Македонија
Трајковски се пријавил како оштетен сведок во случајот со Меѓународниот сојуз, но не го повикале да даде исказ

Обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, пред воведниот говор пред судот се пожали на намалена концентрација. Посочи дека кусо ќе образложи како ќе се брани во постапката, за потоа да каже дека обвинителниот акт е политички монтиран. Тој тврди дека Општина Гази Баба и тој постапувале законски.
„Не бев подготвен за воведен говор, мислев за вината ќе зборуваме. Гледам нови поротници“, рече Трајковски, а адвокатот Страшевски му потшепна: „Ќе ти истече времето“ алудирајќи на тоа што претходно судијата Ставрев ограничи за 7 минути да го заврши говорот.
Трајковски рече дека сакал да направи поврзување меѓу „Рекет“ и ТНТ. Тој посочи дека бил да се пријави кај Вилма Русковска како оштетен сведок за да даде изјава за парите што оштетениот Ардијан Амзоски му ги дал на Меѓународниот сојуз, но се пожали дека не го викнале.
„Не ме викаат да дадам изјава. Еве, не ме викаат. Сакам да дадам изјава“, рече Трајковски.
Обвинетиот е дециден дека пред судот со докази ќе докаже невиност.
„Во оваа судска постапка ќе докажеме дека обвинителниот акт, кој е поднесен од страна на сега обвинетата Катица Јанева, е комплетно политички монтиран и сигурно ќе докажеме дека во таа политичка конструкција има многу фактори. Ова го говорам надоврзуајќи се на обвинителот Бурим Рустеми, кој преку медиумите потенцира дека во ист момент два обвинителни акта не може да опстојат. Ова Обвинителство во 2011 година, кога ги имаше речиси истите докази како и сега, ќе докажеме дека одлучило оти законски сме постапувале, а незаконски постапувал инвеститорот за што ова исто Обвинителство, по спроведената истрага, поднело обвинителен акт до овој Кривичен суд и тој бил прифатен и процесиран со закажани судски рочишта против инвеститорот. Ќе докажеме дека преку конструкција на еден обвинителен акт, веројатно политички мотивиран, се сака да се докаже нешто што е спротивно на законот иако во минатото сите учесници во изградбата потврдија со документација дека со умисла го сториле делото бесправно градење“, рече Трајковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.