Македонија
Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи законот за Јавното обвинителство

Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи законот за Јавно обвинителство. Тие упатија апел до ВМРО-ДПМНЕ да даде конструктивни и издржани амандмани кои заедно ќе ги поддржат и во интерес на граѓаните да се донесе законско решение во духот на градењето доверба во создавањето правна држава и дополнително заедно да и помогнеме на нашата држава во евроатланските процеси.
„Во насока на постигнување на консензус по однос на понуденото законско решение за законот за Јавно обвинителство, како и одржаната јавна расправа по однос на истиот, а со цел донесување на закон кој треба да ги почитува принципите на независност, владеење на правото, почитување на правата на обвинетите, осудените и оштетените во кривична постапка, ние како Независна пратеничка група од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, ги застапувавме следните ставови и еве што постигнавме: Јавниот обвинител кој ќе раководи со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да биде избран со непосредно гласање на сите обвинители, по завршената академија обвинителите да мора 3 години да бидат во основни обвинителства, ја дефиниравме дисциплинската постапка како не би можела да биде злоупотребена, јавното обвинителство повеќе не може да заснова обвинение врз основа на незаконски прислушкувани материјали, согласно забелешките на сите присутни експерти на јавната расправа во однос на преносот на надлежностите од СЈО во ОЈО, а во духот на времениот карактер за кој СЈО беше формирано, предложивме преземање на предметите од јавните обвинителства согласно надлежностите утврдени со овој закон.
Обвинението за случаите Талир 1 и Талир 2 поднесени после законскиот рок се обвиненија во кои отпаѓаат незаконски прислушкуваните материјали, и со тоа ја исправаме неправдата, односно даваме фер шанса сега без незаконски прислушкуваните материјали да ја докажат невиноста и неаргументираноста за постоење на овие случаи. Предложивме уништување на незаконски прислушкуваните материјали, на прецизен начин, јасно опишано во овој закон. Го прецизиравме рокот за конечно одлучување по жалби. Собранието до отпочнување на примената на овој закон (30.06.2020) ќе го усогласи кривичното законодавство со европските стандарди при што во преодните одредби ќе ги наведе броевите на членовите од новиот закон кои кореспондираат во членовите од кривичниот законик“, се вели во соопштението.
„Нашите искрени намери во овој период беа да се изнајде решение со кое ќе се обезбеди функционирањето на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности и со цел да се оневозможи реваншизам, а да се овозможи правда“, велат од Независна парламентарна група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Метеж на границите: на Табановце и Богородица се чека по 45 и 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, информира АМСМ.
Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез е околу 45 минути додека на ГП Богородица времето на чекање за влез и излез од државата е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
ВНИМАТЕЛНО: АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делегации на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа по повод 2 Август, Денот на Републиката

Делегации на ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на Републиката, 2 Август, ќе положат свежо цвеќе на неколку локации низ Македонија, во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе ја предводи партиската делегација во Ташмаруништа, каде ќе положи свежо цвеќе заедно со претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струга и заменик министер за правда, Ален Деребан и пратеникот Јован Јаулески.
Во Скопје на 3 локации, партиската делегација ќе ја предводат градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски и пратеничката, Катерина Димитровска. Тие ќе положат свежо цвеќе пред Споменикот на Претседателот на Крушевската Република, Никола Карев во 10:00 часот, пред споменикот на АСНОМ (парк Жена Борец) во 10:20 часот и пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто (плоштад Македонија) во 10:40 часот.
Партиска делегација ќе положи свежо цвеќе и во Пелинце во 11 часот, која ќе ја предводи пратеникот Бране Петрушевски, а во состав на пратеникот и член на ИК, Миле Лефков, како и директорот на Државниот студентски дом Скопје, Александар Каровски.
Во Крушево, партиската делегација ќе положи свежо цвеќе на Споменикот на хероите на месноста „Слива“ во 10 часот и на Мечкин Камен во 12 часот. Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево ќе ја предводи Генералниот секретар, Ѓорѓија Сајкоски, а истата ќе биде во состав на претседателот на Унијата на млади сили, Сергеј Попов, претседателката на Унијата на жени, Жаклина Пешевска, членот на ИК, Ристо Симеонов и членот на ИК, Олга Лозановска.
Делегации на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и Патриотскиот институт, утре ќе положат свежо цвеќе на бројни локации во општините низ државата.
Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на централната прослава на 2 Август во Крушево

Под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 2 август, на „Мечкин Камен“ во Крушево ќе се одржи централната прослава на Денот на Републиката.
Чествувањето на Илинден ќе започне со положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, потоа на споменикот на хероите на месноста „Слива“, а ќе продолжи со панихида во храмот „Св. Никола“. Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе и на „Мечкин Камен“, каде што ќе има и свое обраќање.
Редослед на настани:
– 09:30 часот – положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, „Македониум“;
– 10:00 часот – положување свежо цвеќе на споменикот на хероите на месноста „Слива“;
– 10:30 часот – панихида во храмот „Св. Никола“;
– 12:00 часот – централна прослава на „Мечкин Камен“.