проектот не бил прекинат кога Фрчкоски бил испратен за амбасадор во ОН?
Ова само потврдува дека со парите од Еразмус+ СДС го плаќале Фрчкоски за тој да одработува за нив, да ги брани и поддржува по телевизии и по потреба да вреѓа и омаловажува неистомисленици, како и македонскиот народ.
Овој пример само покажува дека на СДС партискиот интерес им бил над државниот и тоа е нивниот начин на работа“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Фото) Герасимовски изврши увид во училиштето Димитар Миладинов: Целосно ги реконструираме фискултурната и свечената сала

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, направи увид во реконструкцијата што се одвива во ООУ „Димитар Миладинов“, каде во тек е целосно обновување на фискултурната сала, свечената сала и меѓупросторот меѓу нив.
Во фискултурната сала се заменува целиот под со нов паркет, се обновуваат ѕидовите и плафонот, се поставуваат енергетски ефикасни светла и се оспособуваат прозорците, додека свечената сала добива целосно нова бина, нови скалила, обновен паркет и подобрени услови за користење, извести Општината.
„Подобрувањето на училиштата останува еден од нашите клучни приоритети. Со реконструкцијата во училиштето „Димитар Миладинов” создаваме современи, безбедни и инспиративни простори во кои децата ќе можат да учат, да спортуваат и да се развиваат. Инвестицијата во нивното образование и здрав развој е инвестиција во иднината на Центар“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Реконструкцијата на Свечената сала, предвидува целосно нова бина и нови скалила, а постоечкиот паркет се струга и лакира. Во тек се молерисувањето на ѕидовите, замената на плафонските светла со штедливи, оспособувањето на прозорците за отворање и отстранување на стара остава со непотребен материјал.
Паралелно, се работи и на меѓупросторот, каде се заменува оштетениот под и се изведуваат молерисувачки зафати, се додава во соопштението од Општината.