Македонија
Mарш во спомен на жртвите од трагедијата кај Ласкарци

По повод годишнината од трагедијата кај Ласкарци каде што во автобуска незгода загинаа 16 лица, а десетици други беа повредени, во четврток, на 13 февруари, ќе се одржи граѓански марш, информираат од општина Гостивар.
Според најавата на општинските власти, маршот ќе започне на местото каде што се случи трагедијата, кај село Ласкарци, а ќе заврши на градскиот плоштад во Гостивар, со рута во должина од околу 55 километри.
Како што се наведува, иницијативата доаѓа од група планинари, а ќе биде целосно поддржана од Општина Гостивар.
„Покрај сеќавањето на жртвите од трагедијата, со овој марш имаме намера да испратиме порака до надлежните државни институции да ги преземат сите неопходни мерки за поголема безбедност во патниот сообраќај, како и да апелираме до сите учесници во сообраќајот вакви трагедии да не се повторат“, велат организаторите на маршот.
Општина Гостивар ги охрабрува граѓаните да учествуваат што помасовно на маршот, а дел од него ќе биде и градоначалникот Арбен Таравари кој заедно со неговите соработници, симболично ќе испешачи неколку километри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.