Македонија
Независниот академски синдикат на Пендаровски му ги посочи проблемите во високото образование
Независниот академски синдикат (НАкС) оствари средба со претседателот на државата, Стево Пендаровски. На средбата која се одржа во петокот, НАкС го претставувале Маја Стевановиќ, Мирјана Најчевска, Бранимир Јовановиќ, Виктор Стефов и Елена Џукеска.
„На средбата се разговараше за финансиските проблеми со кои се соочуваат универзитетите, како и за најавеното покачување на платите од 10%, за кое Собранието на РСМ сè уште нема донесено одлука. Претставниците на НАкС ја поздравија иницијативата за покачување на платите на вработените на јавните универзитети, но посочија дека, поради тоа што товарот за додатоците за стаж паѓа на универзитетите, ваквите ад-хок покачувања можат дополнително да го загрозат финансиското работење на единиците на универзитетите, при што вработените повторно нема да можат да се стекнат со ова покачување“, се наведува во соопштението на Независниот академски синдикат.
Покрај тоа, претставниците на синдикатот го пренеле и ставот за основањето нови синдикати на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „Св. Климент Охридски“ од страна на ректорите, за кое рекле дека претставува недозволиво мешање во синдикалното здружување.
На средбата, од страна на претставниците на НАкС било потенцирано дека е нужно во најкраток рок да се потпише сеопфатен гранков колективен договор, во кој на системски начин би се уредиле правата на вработените.
Во соопштението на синдикатот се нагласува дека претседателот изразил разбирање за проблемите со кои се соочува високото образование и ја потенцирал потребата да се преземат конкретни чекори за решавање на наталожените проблеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

