Вести
Сеул бара извинување од Пјонгјанг, преговорите продолжуваат

Јужна Кореја предупреди во понеделникот дека нема да ја прекине својата пропагандна војна на границите сé додека Северот не се извини за гранатирањето, во моментите кога двете земји водат маратонски преговори за намалување на воената напнатост на Корејскиот полуостров, но и двете страни го засилуваат военото присуство на границата.
Јужнокорејската претседателка Парк Гуен-хи предупреди во понеделникот додека високите претставници на двете земји повторно започнаа повеќечасовни преговори зад затворени врати во демилитаризираната зона во пограничното место Панмунџом, во кое во 1953 година е потпишан договорот за прекин на огнот по војната која започна во 1950 година.
„Северна Кореја мора да изнесе јасно извинување за провокацијата и да гарантира дека нема да има нови провокации“, изјави претседателката Парк и обвини дека Пјонгјанг ја предизвикал сегашната криза со „провокативните активности“.
Средбата на високите воени и владини претставници во демилитаризираната зона во споменатиот своевиден парк поделен со воено-демилитаризациската линија почна набрзо по истекот на рокот кој го даде Северна Кореја на Јужна за прекинување на емитувањето на пропаганда долж границата со закана за воена акцијата. Рокот истече без инциденти поради започнувањето на преговорите. Меѓутоа, според јужнокорејската телевизија YTN, во моментов уште од 11 пунктови на границата се активни пропагандните звучни инсталации.
Преговорите во Панмунџом ги водат јужнокорејскиот советник за национална безбедност Ким Кван-Џин и неговиот севернокорејски колега Хванг Пјонг-Со, кој се смета за близок соработник на младиот челник Ким Јонг Ун. По првиот круг од преговорите кои траеше без прекин десет часа, двете страни ги продолжија преговорите во неделата попладне кои сé уште траат и во понеделникот.
Односите меѓу Југот и Северот на Корејскиот полуостров ескалираа откако на четвртокот и двете земји разменија артилериски оган во западниот дел од Демилитаризираната зона. Според Сеул, први оган отвориле севернокорејските војски, а нивна цел биле звучните инсталации од кои Јужна Кореја неодамна по десет години пауза започна да емитува пропаганда против власта во Пјонгјанг. Причина за тоа беше експлозијата на нагазни мини во бафер зоната кога тешко настрадаа двајца јужнокорејски војници, за што Сеул го обвинува Пјонгјанг, кој тврди дека со тоа нема поврзаност.
Јужна Кореја истрела околу 30 проектили на севернокорејска територија, по што Пјонгјанг даде 48-часовен ултиматум Сеул да престане со пропагандата, или ќе следува воздушен напад. Во моментов активни се 11 такви звучници, но сепак од саботата започнаа преговори на највисоко ниво во последната деценија за надминување на кризата.
Претходно во неделата утрото, јужнокорејски воени извори соопштија дека и покрај започнатите меѓукорејски разговори за намалување на тензиите по неодамнешната размена на оган, Северна Кореја двојно го зголемила бројот на артилериските единици на границата, како и дека речиси 70 отсто од нејзините подморници, неколку десетици, ги напуштиле своите бази и испловиле на отворено море. Шест јужнокорејски борбени авиони од типот „F-16D“, исто така во неделата, предвреме ја завршија заедничката воена вежба со армијата на САД „Red Flag Alaska“ која започна на 10-ти август на Алјаска поради неопходноста од зајакнување на воздушната одбрана во врска кризата.
Во понеделникот јужнокорејската новинска агенција Yonhap повикувајќи се на разузнавачки извори во Сеул објави дека Северна Кореја во Жолтото Море испратила 20 брзи борбени амфибии наменети за превоз на специјални сили за десант врз непријателска територија.
Од своја страна Јужна Кореја и САД во понеделникот разговарале за дополнително разместување на југот од Корејскиот полуостров бомбардери од типот „B-52“ и американска нуклеарна подморница стационирана во Јапонија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.