Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Заев ги лажел родителите на убиените кај Смилковското Езеро
„Зоран Заев монструозно го злоупотребувал масакрот кај Смилковското Езеро за политички цели од 2015 година па наваму. Кога се осмелил да лаже, да манипулира и да си игра со судбините на семејствата на убиените, но и на целата македонска јавност, можете да замислите на што сè е спремен Зоран Заев, што досега правел и сè уште прави“, изјави Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тој безочно лажел, ширел тенденциозни невистини, клеветел со намера да го оцрни политичкиот противник, но и со тоа да ги насочи истражниот и судскиот процес во погрешен правец. Тоа е кривично дело и за тоа Зоран Заев мора да одговара. Но, најстрашно од сè е што со своите лаги ги манипулирал родителите на убиените деца злоупотребувајќи ја оваа трагична судбина. Заев фабрикуваше за сега пред судот да се прави дека не се сеќава или да се вади дека нешто слушнал случајно. Родителите на суд кажаа, а медиумите пренесоа, какви монструозни лаги им кажувал Заев на средбите што ги имал со нив.
На родителите Заев им зборувал, замислете, дека Трајко Велјановски бил вмешан во убиството на Смилковското Езеро, па им говорел дека наводно телефонот на советникот за безбедност од кабинетот на тогашниот претседател Иванов бил пронајден на местото на убиството и слични инсинуации. Заев сега се прави недоветен, па или не се сеќава што зборувал или целосно негира. Тоа само покажува до каде одел некрофилскиот ум на Зоран Заев кога злоупотребувал нечија судбина за да измислува и пушта манипулации. Замислете, тој дури и во 2018 година лажел, па на родителите им зборувал дека убијците користеле возило од МВР, со што имплицирал дека полицијата го извршила овој грозоморен чин. Бедно од страна на Заев!
Имено, по одлуката на Врховниот суд за ослободување на осомничените за масакрот, во 2018 година, период кога Заев има апсолутна власт во Македонија, мајките на загинатите деца имале средба со Заев и тој им кажувал дека возилото ‘опел омега’, што го користеле убијците, било на МВР. Замислете, за оваа своја лага сега Заев се вади дека нешто прочитал, па им пренел на родителите. Ни доказ, ни истрага, ни бутур, туку имаме безочна лага од Заев, со намера да ги дискредитира истрагата и судскиот процес, а само и со цел за ситни политички поени“, додаде тој.
Според Ѓорѓиевски, сега на јавноста ѝ е јасно зошто осомничените и веќе еднаш осудени за убиството се наоѓаат на слобода и зошто радосно и насмеани си правеа селфи со Заев по неговото сведочење на суд.
„Зоран Заев првин ќе се соочи со судот на народот на 12 април за овие и за сите други лаги. По 12 април, Заев ќе треба да одговара и кривично поради своевидното попречување на правдата и манипулациите со масакрот кај Смилковското Езеро за ситни политички поени. По 12 април, Заев никогаш повеќе“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.
Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.

