Свет
Излекувани повеќе од 3.000 заразени од коронавирусот, во Пекинг пристигнува нов тим на СЗО
Повеќе од 3.000 заразени од коронавирусот во Кина се излечени, а во Пекинг пристигнува нов тим на Светската здравствена организација, пренесуваат светските медиуми. Иако бројот на заразени се стабилизира, од Женева порачуваат дека треба да бидат претпазливи и дека сè уште е рано да се прогнозира дали епидемијата забавува.
Бројот на починати достигна 910, со што го надмина бројот на жртви од епидемијата на вирусот САРС во 2013 година, кој изнесуваше 774. Повеќе од 40.000 луѓе се заразени.
Крузерот со околу 3.600 патници, кој четири дена беше заглавен во Хонгконг, конечно доби дозвола да ги истовари патниците по негативниот тест за коронавирусот. На крузерот, пак, во јапонското пристаниште Јокохама потврдени се 130 заразени патници, а на бродот има и македонски државјани.
Охрабруваат информациите дека досега се излечени и пуштени од болница повеќе од 3.000 пациенти. Во градот Хангџоу, покраината Џеѓанг, пуштени се дури 12 пациенти од локалната болница, што е втора група пациенти кои во оваа болница се излекувани од вирусната болест.
„Една пациентка, која е пуштена од болница, ќе мора да биде изолирана во нејзината куќа 14 дена. Освен што ќе носи заштитна маска и` препорачуваме често да проветрува, да ги мие рацете и да не излегува од дома без дозвола. Нашата болница ќе ја следи нејзината состојба“ изјавил Мио Кинг, помошник-директор на болницата за заразни болести „Хеганг“.
Во борбата против вирусот помагаат двете новоизградени болници.
„Сериозните случаи, пациентите кои имаат треска или многу висока температура, ги третираме така што има даваме кислород, за да имаат доволен проток, исхраната е антивирусна и антиинфекциска. Тоа е дел од целосното лекување. Некои пациенти влегоа во стабилна фаза, сите показатели им се нормализираат, имаат добра ментална состојба, некои брзо закрепнуваат по лекувањето и изолацијата, а некои би требало да бидат наскоро пуштени“, рекол Џао Јујинг, директор на одделението за заразни болсети во болницата во Вухан.
Од денеска повеќе милиони луѓе се враќаат на работа по празникот за Лунарната нова година, која беше продолжена по 31 јануари, за да се спречи ширењето на вирусот.
Мерките за претпазливост остануваат на сила, вклучително и скратено работно време и селективно отворање на работните места. Улиците на главниот град на Кина се речиси празни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пожар зафати над 1.000 хектари шума во Нов Зеланд
Пожарникарите во Нов Зеланд повторно ја започнаа борбата со неконтролиран шумски пожар што зафати повеќе од 1.000 хектари во националниот парк „Тонгариро“ на Северниот остров, соопшти утринава противпожарната и спасувачка служба.
Пожарот започнал вчера попладне во популарната туристичка област „Тонгариро“, а околу 40 туристи биле евакуирани по воздушен пат. Акциите биле привремено прекинати преку ноќ поради безбедносни причини.
Заменик-командантот на противпожарната служба Ник Вест изјави дека пожарот се проширил во текот на ноќта, но засега нема информации за оштетени објекти или дополнителни евакуации.
Вест најави дека денеска преку воздушно извидување ќе се потврдат размерите на пожарот, а според првичните проценки, неговото ставање под контрола би можело да потрае уште најмалку еден ден.
Во акцијата се вклучени шест противпожарни возила и пет цистерни за вода, поддржани од шест хеликоптери и два авиони, соопшти службата.
Свет
Бајден со порака до Трамп: Ги посрами САД и ги издигна интересите на богатите над оние на обичните Американци
Поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, упати остри критики кон актуелниот шеф на државата, Доналд Трамп, посочувајќи дека тој го уништува не само Источното крило на Белата куќа, туку и целата земја, јави ДПА.
– Знаев дека Трамп ќе преземе деструктивни дејствија против земјата, но морам да признаам дека немав претстава дека ќе стане вистински уништувач, рече Бајден на гала-вечера на Демократската партија во градот Омаха, Небраска.
Поранешниот претседател демократ, кој сега има 82 години, ова го кажа во врска со проектот на Трамп на местото на Источното крило на Белата куќа да се изгради сала за балови. Трамп претходно изјави дека неговите планови за таква сала „нема да влијаат на зградата во нејзиниот сегашен изглед“.
– Ова е совршен симбол на неговото претседателствување, посочи Бајден.
– Трамп презеде деструктивни дејствија не само против домот на народот, туку и против Уставот, владеењето на правото и самата наша демократија, додаде поранешниот претседател.
Бајден директно му се обрати на Трамп во својот говор, изјавувајќи дека со своето однесување актуелниот шеф на државата ги посрамил САД и ги издигнал интересите на богатите над оние на обичните Американци.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.

