Македонија
Османи: Ја очекуваме поддршката од Холандија на претстојните самити на ЕУ

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи оствари средба со делегацијата на Комисијата за европски прашања при Парламентот на Холандија, предводени од пратеникот Хајке Велдман, претседател на Комисијата.
„Особено ја цениме билатералната поддршка која земјава во континуитет ја добива од Холандија, која особено внимателно е таргетирана во развојот на демократските капацитети на општеството, владеењето на правото, поддршка за реформите итн.“, истакна Османи, упатувајќи благодарност до делегацијата и за севкупната политичка поддршка за европските и евро-атлантските аспирации на земјава.
„Новата методологија претставува исклучително добра основа за да се забрза и унапреди квалитетот на преговарачкиот процес. Земјите членки ќе добијат засилен политички мониторинг и насочување на процесот, додека земјите кандидатки ќе добијат фер можност низ прецизен и јасен мерит систем на дело да покажат колку се подготвени за напредок во европските интеграции“, истакна Османи, пренесувајќи ги впечатоците на Владата по прашањето на новата методологија.
„Имаме позитивни сигнали дека методологијата ги задоволува барањата на земјите членки, што го враќа оптимизмот во процесот на проширување, враќајќи го со тоа и кредибилитетот на Европската Унија во регионот, кој по октомвриските самити беше значително нарушен“, истакна Османи, упатувајќи на силен оптимизам кој се создава во пресрет на пролетните самити на ЕУ, под палката на Хрватското претседателство.
„Очекуваме Советот да ја исполни обврската штоси ја постави и ова прашање да биде затворено пред мајскиот самит посветен на Западниот Балкан во Загреб“, посочи Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.