Македонија
Чулев во одморалиште на Пониква ги посети децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев оствари посета на зимското одморалиште на МВР во Поинква каде што се сместени и го минуваат зимскиот одмор децата и семејствата на загинатите бранители.
На средбата Чулев истакна дека должност на властите е да им помагаат на семејствата чии членови го жртвувале животот за државата и дека така ќе се постапува секогаш кога ќе има законска можност за тоа.

„Нивната важност и значење за нашата држава не може да се измери, затоа што жртвите кои тие ги дале за татковината доволно говорат за нивната љубов и патриотизам. Ова ме задолжува мене како министер, министерството за внатрешни работи но и сите останати институции да излеземе во пресрет на нивните барања“, рече Чулев на средбата.
Министерот ја искористи посетата и за кратка средба со припадниците на Единицата за специјални задачи „Тигар“, кои на Пониква реализираат дел од нивната зимска обука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕУ го поздрави Договорот: Железницата меѓу Македонија и Бугарија ќе ја зајакне регионалната безбедност
Европската Унија го поздрави потпишувањето на Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8 меѓу Македонија и Бугарија.
На „Икс“ мрежата, претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта напиша дека изградбата на железницата е потик во регионалниот развој и зајакнување на регионалната безбедност.
„Го поздравувам потпишувањето на договорот за прекуграничниот тунел на Коридорот 8 меѓу Бугарија и Северна Македонија – голем чекор напред во соработката меѓу двете земји и промоција на добрососедските односи. Освен што развива билатерални врски, новата железница ќе го поттикне регионалниот просперитет и ќе ја зајакне нашата заедничка безбедност“ стои во објавата на претседателот на Европскиот Совет.
Исто така и еврокомесарката Марта Кос го поздрави потпишувањето на Договорот и објави:
„Бугарија и Северна Македонија се согласија да ја продолжат работата на Коридорот 8. Клучен проект што ги поврзува Јадранското Море со Црното Море преку пат и железница. Ова е важен чекор за градење доверба преку регионална поврзаност, заеднички просперитет и комуникацијата меѓу луѓето“, напиша еврокомесарката Кос.
Договорот за изградба и оперативност на железничкиот тунел на Коридор 8, вчера во Ѓуешево го потпишаа заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов.
Пругата на Коридор 8 покрај економското значење за Македонија, за регионот и Европа, има и безбедносно значење од аспект на НАТО Алијансата.
Македонија
Ѓорѓиевски за акцијата за чистење: Ова што вчера го почнавме не е маркетинг
Ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сѐ се може, вели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во врска со најавената голема акција за чистење на Скопје, чиј почеток беше означен синоќа кај салата „Борис Трајковски“ а на која беа присутни градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ на скопските општини како и премиерот, Христијан Мицкоски.
Ѓорѓиевски, останатите градоначалници и премиерот синоќа на „Фејсбук“ објавија фотографии од камиони и друга механизација која ќе го чисти Скопје, а беа објавени и фотографии од работници со лопати, багери во Вардариште и слично.

„Завршува времето кога Скопје беше град на депонијата. Уште вчера, од првиот ден од преземањето на функцијата градоначалник ја започнавме генералката за чистење на градот. И тоа нема да биде само 72 часовна акција – тоа ќе продолжи во континуитет, секој ден. И ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сѐ се може. Тоа, всушност е наша обврска, за тоа граѓаните нѐ плаќаат. Чистиот воздух, почитувани, многу зелени површини и решенија за отпадот се темелите на еден здрав град. Скопје мора да стане лидер во еколошките политики, со конкретни и видливи резултати“, објави скопскиот градоначалник.
Инаку денеска се одржа првата конститутивна седница на Советот на Град Скопје со новиот состав и со Ѓорѓиевски на чело. Тој кажа седницата е чин каде што се испраќа силна порака дека демократијата живее преку одговорноста, соработката и визијата за подобро Скопје.
„Во наредниот период ќе се фокусираме на неколку клучни приоритети: Да обезбедиме ефикасен јавен превоз, но и да го модернизираме, кој ќе ги поврзува сите делови на градот. Ќе вложуваме во нови автобуси, подобрување на сообраќајната сигнализација и безбедноста на улиците. Нема да дозволам урбанизацијата да биде хаотична, туку планирана и во интерес на граѓаните. Тоа го покажав во Кисела Вода, а така ќе биде и во градот Скопје. Ќе се залагаме за рамнотежа меѓу развојот и заштитата на јавниот простор“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека Градот ќе обезбеди поддршка за младински проекти, иновации, културни иницијативи и спорт и дека ќе обезбеди јавен пристап до сите информации, отворени податоци и отчетна администрација.
„Транспарентноста е исто така еден од врвните приоритети на кои се фокусираме. Скопје од вчера е отворен град за сите. Граѓаните мора да знаат како се користи секој денар од градскиот буџет. Ќе обезбедиме јавен пристап до сите информации, отворени податоци и отчетна администрација“, рече Ѓорѓиевски.
Македонија
Цвета корупцијата во земјоделието, дали и Трипуновски е замешан во шемата на неговиот директор Стоилев, прашуваат од СДСМ
Цвета корупцијата во земјоделието, дали и Трипуновски е замешан во шемата на неговиот директор Стоилев?
Кога директор на државна институција, Илија Стоилев, кадар на ДПМНЕ е фатен со обележани банкноти за мито јасно е дека корупцијата во земјоделието цвета, истакнуваат од СДСМ.
„Година и пол се зборува дека се бараат провизии, дека се задржуваат предмети, дека службеници трпат притисоци. Сега тоа доби потврда со раце фатени во криминал.
Очигледно станува збор за систем на рекетирање во институција што треба да биде мотор на развојот. И тоа е систем на ВМРО-ДПМНЕ и на никој друг.
Со години се градеше поинаков систем што требаше да им помогне на земјоделците, да ја отвори вратата кон европските фондови и модерно земјоделство. Но за само година и пол под оваа власт на ДПМНЕ, сè е срушено“.
Според СДСМ, се потврдува оценката на Европската унија во својот најнов извештај: „нула напредок во борбата против корупцијата.“
„Наместо да зборуваме за инвестиции, модерни фарми и извоз, денеска зборуваме за рекет, обележани пари и мито во фиоки.
Прашањето сега е што правиме со министерот Цветан Трипуновски?
Зошто молчи? Ќе има ли оставка од Трипуновски, ќе понесе ли одговорност? Или ќе гледаме уште една фарса со смена на некој службеник, додека главните виновници остануваат недопирливи?
Дали ова е дел од поширок систем на злоупотреба на европски пари што треба да завршат кај земјоделците, а завршуваат во партиски џебови?
Колку други случаи на земање мито и корупција се прикриени во Агенцијата и Министерството“, прашуваат од опозициската партија.
Додаваат дека додека земјоделците чекаат исплати, парите од ИПАРД и субвенции завршуваат во рацете на партиски рекетари и за тоа мора да има одговорност од сите.

