Вести
Шест цивили загинаа во коалициско бомбардирање врз IS во Сирија, Ирак отвори истрага за Фалуџа

Најмалку шест цивили загинале а десетици се ранети во воздушните напади од саботата извршени од силите САД кои ја водат антиџихадистичката коалиција врз позиции на Исламската држава во северна Сирија, објави во неделата опозицската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон, а истовремено военото обвинителство на соседен Ирак започнало истрага за гинењето на цивили при армиското бомбардирање на градот Фалуџа, во провинцијата Анбар, објави ирачкото министерство за одбрана.
Претставник на меѓународната коалиција којашто ја предводат САД, изјавил дека во саботата биле изведени 16 воздушни напади во областа на градот Рака, во истоимената северна сириска покраина, кој е и фактички главен град на „калифатот“ кој го прогласи џихадистичката Исламска држава на големите териториите што ги контролира во Сирија и во Ирак.
Од своја страна SOHR изјави дека во воздушните удари, кои се сметаат за најмасивните во последниот период, „биле убиени 22 лица, шест цивили меѓу кои и дете, а другите загинати се припадници на Исламската држава“, пренесува AFP.
Во неделата министерството за одбрана на Ирак, каде што е вториот фронт против Исламската држава, објави дека се спроведува „проверка на фактите за загинувањата на деца и жени како резултат на бомбардирањето на градот Фалуџа од ирачките војски“. Командата на армијата донела одлука да поведе истрага откако на офицери им била предадена аматерска видеоснимка за смртта на четири деца и нивните мајки за време на бомбардирањата во Фалуџа, пренесува ТАСС.
Во неделата агенциите пренесуваат дека од Фалуџа доаѓаат информации за ново големо бомбардирање од рачките војски врз градот, кој практично целосно е под контрола на Исламската држава. Во нападите врз џихадистичките позиции биле убиени 47 лица, но меѓу жртвите повторно имало цивили, вклучително и неколку деца.
Кон крајот на јуни Советот на ирачката провинција Анбар, во кој се наоѓа Фалуџа, апелираше владините сили да не ги гаѓаат цивилните објекти во ирачките градови кои се под контрола на џихадистите, туку да преземаат прецизни целени напади врз позициите на кои се борците на Исламската држава. Советот тогаш побара и да прекинат бомбардирањата врз цивилните објекти во Фалуџа.
„Овој град секојдневно е изложен на неселективно бомбардирање од страна на единиците на армијата, што предизвикува жртви меѓу локалното население, главно деца, жени и повозрасни лица“, беше истакнато во соопштението на Советот на Анбар.
Терористичката група во ненадејната офанзива од минатото лето во северен Ирак освоите големи територии. Во моментов Исламската држава под контрола има една третина од територијата на Ирак, а во покраината Анбар контролира околу 80 отсто./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.